ДОМАШНА ГАЗИРАНА ВОДА, ГАЗИРАНИ СОКОВИ И ЈОГУРТ

kefir

Кефирот е исклучително здрав напиток. Со кефирните зрнца се приготвуваат разни лековити пијалаци.

За млечен кефир се потребни околу 70 г. кефирни зрнца, 350 мл млеко, а за домашна газирана вода околу 70 г. кефирни зрнца, 35 г. шеќер  и 350 мл. вода. За домашна газирана вода со овошен вкус се потребни околу 70 г. кефирни зрнца, 35 г. шеќер, 1 помало јаболко или круша, неколку капки лимонов сок, 350 мл. вода. За домашен газиран сок околу 70 г. кефирни зрнца, 350 мл. овошен сок.

Зрната кефир кога ќе се потопат во млеко на собна температура, почнуваат да се хранат со шеќерите од млекото, да растат и да се размножуваат. Во фрижидер мируваат. Ако кефирните зрна се потопат во вода исто така мируваат, но потребно е водата да се менува да остане кефирот жив. Ако во водата се додаде било каков шеќер, зрното ќе почне да се храни, но нема да се размножува. Истото ќе се случи ако кефирните зрна се стават во овошен сок, па дури и во оние од тетрапак, бидејќи содржи шеќер. Хранењето на кефирните зрнца е процес на разградба на шеќерот, било да е млечен, овошен или обичен додаден во водата или сокот.

Со разградување на шеќерот се создава јаглероден диоксид (меурчиња) и мала количина киселини и алкохол. Сето тоа се случува во стаклена тегла за 24 до 48 часа. Ферментираните напитоци одлично делуваат врз организмот.

МЛЕЧЕН КЕФИР

Во чиста стаклена тегла се ставаат кефирни зрнца, се налеваат со млеко на собна температура. Затворената теглата се остава на собна температура 24-36 часа, во зависност од температурата на средината. Теглата да не биде во близина на грејно тело, а температурата на просторијата да не преминува 30 степени. Може повремено да се меша за рамномерна ферментација, но не мора. Ако се создаде сурутка, при цедењето повторно се меша да се изедначи. Ферментираното млеко се цеди низ пластична цедалка со пластична лажица, внимавајќи да не се оштетат зрната. Процедениот кефир може да се пие веднаш. Свежо цеден има остатоци од шеќер и помалку од 1% алкохол. Остатокот се чува во стаклен сад во фрижидер. Кефир стар 2 дена речиси не содржи шеќер. Може да има 2-2,5% алкохол. Напитокот иако е одвоен од зрната, продолжува да ферментира. Кефирните зрна веднаш се употребуваат за нова доза.

ГАЗИРАНА ВОДА

Да се претвори обичната вода во газирана, доволно е во неа да се додадат кефирни зрна и било каков шеќер. Сето тоа се става во стаклена тегла и се остава 24-48 часа на собна температура. Кефирните зрна ќе почнат да го разградуваат шеќерот во јаглероден диоксид. Кога целиот шеќер ќе биде разграден, водата станува лесно пенлива. Се цеди низ цедалка, се прелива во стаклено шише, се затвора и се разладува малку во фрижидер пред консумација. Се додава малку лимонов сок во чашата!

ГАЗИРАНА ВОДА СО ВКУС

Во тегла се стават кефирни зрна, крупно исечено јаболко или круша. Се наросува со шеќер и се залива со вода. Може да се додаде и суво грозје.  Се поклопува и се остава 48 часа на собна температура. Се цеди, се чува во стаклено шише, се затвора и се лади.

ГАЗИРАН ОВОШЕН СОК

За фабричките газирани сокови, овој сок нема додадени шеќери, туку целиот шеќер од почетокот на постапката е разграден. Било кој сладок овошен сок, природно исцеден или индустриски, од еден вид овошје или мешан, погоден е за приготвување на овој напиток. Во тегла се ставаат кефирните зрнца и се преливаат со овошен сок. Ако на амбалажата пишува дека е без шеќер, се додава малку обичен шеќер или мед да се активира ферментацијата. Се поклопува да стои на собна температура 48 часа. Ако е ладно може и малку подолго. Се цеди, се претура во чисто шише, се затворае и се разладува во фрижидер. Во зависност од видот, сокот ќе биде од лесно до средно газиран.

ОДРЖУВАЊЕ НА КЕФИРНИТЕ ЗРНЦА

Кефирните зрнца за млечен кефирен напиток може малку да се измијат после секое процедување. Барем еднаш месечно се оставаат да одморат 24 часа во чиста вода.  Со оглед на тоа што во период од 10-14 дена количината на зрна се зголемува, може да се зголеми количината на млеко, а ако тоа не е потребно, вишокот се одделува, се мие и се чува во тегла со чиста вода во фрижидер. Водата се менува секој ден или зрнцата се замрзнуваат да се користат кога ќе биде потребно да се подготви напиток.

Loading