ЖИВОТ ОД КОПАНИЧАРТВО

Ем хоби, ем бизнис – Дејан Трајкоски

Тешка и мачна е копаничарската работа. Сака многу труд,  време и љубов. Целосна сум посветен на плитката и длабоката резба. И кога ќе го завршам, делото задоволството е големо. Си создал нешто што е дел од твојата душа, од твоето битие. Кога чукам со длетото и ги оформувам ликовите во дрвото се чувствувам смирено и возвишено.

Вака нашиот сограѓанин Дејан Трајкоски го објаснува своето дружење со дрвото и создавањето копаничарски уметнички дела повеќе од две децении.

– Последна резба ми е владичината круна за манастирот во селото Леуново. Висока е 120 см. Некогаш работам и по 12 -13 часа на ден. Ми лежи длабоката резба, оти е врв на мајсторилакот. Не се уморувам, туку сум среќен. Иако е макотрпно, резбарството ми е уживање. Поттик ми беа дверите, односно вратите во црквата во манастирот Трескавец. Се воодушевив, кога ги видов. Изработени се до совршенство. Се стремам на тоа совршенство – вели Трајкоски.

За едно дело, вештите раце со алатот “играат” од 7 до 10 дена. Инспирацијата му е различна. Материјалот е само ореово дрво. Негово дело е иконостасот во манастирот во Зрзе. Му “лежат” икони, крстови, скулптури, огледала, мебел, гравури на кундаци на пушки… Икони од разни светци во мали и големи димензии красат домови на нашинци низ Европа, Америка и Австралија. Според некои проценки досега создал околу 650 дела.

– Најчесто ја работам иконата на Свети Никола. Не само зради тоа што ми е домашна слава, туку затоа што Свети Никола е и заштитиник на градот –  раскажува Трајкоски.

Трајкоски без “коси очи” е единствен македонски уметник кој успеал да ја совлада кинеската речиси филигранска техника на украсување со делови од гранки од сува метла. Ја напуштил оваа кинеска уметничка занаетчиска гранка, која барала трпение и готовност очите да “истечат”, со часови да се сечкаат мали парчиња од метла е умешно да се редат како мозаик.

Од уметноста на плитката и длабоката резба стасал до операција на рбетниот столб. Сепак не го прифатил предизвикот да работи во Заводот за заштита на спомениците во Скопје и да биде “врзан од 7 до 3”.

Дарбата за копаничарство го радува и бодри да се втурни во освојување на нови уметнички потфати.

Член е на Здружението на копаничарите на Македонија.

Копаничарството  е краснопис.

Копничарството не е само резба ископана во ореовото дрво. Тоа е краснопис на уметникот испишан со неговата пот, вдахнат со неговата душа и воздигнат со неговото битие. Копаничарството не е само занает или само уметност. Тоа е животопис на народот. Со танцот на длетото и чеканчето, зачудувачки вешто се исткаени и втиснати народните обичаи, обреди, традиции кои го придружуваат човекот од неговото раѓање, растење, живеење, умирање. Копаничарството не е само икона или иконостас кој служи за декорација и изведување на верски обреди. Тоа е преплет на динамични елементи, барокни разиграни фигури и масовни композиции кои жуборат низ вековите. Копаничарството го раскажува минатото, го отсликува животот во сегашноста и  го насочува погледот кон иднината.

Loading