УЧИМЕ, ИГРАМЕ, РАСТЕМЕ ЗАЕДНО

Едукативен центар Светлина

Katce za ucenje niz igra i zabavaНегувајќи голема љубов кон децата, водени од предизвикот детето да се воведе во “океанот на знаења” и при тоа да се изградува неговата личност, Гордана Стојкоска и Аница Најдоска веќе четири години раководат со центарот за едукација “Светлина”. Почнале скромно, во мал простор, но со силен мотив и елан за работа со деца. Наместо со класични активности, децата ги поттикнуваат преку игра да ги развијат своите способности, потенцијали и капацитети во современи услови, со голем број едукативни играчки, средства и материјали, збогатени со нови, креативни методи и техники. Ги опфаќаат и децата со потешкотии во учењето, во говорот, во психомоториката, сензомоторниот развој, проблеми во однесувањето, хиперактивност, намалено внимание, концентрација и т.н.

– Во едукативниот центар се учи, игра и расте заедно. Животот на децата е игра. Преку играта тие го осознаваат светот, затоа сите наши вежби се применуваат преку игра, со смислени активности и налози со кои се стимулира детето. Учењето станува лесно, едноставно и забавно. Како тие што учат и напредуваат, така се нижат и нашите успеси. Всушност, нашето мото е “Учиме, играме, растеме, заедно” – вели Стојкоска.

Во големото семејство за заедничко учење, играње и растење се се анимираат деца од најмала возраст од 2 г. сé до 18 г. Покрај специјалните едукатори, тимот вклучува и логопед, професор по ликовна и музичка уметност, педагог и психолог. Работат индивидуално со секое дете, а од неодамна основаа и група за ран детски едукативно-креативен развој за деца од 2-4 години, како оптимална возраст кога треба да се почне со едукација и воспитување. Имаат и подготвителна група за деца на предучилишна возраст, како и музички, ликовно креативни работилници. Програмата се состои од вежби за читање и пишување, совладување математички поим, за развој на говорот и комуникацијата, когнитивните и сознајните функции, социјалните вештини и однесувањето, развој на фината моторика, на внимание, сензомоторички вежби, вежби за психомоторна реедукација. Освен децата, учествуваат и родителите преку давање на совети и насоки за нивните деца, како и организирање на заеднички активности.

– Работата е индивидуална, оти сите деца се посебни. Индивидуалниот пристап е најдобар начин да се постигнат најголеми резултати во целокупниот развој на секое дете. Насмевката на нивните лица кажува многу. Заинтересираноста е голема, како за индивидуалните часови, така и за групите. Тоа се должи на успехот што се постигнува во напредокот. Најсреќни мигови ни се заедничките средби за некој празник, кога сме сите заедно на едно место и се дружиме и забавуваме – додава Стојкоска.

За посоодветен пристап, тимот постојано се усовршува со посетување на разни обуки и семинари, надградувајќи се со иновативни техники и методи за сестрана едукација. Покрај уникатниот пристап кон различни категории на деца, се одликуваат и со соодветно опремена сензомоторна соба и примена на метод на сензорна интеграција. Развивајќи се како катче за учење низ игра и забава, “Светлина” го осветлува патот на секое дете да биде креативно, задоволно и среќно.  

Loading