ЗБОГУМ НА ДРУШТВОТО НА ЧЕТИРИТЕ ЗАГУБАРИ

Тутунски комбинат првпат по децении во добивка

Прокнижени 39,2 милиони денари плус за 2019 година

menadzmernt tutunski

Над 39 милиони денари добивка покажа завршната сметка за минатата година на Тутунски комбинат. Со тоа ТКП излезе од списокот на загубарите. Успехот е резултат на плодното веќе петгодишно партнерство со Филип Морис Интернационал во заедничката компанија ПМТКП. Позитивните резултати се должат на зголемената ефикасност и модернизација на компанијата.

-Успеавме да покажеме дека со план и со добра стратегија можни се одлични резултати. Оперативната добивка за лани се должи на успешно спроведената социјална програма за доброволно заминување на 222 работници со отпремнина, но и поради големиот број на инвестиции за зголемување на енергетската ефикасност кои што значително ги намалија трошоците за енергија. Тоа овозможи зголемување на месечните примања на вработените за 25 отсто – изјави Кире Станкоски, генерален директор на ТКП.

Изминатите години следеше прво стабилизација на работењето на комбинатот, проследена со квалитативна трансформација на производниот процес и модернизација на работењето, овозможено од стратешкото партнерство со Филип Морис.

Позитивното салдо лани се должИ, меѓудругото, и на приходите од уделот на ТКП во компанијата Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп ДОО Скопје. Приходите се зголемени за 3 отсто, а расходите се намалени за 16,8 проценти. Трошоците се паднати со реализираниот ВЛП-пакет. Намалувањето на трошоците се должи и на инвестициите за пад на трошоците за електрична енергија. Трошоци за вработени во 2019 година се 126 милиони денари, а во 2018, 374 милиони денари. ТКП обезбеди финансиска стабилност и ликвидност на краток и на долг рок. Финансиските приходи во 2019 година изнесуваат 124,9 милиони денари или зголемување од 2018 година, кога биле 94 милиони денари. Растот е плод на позитивното работење на заедничката компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп ДОО Скопје, во која ТКП има 49 отсто. Добивката лани е 39,2 милиони денари, наспроти оперативната загуба во 2018 година од 188,2 милиони денари. Добивката целосно ќе се искористи за покривање на загубите од минатите години.

Производството на цигари е зголемено за 15 отсто. Тутунот од реколта 2018 година е во целост продаден, што е за 5 отсто повеќе од претходната година. Со овие показатели, ТКП излезе од групата на четирите загубари.

-Добрите перформанси донесоа почеток на производството на Марлборо Фине Тоуцх со што успеавме да станеме позиционирани на мапата на производители на најпознатиот глобален бренд на Филип Морис. Откупот на тутунот мина беспрекорно, а квалитетот е неспорен. Одиме кон подобро и сме големи оптимисти и за годинава – додаде Станкоски.

Лани ТКП значително ја подобри инфраструктурата на производство со реновирање на производниот погон, подигнување на производствените стандарди и производство на нови квалитетни брендови

ЗГОЛЕМЕНА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ

Огромна е заштедата со инвестициите за енергетска ефикасност. Има вложувања во санација на дел од оштетените лимени покриви и комплетна санација на клима коморите во погонот цигари. Се направи комплетно нова внатрешна хидрантска мрежа во погон Цигари, што беше еден од најзначајните услови и барања од стратешкиот партнер. Се реализираше можеби една од најбитните инвестиции, со која што максимално се подобри енергетската ефикасност, која што во комбинација со претходните инвестиции во менување на старата и дотраена дограма  со нова и современа енергетски ефикасна ПВЦ – дограма дава фантастични резултати. Тоа е инвестиција во набавка и монтажа на нови инвертер клима уреди со најдобри перформанси во заштедата на електрична енергија. Инвестицијата целосно се повратија само за еден месец. Тоа укажува дека се прават огромни заштеди на електричната енергија и потрошок на  метан. На лето е планирана дополнителна инвестиција за промена на начинот на загревањето на Фабриката со т.н. топлотни пумпи.

МОЖНА ЛИ Е ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ТКП?

– Лично ако ме прашате, тоа би било најдобрата опција, бидејќи конкуренцијата е жестока и остануваат само големите светски играчи. Се надевам дека државата размислува во таа насока, но не можам да потврдам со сигурност. Единствениот спас ТКП е приватизација со една од големите светски компании. Тоа е мое лично видување. Засега нема таква одлука. Стратешкиот партнер размислува во таа насока, но кога ќе дојде денот за реализација, кој уште не е дојден. Не случајно е склучен овој договор на 10 години и ние сме некаде на средина. На еден сегмент од тој договор, мора да размислуваме во таа насока. Јас сум претставник на државата да го менаџирам овој комбинат, за што после три ипол години сме горди што успеавме од загубар да го доведиме во компанија со позитивна завршна сметка и горди сме на тоа – вели Станкоски.

Loading