НОВ ИМПУЛС НА ЗАЕДНИЧКАТА УМЕТНОСТ

,,Ретроспектива,, на брачната двојка Виолета Блажеска и Богдан Грабулоски

proektОд вечерва од 19 часот, па сé до полноќ љубителите на ликовната уметност ќе имаат ретка пригода да присуствуваат на уникатно уметничко доживување. Низ целиот слободен простор на ЦК ,,Марко Цепенков,, (галеријата, ликовниот салон, фоајето…) ќе биде поставена изложбата ,,РЕТРОспектива,, од уметниците Виолета Блажеска и Богдан Грабулоски. Едновечерното враќање на уметничкиот опус на Грабулоски и Блажеска е мултимедијален проект преку кој ќе бидат презентирани инсталации (скулптури), фотографии придружени со видео записи.

Ќе бидат одбележани 40 години творештво на Блажеска и Грабулоски со изложба чиј носител е Музејот за современа уметност, во соработка со ЦК “Марко Цепенков”. Автор на проектот, поддржан од Министерството за култура, е Марика Бочварова Плавевска.

Сопружниците со уметничка душа, Блажеска и Грабулоски, се среќни.

– Едновремено се вади на видело создаденото низ децениите, и тоа со некој со кого делиш заедничка визија, идеи, со кого се надополнуваш – вели Грабулоски.

– Иако ретроспектива е повторно видување, ова е нов поглед на нашето творештво низ очите на Марика Бочварова Плавевска. Таа нé поддржуваше низ годините, нас, Софија, Ива и Блаже, кои помогнаа да се реализира замислата – вели Виолета Блажеска.

Брачниот брод плови низ уметничките води од 1973 година.

– Силниот уметнички набој, како талент на секој посебно, ни овозможи заедно да го пронајдеме “нашиот свет”. Првин бевме индивидуалци, но потоа направивме свој свет не само во реалниот живот, туку и во уметноста. Така се создадоа нашите заеднички дела. Не работевме комерцијална уметност. Се посветивме на истражувачката уметност. Потрагата по иновации во безграничјето не е лесна, туку напорна. Затоа бевме авангардни, напредни, пред времето и свесни дека не бевме разбрани во средината. Има безброј ликовни елементи, различни од стандардните. Тоа беше звукот за кој сметавме дека треба да биде нов ликовен елемент и не беше истражуван. Го поставивме, го внесовме во нашите дела и докажавме дека звукот не е само музички, туку и ликовен елемент, важен во создавањето на делото, без оглед од кој материјал е. Го зедовме мермерот како благороден материјал и стаклото како транспарентно, отворено, како добар спој. Горди сме што ја претставувавме Македонија на Биеналето во Сао Паоло. И тогаш зад нас застанаа Марика Плавевска, Зоран Петровски, за да ги направиме ликовните експерименти – раскажува Виолета.

Виолета Блажеска е родена во Охрид 1952 година. Академија за ликовни уметности завршила во Приштина во 1980 година. Работела како професор во гимназијата во Прилеп.

Богдан Грабулоски роден е во Прилеп 1948 година. Академија за ликовни уметности завршил во Приштина во 1980 година, а постдипломски студии на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1990 година. Работеше долги години како кустос во ЦК ,,Марко Цепенков,,.

Инсталација во касарната

– Со првите контакти на студиите се насетува блискиот сензибилитет што понатаму ќе ги здружи во креативна смисла и во брачен живот. Грабулоски се обиде еден период да создава класични скулпторски решенија во мермер, но исчекорот набрзо беше направен и се случи спојувањето на идејните решенија во кои акцентот беше ставен во комбинирањето на мермерот со други материјали (стакло, дрво, метални мрежи, весници и.т.н) често како read made. Нивниот концепт на директно интервенирање во природен, урбан, фабрички или галериски простор ги содржи веќе апсолвираните искуства на т.н. нова уметничка пракса, доминантна во седмата и осма деценија од минатиот век на бившите ју – сцени, но без идеолошко – политичка заднина. Се концентрираа на ликовното, неокласично доживување, каде се истакнува значењето во сфаќање на процесот на дематеријализација на уметничкиот објект. Поточно илузионистички замислените скулптурални елементи, проследени често со обработен звук, ја дефинираше идејата за прифаќање на нивните повеќеслојни осмислени дела, поради можностите што максимално ги искористија во нивните зафати во различните амбиенти – вели Марика Бочварова Плавевска, потенцирајќи дека на градот му ја подарија меморијално обликуваната инсталација во кругот на Касарната ,,Мирче Ацев,, во која се обединети сеќавањата на НОБ и на оние кои загинаа кај Карпалак.

Loading