Уште две нови линии во градскиот превоз
Две нови линии ќе се воведат во градскиот превоз со што практично ќе нема населба без градски автобус. Со двете нови релации, за кои дадоа виза советниците на последната седница, ќе се опфати со градски превоз типската населба и жителите во близина на фабриката за цигари, како и населбите Тризла со Рид.
Линијата 4 е со почетните постојки кај стадионот Маркови кули и цигарната со должина на трасата од 6,1 километри. Ќе ги поврзува Моника конфекцијата, зградите кај зоолошката градина, лебарата касарни, 13 катницата, фурната Плетварец, зградата Табаана, Брзата Помош, Стадионот, Театарот, Чумовчанец, катната гаража, Палмашоп, новата автобуска, Жито Прилеп и цигарната.
Патеката на линија 5 ќе ги поврзува крстосницата Тризла со улицата Авала и крајната постојка ќе биде на кракот од ул. “Трети Ноември”, односно на Рид. Должината е 4,2 километри, а времето за минување на трасата е 60 минути во двете насоки. Откако се асфалтира улицата Тризла, по завршувањето на реконструктивните зафати на канализационата и водоводната мрежа, со јавниот градски превоз ќе биде опфатено ОУ “Добре Јованоски”, ул. “Београдска” над фурната Алекс, “Партизанска” со “Митко Цветаноски”, откупот за тутун, стара виша, Ла Страда, фурна Плетварец, зградата Табаана, Завод за здравство, крстосница “Мечкин Камен” со “Истарска” и “Мечкин Камен” ширинката.
По завршувањето на тендерот за набавка на автобуси, според најавите на надлежните од јавниот градски превоз и заокружувањето на целата постапка, се очекува да стартуваат двете дополнителни линии.
Инаку, јавниот градски превоз со три линии и со шест автобуси, стартуваше за Велигден 2014 г. Граѓаните веќе масовно го користат, заради пристапноста на цената и можноста за набавка на неделни, месечни и годишни билети. Јавниот превоз има современ систем за наплата. Автобуската линија бр. 1, сообраќа од Нови градски гробишта до хотел Салида. Двојката ги поврзува Економскиот факултет и Ридтекс, а автобуската линија бр. 3 се движи од Амфора до Лук Оил и обратно.
Градските власти не се откажуваат од идејата за воведување на приградски линии.