ВНУЦИТЕ ГО ЗАПАЛИЈА ОГНОТ ВО ДЕДОВАТА ФУРНА

Стара фурна

– Без марифети на фурнаџискиот занает, наследниците од второто колено месат и печат леб како душа

furnaВеќе трета година од фурната со име Стара фурна оживува автентичниот вкус на лебот печен на дрва по рецептот на дедото Димче. Потомците Влатко, Димитар и Александар Апостолоски, вклучувајќи ја и снаата Тања, ја искористиле поддршката од државниот грант за самовработување и по повеќе од четири децении го продолжуваат вештото подготвување леб, оставено како аманет од стариот мајстор. И тоа токму во дедовата фурна, затоа и се вика “Стара фурна”.

– Дедо ми беше фурнаџија. На истото место држеше фурна од 1938 до 1970 година. Идејата беше да го продолжиме семејниот бизнис, иако немавме никакво искуство како фурнаџии. Но, со силна волја и упорност, успеваме. Презадоволни сме од подемот на бизнисот, во кој влеговме без знаења на мајсторилаците и марифетите на занаетот. Кога сите се трудиме и кога од ноќта правиме ден со работа, тогаш не може да нема ефект – вели Влатко Апостолоски, еден од сопствениците.

Можеби немаат никакво искуство како пекари, но ги бидува за бизнис. Трудољубивоста е формулата на успехот. Втурнувајќи се во костец со силната конкуренција, веќе ангажирале 33 работници во два објекти, произведувајќи дневно 4-5 илјади парчиња леб. Стекнаа репутација на фурна со висок квалитет. Создадениот имиџ им отвора пат да се пробиваат на пазарот. Веќе имаат барања за пласман најмалку уште на толкаво количество, колку сегашниот капацитет на двете фурни. Со оригиналниот вкус на дедовиот леб освојуваат сé повеќе муштерии не само во градов, туку и надвор од него. Затоа не можат да ги навасаат муштериите и да одговорат на сите барања. Со понудата на свеж и топол леб во секое време, постојано привлекуваат нови муштерии. Веќе лебот не е само обична храна, туку и уживање не само за прилепчани. Привилегијата да го сервираат на трпезите лебот со автентичната арома, ја имаат кавадарчани, велешани и дел од жителите на општината Долнени.

Но, гладта за леб од Стара фирма не стивнува. Незаситени се стружани. Партнер на фурната, кој го пробал лебот, бара дневен пласман од околу пет илајди парчиња. Затоа тројцата браќа и снаата подготвуваат уште една фурна, нов објект во индустриската зона на Металец.       

– Обезбеден е плацот, останува уште опремувањето. Ќе има уште пет огништа, кои ќе печат леб на посебно дизајнирана фурна на дрва. Очекуваме производството да го зголемиме повеќе од двојно. Во Струга го препознаваат вкусот и кога ќе стартуваме, ќе пласираме и таму. Има перспектива овој бизнис, но нема сон. Но, не го бидува денот со празни џебови. Ако сака човек работа, има работа – додава Влатко Апостолоски. 

Според најавите за новата фурна, за Нова година ќе се густира топол леб со сиренце, а и други иновативни производи. Проширувањето носи можност за нови работни места, за нови работници, кои неуморно ќе месат и ќе печат ден и ноќ, да се снабдат помалите маркети, во и надвор од градов, со топол леб во секое време.

Loading