НЕ СТАРЕЕ ФУДБАЛСКО СВИРЧЕ НА РЕЏО

Живот: Реџеп Хасаноски, судија на 80 години

-Живее во Виена, а често е во родниот Прилеп

1

Реџеп Реџо Хасаноски е прилепчанец кој близу три децении живее во Виена, Австрија,. Љубителите на фудбалот го паметат од седумдесеттите и осумдесеттите години, кога беше активен во фудбалот како тренер и судија. Ден пред да замини од Прилеп ги разгледувавме старите фотографии со неговиот ФК Пролетер. Речиси нема разлика. На фотографиите е ист како денес!

-Уште малку и полнам 80 години. Сите велат дека сум на 50 години. Се одржувам, спортот ме држи. Уште сум активен, трчам, судам, најчесто мечеви кога игра клубот од еден доктор од Ирак. Натпреварите се обично од 20 до 22 часот навечер – вели Хасаноски.

Во каква кондиција уверува со потскокнување со свиткани нозе нагоре, како кога се загреваат играчите за влегување в терен. Нема проблем тоа да го повтори многупати. Здравјето го служи. Оти живее здрав живот. Внимава да биде активен и да јаде она што практикува со години.

– Јадам двапати дневно. Сабајле кафе – капучино. Одбегнувам турско, кафе оти го крева притисокот. Потоа супата со парче леб. Скромно. Не го кршам редот. Не грешам како Адам и Ева со забранетото овошје. Ручам побогато – манџа. Навечер најлесно, некое јаболко. Отсекогаш сум 65 кила.  Исти сме со син ми  – дава рецептот за виталност.

2-Vtor oddesno

Не само физички, Реџо е духовно здрав. Секогаш расположен и желен за муабет. За своите успеси со семејството, за двата сина и ќерката со внуците. Раскажува со задоволство до детали. И за опсесијата од мали нозе -фудбалот. Го спомнува клубот ФК Пролетер. Со него му е поврзан животот.

– Мераклија бев за фудбал од 14-15 години. На 18 заиграв за Пролетер, а на 28-29 завршив. Играв десно крило и полутка во Битолскиот потсојуз, со Питу Гули, со Пелистер. Се памети во Битола кога загубивме со 4-0, а сите од Победа ни рекоа правете што ќе правите, Пелистер секако да го совладате дома. Се боревме и издржавме 0-0 до 85 минута. Тогаш дадоа гол и постарите играчи го нападнаа Пелистер. Физички напад страшен. После им вративме бетер за тоа што таму ни го направија. Најмногу ќотек јадеше нивниот голгетер. Никој не беше казнет. Тие таму маваа, и ние дома – потсетува на значајниот натпревар.

3

По завршувањето на играчката кариера, 1969 година станува фудбалски судија. Тој колега со Маџоски, Томе Мазгалоски, Коста Јанески, Орде Мане, Блаже брат му негов, а подоцна со Стеван Џипуно, Стојан полицаецот… Судел во респектабилен ранг – Републичка лига. Правдата ја делел на познати екипи, реномирани, како Пелистер, Караорман, Лозар, Кожуф, Неготино, Напредок Кичево, секаде низ Македонија…

-Во Струга судев Караорман – Лозар од Демир Капија. При 0-0 во 89 минута, досудив пенал против Лозар. Центархалфот Зиба, кој и ден-денес ме поздравува, го изведе пеналот и тоа право во рацете на гостинскиот голман.  Голманот ја фати, веднаш дегажира до центарот каде неговиот напаѓач разви контра и даде гол. Наместо 1-0, 0-1. Никој не приговараше, ниту поразените.  Добив највисока оценка од делегатот, петка – го враќа ,,филмот,, за најтешкиот отсуден меч во кариерата.

Реџо е реткост за темпераментен и активен човек. Како судија, бил и тренер на Пролетер. Полагал за тренер кај славниот Миљан Миљаниќ, долгогодишен југословенски селектор и тренер на Црвена Ѕвезда и Реал Мадрид. Добил лиценца за републички тренер. Испитот бил теоретски и практичен, писмен и устен.

4

-Откако положив имаше негодување дека некој ме форсирал. На приговорите, колегата Башески велеше дека Реџој ги знае сите правила на фудбалски судија, дека сум бил спортски и фудбалски работник, дека судам успешно низ цела Македонија, а приговарачите да бидат мои заменици – биле комплиментите.

