Џудо: Вонредно собрание на Федерацијата
Разврската е в сабота во старата општинска зграда
Секаде промени, па и во џудото. Дванаесет клуба (половина од вкупниот број) свикаа Вонредно собрание на кое ќе се гласа довербата за претседателот Филип Иванов, како и за членовите на Извршниот и Надзорниот одбор на Џудо федерацијата на Македонија. Од Иницијативниот одбор истакнуваат дека пред повеќе од еден месец поднеле барање до претседателот за свикување на Вонредно собрание, поради незадоволство од досегашното функционирање на Федерацијата. Забелешките се многубројни. Иниџијаторите сметаат дека имало прекршување на статутот и останатите законски акти врз кои се базира тој, игнорирани биле повеќе барања, предлози и забелешки, а притоа носени еднострани одлуки. Се забележува и за неизбирање на неколку поважни комисии како што е судиската, неизбор на селектори на националните селекции, неодржување на ниту едно државно првенство.
– Бидејќи претседателот не го испочитува законскиот рок од 30 дена за свикување на Вонредно собрание, организаторите го сторија тоа согласно одредбите во статутот на ЏФМ и Законот за здруженија и фондации – се образложува информацијата.
Вонредното собрание ќе се одржи в сабота (10 часот) во старата зграда на Општина Прилеп. Предложен е дневен ред со две почетни точки: избор на работни тела на собранието и гласање за доверба на органите на управување со ЏФМ – претседател, членови на Извршен и Надзорен одбор. Доколку делегатите изгласаат недоверба, Собранието продолжува со наредните точки: избор на претседател и потпретседатели на ЏФМ, членови на Извршниот и Надзорниот одбор.
Како стојат работите изгледни се шансите ЏФМ да добие нов претседател. Досегашниот беше битолчанец со жителство во Скопје, а можеби е време првиот човек да биде од најџудо градот во државава, Прилеп. Зависи од гласовите на клубовите иницијатори: Сеишин, Пролетер, Бушидо (Прилеп), Чурин (Битола), Кожувчанка (Кавадарци), Гемиџии (Велес), Фајтер скилс (Куманово), Ипон, Кастриоти, Суперџудо, Работнички (Скопје) и Чегране (Гостивар).