ВО КОСТЕЦ СО ОГНОТ И ОПАСНОСТИТЕ

Храбрите пожарникари

– Три децении командирот Станко Колески се “бори” со пламените јазици

– Спасуваат и лица паднати во бунари и преживеани во сообраќајни несреќи

stankoДа се биде пожарникар е ризична, стресна и напната професија. Иако нивната мисија е да го штитат човекот и материјалните добра од огнени јазици, да гаснат пожари, помагаат и во разни незгоди и опасно, животно загрозувачки ситуации. Веќе три децении во костец со пламената стихија и опасностите, секојдневно е изложен првиот човек на противпожарната единица, командирот Станко Колески, кој ја отвори душата и со тешка мака раскажа за немилите и трагични настани, но и за примерите кога немили случки имале среќен крај, како спасувањето на жена од бунар. Многу неизвесност, напнатост, опасност ја карактеризираат пожарникарската професија која бара будност и брзина, бидејќи секоја секунда е одлучувачка. За весникот “Зенит” ги наброја случките кои ја отсликуваат специфичната работа, која, пред сé е хумана.

– Имаме хумани и благородни обврски. Од друга страна, тажна, проследена со материјални штети, некогаш и со жртви. Секогаш е поврзана со нечија несреќа, многу малку се хумористичните случки. Вадевме инвалид кој се запалил и не можел да стане и да излезе. Долните екстремитети му беа прилично изгорени. Моравме да го изнесуваме, да го креваме. Потоа цела недела уста не ми се отвораше и леб не каснав. Тешки е дури и за раскажување. Имавме случај кога загина момче во помошна просторија. Никој не знаеше дека е внатре. Тој го предизвикал пожарот ненамерно, и се обидел да го изгасне, но чадот го задушил. Го изгасивме пожарот, паднат беше таванот, а ние сме газеле преку него. За тешките моменти, одбегнуваме да зборуваме. Работата е поврзана со немили настани, трауматични ситуации. Пофалба благовремено да сме известени и ако го изаснеме пожарот. Колку побрзо е забележан пожарот, толку побрзо интервенирамеМ мала е можноста за материјална штета и уште помала за жртва. За нас тоа е голем успех, а граѓаните ни упатуваат благодарност – вели Колески.

Не постои пожар каде пожарникарите не се изложени на опасност. Влегуваат во непознат терен.

– Вадевме повреден човек од објект во пожар. Не се штитиме од живиот оган. Влегуваме со шмркот во огнениот млаз. Друг случај е со боевата муниција. Не знаеме што има во пламенот и чадот. Со изолациони (дишни) апарати, со маски, со боци, пред себе го пуштаме млазот вода да влеземе. Сме се сретнувале со боева муница. Во една куќа во населено место експлодира бомба вградена во ѕидот од некогаш. Никој не знаел дека била поставена. Од топлината имаше детонација. Среќата беше што сите беа подалеку и никој не настрада. Во визбата имал поприлично боева муница. Стопанот бил ловџија и целата муница си ја чувал тука – објаснува Колески.

 Кај пожарникарската професија нема место за емоции.

– Страв, секако постои. И ние носиме срце и душа, луѓе сме, од крв и месо, чувствуваме сожалување. Професионалноста, со работата, придонесува да исчезне стравот и да не нé надвладеат емоциите. Сочувствуваме со настраданите, но успеваме да се контролираме. Има многу причини за страв, доближување до пожарот, до непознато поле, дали ќе падне нешто врз нас, дали ќе пропаднеме некаде, но се совладува. Се случи на интервенција да оди пожарникар, на таа и таа улица, и кога се погоди пожарот да е кај сестра на мајка му, кај тетка. Пожарникарот го повлековме веднаш – вели Колески. 

pozarМногу е важен начинот, точноста и брзината на пријавувањето на пожарот. Потребна е присебност при пријавувањето, точна адреса, да се опише ситуацијата и други детали. Тогаш е успешна акцијата.

– Во зградите во Вишне, слепо лице живеело само. Малку гледало и собирало картони и книги, претворајќи ја просторијата во депонија. Од невнимание го запалил тоа и цел стан беше во чад и дел во пламен. Дел од луѓето кои првично пристапија кон гаснење почнаа да го бараат лицето, дали е паднат, оти имавме сознание од соседите дека е слеп и не може да излезе. Го најдовме меѓу бањата и спалната, при свест, ама се изнадишил поприлично чад. Го изнесовме и го спаси брзата помош. Еден од вработените при пензионирањето го побара шлемот за сувенир, оти му го спасил животот при интервенција,  му падна ќерамида од повисок кат. Шлемот се оштети и го заштити – вели Колески. 

Првиот пожарникар ги гаснел двата пожара на Трескавец, спортската сала Македонија, комплексот Стара На – Ма, штала во селото Славеј…

– Првиотпат Трескавец беше непристапен. Не можеше да се стаса, гореше во зимски период, се гаснеше со снег, кофи се подаваа, црквата барем да се спаси, се редеше снег на покривот. За стара На – ма беше задоцнета пријавата. Пожарот “работел” во таванскиот дел. Кога се проширил, не можеше да се интервенира, сé е запалливо, од стоката внатре, немаше шанса човек да се прибере. Нема специфичен начин и нема поделба на тоа дали ќе предизвика голема и мала штета. Секој пожар настанува од мало жарче, искра, но ако е поддржано од временски прилики, ветер или вегетациски, горлив материјал, сé може да биде причина за брзо ширење и загрозување на населените места. Таков беше случајот во селото Крушевица. Од невнимание запален оган, мислел дека го изгаснал, меѓутоа огнот се проширил и помина дури низ селото во кое има голем број напуштени куќи обраснати со голема вегетација и нема нешто што би го спречило да помине низ куќите. Настрадаа 3-4 куќи од пожарот и неколку штали, плевни, помошни простории. Не се потценува пожар. Нема безопасен, нема таков поим – вели Колески. 

