ПОДДРШКА ЗА СВЕЖИ БИЗНИС ИДЕИ

Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и CEED Македонија

– За најдобрите пет идеи обезбедени се по 2000 долари за секој проект, а петте најуспешни решенија од студентите со по 500 долари

biznisМладите невработени од 18 до 30 години, со бизнис идеи, а кои треба дополнително да се разработат и да се претворат во оперативен бизнис или, пак, за оние кои се во фаза на стекнување со универзитетска диплома и кои планираат да почнат свој бизнис во блиска иднина, како и за млади луѓе кои имаат бизниси во почетната фаза на развој (но, не подолго од три години), можат да добијат логистичка помош и финансиски средства за понатамошниот раст од Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и CEED Македонија, доколку до 21 септември аплицираат за програмата Моја Идеја! Мој Бизнис!. Најдобрите идеи ќе бидат наградени со неповратна, еднократна помош за нивните бизнис стартапи. За најдобрите пет се обезбедени по 2000 долари за секој проект, а петте најуспешни решенија од студентите ќе бидат наградени со по 500 долари за започнување на бизнис или за трошоци за едукација.

Со цел да се зголеми вработеноста на младите во Пелагонискиот регион и да се поддржи претприемачкиот дух и да се генерираат свежи бизнис идеи, Филип Морис ТКП и CEED Македонија го започнаа проектот. Учесниците во шестмесечната програма ќе ги развиваат своите бизнис знаења и претприемачки вештини, да научат како да ги развијат постоечките или идните бизнис проекти, како и да добијат пристап кон финансиски ресурси.

– Во Филип Морис веруваме дека од огромно значење за секоја компанија е да ги слуша и да ги разбере потребите на околината каде функционира. Придонесот кон развојот на заедниците, каде живеат и работат нашите вработени, бизнис партнери, потрошувачи и нашите сограѓани, претставува интегрален дел на глобалната бизнис стратегија на Филип Морис. Оваа стратегија е и движечката сила поради која Филип Морис ТКП реши да ја започне програмата Моја Идеја! Мој Бизнис!, заедно со нашите партнери од CEED Фондацијата. Цврсто верувам и се надевам дека програмата Моја Идеја! Мој Бизнис! значително ќе придонесе кон економскиот развој и промоцијата на претприемачкиот дух тука во Пелагонија, што е важен регион за нашето функционирање во Македонија. Би сакал да упатам порака до идните учесници во програмата да ги искористат можностите кои им се понудени, да го извлечат максимумот од нивните ментори и потоа да го применат стекнатото знаење во нивен успешен иден бизнис. Ова ќе биде најдобрата награда за сите нас кои се обидуваме да ги поддржиме во овој процес – вели Емре Козлу, генерален менаџер на Филип Морис ТКП.

Програмата ќе се спроведува до февруари 2016 година и е наменета за младите кои имаат желба и идеја за бизнис.

– Спроведуваме програма за размена на искуства за 40 учесници, составена од пет модули, кои целосно ќе го покријат процесот на дизајнирање на производ или услуга, негово лансирање на пазарот, како и други корисни вештини. Учесниците ќе добијат бизнис советување и менторски сесии со искусните ментори од CEED мрежата и од други бизнис професионалци, на специфични теми поврзани со нивните бизнис идеи. Заинтересираните учесници ќе научат повеќе за специфичните работни функции и позиции и ќе посетат успешни компании во Пелагонискиот регион – изјави Јован Маџовски, главен извршен менаџер на CEED.

Од општината велат дека ваквите проекти придонесуваат за развој на претприемништвото, што е многу важно за напредок на економијата.

– Учесниците во програмата ќе имаат можност да ги развијат своите бизнис знаења и претприемачки вештини, да научат како да ги унапредат своите постоечки или идни бизнис проекти, како и да добијат пристап кон финансиски ресурси – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Аплицирањето е до 21 септември, додека пак сите информации може да се најдат на веб страницата на CEED Македонија, како и на Фејсбук Фан страницата Моја Идеја! Мој Бизнис!.

Кој може да се пријави?

Право на аплицирање и учество во програмата имаат сите кои се:

– државјани на Република Македонија и жители на регионот Пелагонија

– на возраст од 18 до 35 години

– имаат своја фирма (не постара од три години), бизнис план или бизнис идеја

– немаат фирма, бизнис план или бизнис идеја, но сакаат да започнат свој сопствен бизнис

Откако ќе се процени целосноста на доставените формулари, Комисија од претставници на CEED и Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп ќе изврши селекција на најуспешните апликанти, кои ќе бидат повикани на кратко интервју, со цел да се изврши финалната селекција на учесници во програмата.

Програмата е целосно поддржана од Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп, во рамките на компаниските општествено – социјални активности во Република Македонија.

Електронско аплицирање

Со пополнување на формулар за пријавување кој може да го најдете на Бизнис Инфо или да го побарате со испраќање на е-маил на [email protected] и [email protected]. Формуларот електронски се испраќа на посочените адреси.

Уредно и целосно пополнетите формулари треба да бидат испратени најдоцна до 21 септември.   

Loading