Фудбал: Николче Шаркоски за дербито Победа – Љубанци
– Нема поубаво отколку да се игра дома, пред 5.000 публика – вели напаѓачот
Безмалку седум месеци казна е издржана со седум меча домаќини на неутрален терен и в сабота (16 ч.) на стадионот “Гоце Делчев” второлигашкиот лидер Победа го дочекува есенскиот првак Љубанци. Најавен е рекорден број посетители, изгладнети за фудбал, а полната трибина е обврска за играчите да возвратат со добра игра и резултат.
Мислење за дербито дава напаѓачот, кој шестпати ги тресеше противничките мрежи, Николче Шаркоски.
За еден месец се кренавте речиси од дното кон врвот?
– Бевме седми, но верувавме во себе дека имаме квалитет и можеме. Подемот е плод на добрите игри. На секој натпревар не се штедевме, дававме максимум и така дојдоа резултатите.
Издржавте долго време надвор од градов?
– Практично секој меч го игравме настрана, на неутрален или гостински терен. Тешко, но се соочивме со судбината. Дури се покажавме подобри отколку дома, кога не игравме толку слабо, меѓутоа немавме среќа. Тетекс и Пелистер ни зедоа по бод.
Претстои пресметка со есенскиот првак?
– Немаме алтернатива освен нов триумф, седми во серија. Со победа ќе зачекориме во Првата лига. Ветуваме голема борба за да стигнеме до целта.
Љубанци?
– Солидна екипа. Двапати ги победивме, но не беше лесно. Уште се со прволигашки шанси и сигурно дека ќе се борат до крајот на првенството. Сепак, бодови ќе нема за нив под Марковите Кули.
Навивачите?
– Најдобри се. Покажуваат колку на градов му е потребен прволигаш. За тоа сведочи бројот на присутни на дербито со Пелистер во Новаци. Треба да ги израдуваме. Новите три бода и пласманот во елитното друштво се благодарност до нив.
Конечно сте на својот стадион?
– Нема поубаво од дома. Едно е надвор пред 100 гледачи, друго пред 5000 публика. Во таков амбиент, подготвени сме за што повеќе голови во противничката мрежа – порачува Шаркоски.
Најдобрите постави
Победа: Манчевски – Димитриоски, Крстески, Колевски, Котески – Мегленски, Наумоски, Карчески, Дунимаглоски – Шаркоски, Гешоски. Тренер: Д. Крстески.
Љубанци: Ристовски – Антониев, Бојовиќ, Аргировски, Шишков – Крстевски, Брњарчевски, Митев, Галовиќ – Велкоски, Стојановски. Тренер: З. Смилески.
Табела: Победа 41, Македонија ЃП 37, Тетекс 36, Велазерими 35, Скопје и Љубанци по 33, Пелистер и Еуромилк по 32, Гостивар 26, Кожуф 17.
Златен гол е 1.000 евра
Наградната игра за публиката “Златен гол” продолжува таму каде шт застана есеноска. Најсреќниот гледач што ќе биде извлечен и со удар топката ќе ја провне низ отворот на насликаниот гол, добива 1.000 евра. Има и помали награди. Влезниците се по 50 денари.
Доаѓаат навиваЧи отстрана
Победа е клуб за кого навиваат и во другите македонски градови. Задутре се очекува да допатуваат многумина такви. Од Велес доаѓа Ангел Тошевски, роден кавадарчанец, а детството и младоста ги поминал во градов.
– Со првиот воз наутро сум во Прилеп. Носам опрема, дрес од Победа. Пред стадион сум два часа порано, уште вратите неотворени – вели Тошевски.