Нао сабајле бил тренер, а попладне судија. Или обратно. Тренер е на екипата што се натпреварувала во квалитетната Општинска А лига.  И ден-денес ги памти вредните играчи, Менан, млад починат полицаец, играл полутка, Каце, сега во Германија, брат му Мусли, па Русе. Звучно име бил Ќамуран, центарфор, и тој починат. Играл и за ЗИК и за Тутунски комбинат, каде бил вработен. Сите привлекувале многу публика за ,,приепските Бразилци,, како што биле нарекувани фудбалерите Роми.

-Публика вриеше на Спортскиот центар кај базенот. Најавни плакати поставува на прометни места и луѓето доаѓаа масовно во недела претпладне. Пред петнаесетина години полни беа трибините кога игравме со скопски Вардар. Тешко излегувавме на крај со финансии. Се послужив со трик. На телефон се јавив во Вардар, кој тогаш ја совлада ЦСКА од Москва. Им велам: Ако сакате да играме на Градски стадион, немаме пари за трошоците и за судиите. Ако не, в село, во Големо Коњари. Знаете кај е тоа, мислете му ја. Се исплашија и прифатија да ги платат сите трошоци да играме на стадион. Загубивме многу, но денар не плативме – ја имал снаодливоста против најзвучниот ривал.

Реџо со Пролетер, нераскинлива врска. И од Виена не пропушта да го поддржи најсаканиот клуб. Се јавува кај раководството, претседателот и тренер Сафет Демироски  да го информираат за резултатите, за играта, за проблемите. Помага материјално и финансиски колку што може.

-За судењето во Австрија, добивам по 30 евра по меч. Ги собирам да ги донирам на Пролетер. Праќам топки, дресови, опрема, покрај парите за судиски трошоци и патувања. Му помагам на Пролетер, на некој начин спонзор сум. Ако на Пролетер не му дадам помош, нема да игра. Го обезбедувам основното. Повеќе не можам, не сум капиталист. Им велам: Победувајте, ама немам пари да ве носам в ресторан. Во продавница им купувам пилешка салама за сендвичи и по некој пијалок – кажува за поддршката на Пролетер.

5-Vtor oddesno

Горд е на Пролетер. Екипата солидно игра во Општинската А лига. Публиката е задоволна од мечевите на стадионот со вештачката трева. Неколку играчи доаѓаат неспани, оти работат во Кавадарци. Сепак, лесно не се дава некомплетниот тим. Есенва, кога Реџо беше тука, по поразот во Врбјани со 3-0, дома извадоа 3-3 со Канатларци. Каде е Пролетер, таму и Реџо. До кога со фудбалот?

-Нема крај и овде и во Австрија. Во Виена ме прифатија како судија. Имаше комисја и положив. Стигнав до регионален ранг во Виена, како нашава трета лига. Ме завикаа Маџоски. Оти им кажав дека судев со него. Србите ме поздравуваат: Здраво Маџоски! Нисам ја Маџоски? Мора тако да те зовемо, јер си одличан судија као Маџоски. Ме бараат и натаму за судија. Додека сум здрав ќе судам во Виена, ќе помагам на Пролетер во Прилеп – заврши Реџо Хасаноски.

Контакти со Седлоски и Наумоски

-Прилеп и Македонија ми се при срце. Секое доаѓање на нашинци во Австрија за мене е големо доживување. На гостување на фудбалски, ракометни екипи и репрезентации, не пропуштам да се сретнам. Редовно контактирам со репрезентативците Седлоски и Илчо Наумоски од Матерсбург. Додека беа таму, често бев со нив и навивав за нив. Оти Ром сум по нација, но пред се Македонец во душата.

Од никого страв, само од Господ

-Судев 15 години во Австрија како господин. Никаков проблем, ни приговор. Никој не ме допре. Кај нас доживеав трипати да ме удрат. Праведен бев и не отстапував од правилата и прописите на фудбалската игра. Ме заплашуваа, се закануваа, но им велев: Само од Господ се плашам, од никого друг – храбар бил Реџо.

Цело семејство во странство

Целото семејство на Реџо е во странство. Покрај двајцата браќа, тој е со сопругата, синовите со снаите во Австрија, а ќерката со зетот се во Цирих. Внуците се заедно со нив. Сите со високо образование и служба.

Loading