БАБИТЕ СТАВАЛЕ СОЛ НА ПРАГОТ

Со векови солта се користи за чистење на домовите. Нема токсични својства. Поради тоа луѓето ја користат за чистење и дезинфекција на предметите во своите домови. Солта е корисна, а евтина.

Според приказните на бабите тие честопати го посипувале душекот од креветот со сол. Понекогаш имало купчиња сол по аглите од собите и на прагот од вратата. Според старите, демек така ги бркала мравките од домот, иако некаде нема мравки. Снаите се лутеле, оти требало да чистат. Некои сметаат дека тоа се бабини-деветини, глупави магии.

Некогаш се истурало сол низ домот како еден вид на магиска заштита на креветот, просторијата во која се престојува. Постои верување дека солта чува од ,,лошите духови,,.

Во секое верување има мала или поголема вистина. Ако лошите духови се заменат со мравки, бактерии, габи и други штетници, се добива вистинската формула! Душекот од креветот, освен со сол, може да се поросува и со сода бикарбона. Истретираниот душек, откако ќе отстои, се чисти со правосмукалка да се отстранат микроорганизмите од постелата. Има толкување дека бабиниот трик е успешен, штом не се гледаат мравки во куќата.

Солта се користи за заштита, за чистење, за полирање, за нега на кожата, за белење на забите и за многу други работи…

Солта е решение да се држат мравките подалеку од кујната. Се наросува сол на прозорците или на секој друг праг низ кој би можеле тие да продрат. Така се намалува и влагата во домот. Се користи сол за полирање бронза, сребро и бакар. Се користи сол да се задржат чисти и некорозирани месинганите и бакарните садови и сребрениот накит. Така ќе се одложи природното својство на потемнување на металите.

Се прави мешавина од сол и оцет, по што се тријат предметите додека им се врати сјајот. Мешавината помога за елиминирање на дамки и нечистотија.

Со сол се чистат автомобили и прозорци. Се ставаат неколку лажици сол во топла вода да се исчистат тврдокорни дамки од прозорците. Кога ќе се пребришат, стаклата остануваат подолго сјајни. Истото средство може да се користи и за прозорите од автомобилот.

За чист одвод на мијалникот се става сол во одводот и полива со малку топла вода. Се остава да отстои, па се пушта да тече жешка вода да се исплакне одводот. На овој начин се дезинфицира и се уништуваат лошите миризби.

Кожата се подмладува и се прави прекрасен пилинг со комбинација на морска сол, маслиново масло или масло од лаванда. Нежно се трие целото тело, а потоа се мијат нечистотиите со вода. Солта ја подмладува кожата и ги елиминира мртвите клетки од кожата.

Ако сакате завесите или теписите да се вратат во оригиналните бои и сјај со само едно миење може да се направи со топење на крпата во концентриран солен раствор со кој добро се протрива. Вака се отстрануваат и тврдокорните дамки.

Против забоболка или ранички во устата се гаргара солена вода. Така се мие и се дезинфицира устата.

Со мешавина од сол и сода бикарбона се белат забите. Се нанесува смесата и се остава некое време да делува. Тоа помога за сочувување на забите бели и чисти.

Сол се користи во финално миење да се спречи стеснувањето на алиштата. Особено е ефектно ако алиштата се сушат надвор на сонце. Облека ќе биде мека и без ниту една дамка.

Loading