ВОСКРЕСНА YU ШЕНГЕН БЕЗ ГРАНИЦИ

Белешка

Ми звони телефонот, мобилниот што одвај што го слушам!

-Да – велам и очекувам гласот од другата страна.

Прво не го препознав, а и од каде, кога не сме се слушнале години. Беќе другар, колега од студентските денови (разбрав, откако ми кажа кој е).

-Виде? – му беше првиот збор.

-Што? – му реков и почекував да добијам во време да разберам, кој е и што бара.

-Како што бре?. Ете помладите колеги – новинари се организираа и заминаа. Отидоа до Врање и се вакцинираа против коронавирусот!

-Видов – му одговорив со малку задршка и потивок, несигурен глас.

-Како да ми беше криво. А, не ми беше, верувај! Не сум завидлив. Добро е што некому му текнало и нашол можност или врска и ја завршил работата, што се вели, додека да речеш ,,кекс,, на пример. А, во право се. Мора така, оти додека решат нашиве здравствени власти со кои вакцини да не ,,перцаат,, ќе скиниме конци или, како што се вели, ќе ги истегнеме нозете. Не дај Боже! По новинарите, чув дека и стопанствениците се организирале да заминат во Белград, па судиите, пратениците, студентите, по некоја нивна врска, еснафски сигурно и адвокатите, па банкарите и така со ред…  – ми кажува студенскиот другар.

Со разговорот, несакајќи се сетив на минатите времиња дека треба да се живее со комшијата. Оти, ако имаш добар комшија, може, како е во случајов, да ти се најде повеќе од брат. Затоа треба да се живее со комшијата. На мојот соговорник не му кажав дека се пријавив кај матичниот лекар и дека изразив  желба  да се вакцинирам. Кога ќе биде тоа, којзнае?!

Ми се наметна сликата кога како ученици во основно училиште кога немаше рентген одделение во болницата, во дворот до сите училишта доаѓаше мобилен рентген, камион посебно опремен. Сите ученици се качувавме. Прво машките, а потоа и женските со ред, одделение по одделение. Не снимааа против се сеќавам туберкулозни заболувања.

А, за вакцинирање, задолжително, нешто како ова сегашново. Во секое училиште доаѓаа лекари и сестри со стерилни шприцеви,а не  како сегашниве за една употреба и пак, одделение по одделение, во училница со ред, бевме вакцинирани – перцани, модерн имунизирани, или на хрватски, цепени. По недела или по десетина дена повторно доаѓаа лекарите и сестрите и ги проверуваа местата каде што бевме вакцинирани. И, сега се знае, каде сме отогаш и на која рака вакцинирани.

Си велам, пак со застарените методи некогашни. Остај го тоа. Тоа, беше во бившата СФРЈ, што после за многумина не чинеше, а можеби и сега не чини.  Во секој случај, добро е што имаме добри комшиите и ни се најдоа во ова кризно време. Затоа, се вели комшијата ти е поблизок од брат. Сепак, мислам дека можеби требаше да се организира на поинаков и за нас подобар начин. Дури праќаат по некое кутивче вакции и дури сега да пододуваме до Врање или Бујановац, нека дојдеа нивните лекари и сестри, заедно со пакетите вакцини и нека нé перцаат сите. Оти, се виде дека ние, сакале или не, ќе го колнеме до колнење со најлоши клетви, тие кои ја растурија, таа, Социјалистичка федеративна Република Југославија. Во неа бевме, на почетокот, Народна Република Македонија!!!

К.Р.

Loading