Нови обуки за усовршување

Зголемени шансите за за вработување

gradbaУште неколку дена се во тек огласите за десет стручни и искусни луѓе за раководни позиции за водење на бизнисот во фабриката на Гентерм чии темели се очекува да бидат поставени наскоро во технолошко индустриската зона Алинци, каде се финализираат работите на инфраструктурата. Американската компанија Гентерм бара раководители со завршено високо образование за управување со процесите на производство и монтажа на делови за автомобили.

Над сто прилепчани со платени надоместоци, исхрана и сместување веќе неколку месеци се во украинската фабрика на Гентерм на обука и совладување на вештини за соодветните работни задачи.

Паралелно, и државата ги мотивира невработените со најразлични мерки да обезбедат егзистенција. Последната мерка промовирана од Агенцијата за вработување е обука за усовршување. Тоа е поддршка на невработените со несоодветно образование да се преквалификуваат или со пониско образование да стекнат знаења со усовршување во некои профили, а се потребни на стопанството.

– Продолжуваме со мерките за подигнување на капацитетите на невработените лица, а со тоа да се зголемат можностите сите невработени лица побрзо да стигнат до работно место и да станат поконкурентни на пазарот на трудот – посочи директорот на Бирото за вработување, Силвана Пашоска.

Инаку, најатрактивни се субвенционираните вработувања и грантовите за самовработување.

Државата предвиде мерки и за невработените инвалиди. Програмата за самовработување на лица со инвалидност содржи финансиска поддршка преку експертска поддршка, обука за претприемништвото и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите, па финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема или репроматеријали за 310.000 денари. Програмата за вработување на инвалидите има и финансиска поддршка за дополнително вработување најмногу за две лица во вид на опрема или материјали за 494.000 денари, од кои 310.000 за самовработувањето и отварање на бизнисот, и 184.000 денари за дополнителни две вработувања, односно 92.000 денари по лице, за кандидати кои ќе презентираат одржлив бизнис план со потреба од вработување уште на едно или најмногу две лица.

Инвалидите имаат можност да се евидентираат за вработување најмалку еден ден пред пријавувањето во Програмата за самовработување на лица со инвалидност.

Loading