15 милиони евра за тутунарите
Додека дел од тутунарите го започнаа расадуањето, а други ја финализираат подготовката на расадниот материјал, државата се очекува го одврзува ќесето и ги распределува субвенциите за тутунот од ланската реколта. Само во прилепско се над 15 милиони евра субвенции за над 16 илјади семејства на тутунопроизводители. Според новата шема, тутунарите добиваат субенција од 80 денари, за прва, 70, за втора и 60 денари за трета и останатите класи од ланскиот род.
Тутунарите ги тријат рацете, оти финансиската поддршка ќе биде добредојдена во екот на зголемени трошоци за репроматеријалите за расадувањето, нафта, ѓубриво и за набавка на машини и надоместоци за аргати.
Годинава е евидентиран раст на интересот за тутунопроизводството најмалку десет отсто. Производствената кампања ќе тежи повеќе од лани, бидејќи, според склучените договори со откупувачите, се очекува да се расадат поголеми површини. Сепак, производството ќе зависи од временските прилики, макар што се полни акумулациите за наводнување.
Тутунарите годинава ќе бидат стимулирани не само да ги зголемат приносите, туку да влијаат на раст на квалитетот со скалестиот систем на субвенционирање.
-Повеќе ќе се консултираме со стручнаците постепено да го напуштиме традиционалниот начин на производство. Нужно е да водиме сметка за економично и квалитетно производство, примена на повеќе научни агротехнички мерки за поголема продукација, квалитет и помали трошоци. Ќе треба да набавиме помодерни и поефикасни машини кои максимално ќе ја редуцираат сé поскапата работна рака. Цените на аргатската сатнина отидоа на 150 денари. Затоа е неопходно да се бараат поекономични решенија. Ако државата интервенира и со таканаречена ,,зелена нафта,, односно поефтини горива за земјоделските машини, тогаш се ќе зависи од вештината на тутунарите и имплементација на модерните методи на производство – вели тутунарот Никола Стојаноски, кој годинава површините од два хектари ќе ги зголеми за 25 проценти.
Годинава просечната откупна цена на тутунот стигна до 217 денари за килограм.