Пожарите на отворен простор зафаќаат големи површини и предизвикуваат материјални штети. Лете, кога температурите се околу 40 степени, пожари имало во делот на Тројаци, Никодин, Ракле, Слепче, Браилово, Гостиражни, Зрзе.

До ТППЕ пристигнале околу 400 пријави за интервенција на отворен простор, вклучувајќи ги и поплавите, во црпење вода во поплавени објекти во градов и селата, учество во поставување брани на реката Црна. Имаат и технички интервенции, при сообраќајни несреќи, при вадење на лица.

– Скоро сите интервенции се зголемени за некој процент во споредба со минатите години. Скоро 400 интервенции имавме до сега, просечно по 2 интервенции на ден. Учествувавме и во сметнување на лице со инфаркт од Селечка планина. Четворица на носила го носевме до градот. Имавме случај на вадење лица починати и паднати во бунар. Еднно лице успеавме живо да го извадиме од бунарот во Тризла. Време минува додека се јават, додека појдиме. Нужни се посебни подготовки, не е брзо како интервенција на пожарот. Вадиме давеници од езеро. Ги пребаравме сите бунари при потрагата по девојчето во Дуње. Отстрануваме и паднати дрвја на улица. При силни ветришта, се кинат далековод и од жиците се запалува шумата – објаснува Колески.

Според него, најчести причини за пожар е невниманието на човекот. Мал дел се временските прилики – удар од гром и сл. Се штитат со знаење, со искуство, со опрема. Се искачуваат и на повеќекатници.

– Без разлика колку е зафатен објектот, ги предупредуваме станарите да останат затворени во своите простории, да постават влажни крпи на влезните врати или да излезат на балконите. Заградувањето, преградувањето на балконите е огромен проблем за пристап до погорните катови. Имавме апели преку медиумите да знаат како да постапуваат при пожар. Имавме и предавања во месните заедници и во клубот на пензионери.

Пред еден месец имале интервенција на објект во ноќен период. Комшијата видел чад на покривот. Соседите спиеле, па по интервенцијата, од благодарност не знаеја како да му се оддолжат на хуманиот сограѓанин.

МИНАТО ЗА ЛАЖНИТЕ ПОВИЦИ

До ТППЕ пристигнувале многу лажни повици. Дневно по 1 000 со лажни адреси.

– Еднаш нé упатија до Мариово, Витолиште. Саат и нешто до Витолиште и толку за назад. Единицата остане без 2 возила затоа што беше кажано дека горат објекти од некоја сточарска фарма, комплекс. Во тие 3 часа можеше да се случи сé и сешто, да страда некој, а ние да не можеме да помогнеме. Еднаш се јавија дека гори куќа. Во брзата помош јавиле дека на истата адреса има тепачка, се јавиле и во полиција. Првин ние, па брзата помош, па полицијата, сите стигнавме на посочената адреса, кога таму го разбудивме сопственикот. На младите им беше интересно да се јават на 193 дека е бесплатно. Сега е мирно. Има 2-3 лажни повици во годината. Ништо во споредба со минатите години – вели Колески.          

Постојано упатуваат апел да не се вршат лажни пријави.

БРАТСКИ НАСТАП СО ПОЛИЦАЈЦИТЕ

Пожарникарите соработуваат со полицијата, со ЕВН, со Брзата помош. Противпожарната единица е спремна и за неполна минута, околу 45-60 секунди од повикот да излезе со возилото.

– Дежурниот го прима повикот, запишува адреса, што се случило, има некои прашања за да има сигурност во пријавата. Потоа ги алармира пожарникарите, кај и да се во кругот на пожарната, мора да ја земат личната опрема и со возила пред 45 секунди да излезат пред гаражата. Доколку останатите учесници во сообраќајот ги почитуваат правилата, низ градов до крајната цел  на крајот од градот сме за десетина минути. Полицијата ни овозможува непречена работа. Некои граѓани сакаат да помогнат, па фаќаат од опремата, а не се разбираат. А брзата помош доколку има повредени, ни сугерира на кој начин да се извлече лицето од возилото, оти сепак тие се стручни. Доколку ЕВН не ја исклучи струјата, и да сме на место, не можеме да гаснеме. Другата работа е револт кај луѓето. Секогаш има еден синдром каде на оној каде е пожарот, од пријавувањето до пристигнувањето му се чини како да минала цела вечност. Сите велат кај сте, задоцнивте. Разбирливо за нас, за оној што има мака. На ниту едно место не сме направиле отстапка – објаснува Колески.

Најголем број пожари се појавени во попладневните часови и тоа од 14-20 ч. Ги има и во останатиот период од денот и тоа најчесто од невнимание, отколку со намера.

ЗА ВЛАКНО ИЗБЕГНАТА ЕКСПЛОЗИЈА

Секој пожар е посебна приказна, опасен, може да има отрови, гасови.

– На две бензински имаше прилично истекување гас на отворен простор, што претставуваше опасност за целиот град. Една таква експлозија можеше да го разнесе половина град. Огромна опасност за градот. За среќа не се случи ништо, излеговме на терен, ги презедовме сите мерки за безбедност, оти едно мало невнимание при истекување на плин, телефон да заѕвони, искрата од него може да предизвика експлозија, палење без разлика дали е на отворен или затворен простор. Имавме истекување  гас од бојлерче в куќа. Почина жената. Од бојлерчето приклучено да грее вода, истекувал гасот. Боцата од 10 литри предизвика голема штета, а што ќе се случеше при истекување 3-4 тони плин – објаснува Колески.                   

Loading