Од Прилеп тргна вториот караван на саеми за вработување
Иако саемот за вработување со кој стартуваше вториот караван во Прилеп траеше само три часа, времето беше доволно над две илјади прилепчани да покажат интерес за работа и да достават кратки биографии со намера за вработување до 40 прилепски компании, кои пак јавно и јасно ги искажаа профилите и кадрите кои им се прекупотребни. Низ модерен и интерактивен пристап, лицата кои бараат работа стапија во контакт со многубројните можни идни работодавачи. Сопствениците на компаниите ги потенцираа потребите за кадри од производствената дејност, текстилната и металната индустрија.
Прилепскиот саем беше првиот од осумте саеми за вработување кои ќе се одржат во рамките на вториот караван што ќе се спроведува во државава со цел заинтересираните побрзо да дојдат до работа што се бара.
– Ова е можност невработените лица побрзо да стапат во контакт со претставници од приватните компании кои имаат слободни работни места и бараат лица кои би можеле да ги вработат. Можност е и за помладите кои се во процесот на образование, да видат какви струки, вештини и занимања се бараат на пазарот на трудот и да се ориентираат понатаму. Невработеноста паѓа со презентациите на владиниот проект Македонија Вработува. За кратко време резултатите се извонредни – рече Диме Спасов, министерот за труд и социјална политика.
Најбарани се профилите во текстилната, металната и сите производни индустрии. Според побарувачката од работна сила на пазарот на трудот, може да се раководат и младите при изборот на идните занимања и образование.
– Се праќаат силни пораки до младите за соодветен избор на профилите. Да погледнат на саемите какви профили се бараат и да го изберат оној кој се бара на пазарот. Бидејќи, со добар избор на образование, нема да бидат невработени, туку ќе бидат вработени – рече Владимир Поповски, директор на Агенцијата за вработување.
Преку комуникацијата, бизнис сектор – граѓани, прилепските локални власти очекуваат да се отвори првата општинска берза на трудот.
– Се радувам што една компанија како Гентерм ќе работи и произведува во овој регион, а со тоа ќе овозможи нови работни места за прилепчани, кои сé почесто освен што бараат работа, користат владини мерки за намалување на невработеноста – изјави градоначалникот Марјан Ристески.
Саемот за вработување, индустриските и развојно-технолошките зони му отворија на Прилеп преку 1.500 нови работни места.
– Познавајќи ја целата текстилна индустрија во Прилеп, ќе има нови вработувања. Има доста фирми кои инвестираат во нови објекти – вели Благоја Конески, сопственикот на текстилната конфекција Хатра.
Ланското саемско искуство за три месеци донесло нови 600 работни места, а уште 1.500 апликации се позитивни кои ги разгледуваат компаниите.
Вториот саем за вработување ќе биде на 7. октомври во Велес. Од првиот караван преку саемите за вработување ораганизирани во Скопје, Неготино, Штип, Охрид, Струмица, Битола, Куманово и Тетово, се намалила невработеноста во државава.
Целта е да им се помогне на голем број граѓани да го пронајдат своето ново работно место и на работодавачите да го зголемат бројот на своите кадри, а со тоа и квалитетот на нивните услуги и производи, а заинтересираните да го пронајдат она што го бараат и со тоа да ја подобрат својата иднина и кариера, да го пронајдат своето ново работно место и да ја подобрат својата финансиска состојба.
На свеченото отворање на новиот караван за саемите за вработување, покрај министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, имаше бројни посетители кои имаа средба со работодавачите.
![]()

