Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги промовираше сообраќајните линијари, намененети за децата од основните училишта. Практично, ова е почеток на кампањата, насловена “Да ги заштитиме децата во сообраќајот”, која во наредните три месеци ќе се реализира во соработка со МВР, МОН, ОБСЕ и единиците на локалната самоуправа.
Кампањата ќе биде сеопфатна преку три сегменти: промоција на сообраќајните линијари, едукативни предавања во образовните институции и едукативно промотивни настани во кои придонес ќе дадат познати, јавни личности од македонската естрада.
РСБСП почнува со анализа за утврдување начини преку кои сообраќајот ќе треба да стане дел од редовниот образовен процес и потоа да се излезе со конкретни мерки, насочени кон подигнување на свеста кај сите учесници во сообраќајот и намалување на бројот на деца-жртви во сообраќајни несреќи.
Анастасија Илијоска, државен секретар во МВР, истакна дека МВР активно ќе се вклучи во кампањата и во претстојниот периог претставници ќе ги посетат сите градинки, основни и средну училишта.
Статистиката покажува дека во 2014 година, 11 деца го загубиле животот во сообраќајни несреќи. Само за првите шест месеци годинава, бројката е 12 детски животи.
Проектот се реализира во соработка со МВР, а финансиски е помогнат од мисијата на ОБСЕ во Скопје.