ДВА ПРАЗНИКА СЕ ДУХОВДЕН И ЗАДУШНИЦА

duhovden i zadusnica

Празникот Духовден, меѓу народот познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Света Тројца, Педесетница и.т.н се празнува 10 дена по Спасовден, а 50 по Велигден. Се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува 50 дена по Велигден, туку и затоа што на овој ден се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската гора.

Тој ден 12-те апостоли биле во Ерусалим. Испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус, се обесил, го пополниле со Матеја, кого го избрале со коцка од учениците Христови за нивниот број пак да е 12. Утрината се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар. Се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици што го претставуваат Светиот Дух.

По ова, апостолите зборуваат на разни јазици. Многубројниот народ, собран по силниот шум, помислил дека зборуваат неразбирливо, затоа што се пијани. Апостолот Петар објаснил дека луѓето не се пијани, туку се исполнети со Светиот Дух испратен од Господ. Ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш ја примиле верата Христова. Се покрстиле околу 3000 луѓе.

Празник се вика и Света Тројца, зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух.

Честопати се изедначуваат празниците Задушница и Духовден како денови на еден ист празник посветен на мртвите. Тоа се два различни дена со сосема различно црковни значења. За Задушница, се слави споменот на починатите. Паѓа секогаш во саботата пред Духовден, кој се слави секогаш во недела и го означува слегувањето на Светиот Дух.

Голем дел од граѓаните го поврзуваат Духовден со ,,духови,, и сметаат дека духовите на умрените стануваат од гробовите и шетаат низ гробиштата.

– Задушницата со празникот Духовден нема никаква врска, освен тоа што се поврзани календарски. Задушница е различно од празникот Духовден. Духовден е празник на Светиот дух, а не на духовите или нешто слично, затоа нема поента во одењето и седењето на гробиштата навечер во пресрет на Духовден. Тоа е остаток од паганската традиција – објаснуваат теолозите.

Петокот пред Задушница е неработен ден, граѓаните да се подготват за претстојниот ден.

Задушница секогаш е во сабота. Посветена е на споменот на починатите.

-Зборот задушница значи ,,за душата,,. Подразбира принесување жртви и молитви, а тоа е варена пченица и вино. Накаде се принесува и леб. Се ограничува жртвата, зашто православната црква има само бескрвна жртва. Раздавањето храна е непотребно и не треба да се практикува. За ден за покојните е одредена саботата. Затоа и задушниците се прават секогаш во сабота. Значи, помените не треба да се прават во недела, туку секогаш во сабота – велат теолозите.

Православните христијани во недела го слават еден од 12-те најголеми христијански празници, празникот Духовден.

-Духовден е роденден на црквата. Поради слегувањето на Светиот Дух се основала црквата, се собираат апостолите и сите кои поверувале и биле крстени од нив, сите се собираат во едно тело, чија глава е самиот Господ Исус Христос – велат свештениците.

Loading