ЃОМЛЕЗЕ – ТУРИПЕЧИ

ivce1Прилепчани, на одмор во Охрид. Во Трпејца, поточно. Во приватна куќа. Домаќинката љубезна, па еден ден ги почестила со еден охридски специјалитет. Им приготвила за вечера – ЃОМЛЕЗЕ. Нашиве, задоволни, и за да не го заборават името на специјалитетот, си го запишале. Но, со редовната прилепска грешка. Не ЃОМЛЕЗЕ, туку ЏОМЛЕЗЕ. Во Прилеп и ѓубрето го викаат ЏУБРЕ, и ѓумовите ЏУМОВИ и многу такви. Грешки се тоа, се разбира, но сега да ги оставиме нив.

Чудно е, зошто воопшто се употребува зборот ЃОМЛЕЗЕ? А запишан е во сите речници. Повеќе со упатување на ЃОМЛЕЗЕЦ. Тоа било правилното. Објаснувањето е во новиот Толковен речник: ЃОМЛЕЗЕЦ – вид ориентално јадење; кори од пченкарно или пченично брашно, потпечено под сач (радо би се рекло – ВРШНИК). Зборот ЃОМЛЕЗЕ (ѓомлезец) е турски. Кај нас, особено во прилепско, таквата пита се вика ТУРИПЕЧИ (или турипотпечи). Името е добиено според начинот на приготвувањето. Да простат домаќинките, кои можеби подобро знаат како се прави тоа, но ќе кажеме накусо за оние кои не знаат. Се прави кашесто тесто од пченкарно (или пченично) брашно. Се тура еден слој во тепсијата и се покрива со вжештениот вршник да се потпечи. Потоа се вади вршникот, се тура друг слој и пак се покрива да се потпечи. И така, неколку слоеви. Секој слој се напрскува со масло. Може меѓу слоевите да се става и изварка. Откако ќе биде убаво испечено, се сече на локумчиња и така се јаде. Ова јадење, според нашето паметење, најмногу се приготвуваше во педесеттите години од 20 век. Југославија беше под економска блокада, немаше брашно и се јадеше само царевница (пченкарник). За да се разбие едноличноста, да не биде секој ден само обична царевница, жените правеа понекогаш ТУРИПЕЧИ (турипотпечи). Барем во Прилеп беше така.

Настрана сево ова. Чудно е зошто овој збор го нема во ниеден речник. Најверојатно се работи за некаков пропуст. Турскиот збор го има насекаде, а ТУРИПЕЧИ го нема. Се вели дека е ориентално јадење. Во ред. Но, еве тоа си добило наше име, кое точно одговара на начинот на приготвувањето.

Има повеќе вакви зборови, вакви сложенки образувани од два глагола во императивна форма. Но тие обично имаат прилошко значење. Да го земеме зборот ЛАПНИГОЛТНИ. Што значи тоа? Тој ни објаснува дека некое јадење, меко, провирно, не треба многу да се џвака. Лапни го и веднаш се голта. Значи објаснува какво е јадењето, или пак на каков начин го јаде односниот човек. Зборот МОЛЧИТОЛЧИ, исто така, има прилошко значење. Објаснува каков е некој. Таков е – МОЛЧИТОЛЧИ. Или пак работи – МОЛЧИТОЛЧИ. Со ТУРИПЕЧИ случајот е малку поинаков. Тој исто така е создаден од два глагола во императивна форма – тури и печи. Но, веќе прераснал во именка. Блаже Конески во својата Граматика го зема за пример токму тој збор. МОЛЧИТОЛЧИ, ЛАПНИГОЛТНИ и другите такви не ги исполнуваат условите да бидат именки. Да речеме, немаат број (еднина и множина). Не можеме да речеме две МОЛЧИТОЛЧИЊА. Зборот ТУРИПЕЧИ веќе претставува именка. Тоа означува конкретен, материјален предмет, без разлика што е создаден од два глагола. Ако праша некој што ќе има за вечера и ако му се одговори дека ќе има ТУРИПЕЧИ, веднаш станува јасно што ќе се јаде, дека тоа ќе биде онаа пита која се вика ТУРИПЕЧИ. Овде воопшто не се помислува на прилошкото значење, воопшто не се размислува како е правена таа пита. Одговорот на прашањето би бил дека ќе јадеме тоа и тоа, а не како е тоа направено. Тој збор (ТУРИПЕЧИ) е веќе именка. Така се вика односната пита. Уште еднаш изразуваме чудење, зошто ја нема во нашите речници. Таа комотно може (и треба) да го истисне ѓомлезето и да се нареди во редот на нашите пити – зелник, мазник, кора и слично. Охриѓани и некои други, нека си го викаат така, како архаизам. Но, ТУРИПЕЧИ е прекрасна замена за името на тоа јадење со наш збор.                                                                

Loading