Сендвич и бели печива во продавница без клуч

Сити гарден

bizОдамна произведувале буреци и други бели печива Тони и Билјана Ѓорѓиоски. Низ годините смениле неколку локации и сега се во центарот. Од неодамна, го “нашминкале” менито, вметнувајќи фаст фуд на новата локација на поголем простор во срцето на градот. Се помачиле, но просторот на здружението на тутунарите, го уредиле тип-топ, соодветно на името “City garden”. На муштериите им стојат на располагање 24/7. Направиле полн погодок, што понудата за вечера доцна во ноќта, покрај со бурек и бели печива како наоколу, ја збогатиле и со сендвичи, тостови, пици.

Пред тоа, мајстори биле кај ОУ “Климент Охридски”, па во медицинско училиште.

– Му помагав на татко ми од средно. Сакав да отвориме, односно да го прошириме асортиманот со фаст фуд. Идејата беше за сервис нон стоп, 24 часа, продавница без клуч, оти во градов ретко се најдува фаст фуд доцна по полноќ. Постојано вадиме топол бурек. Не работиме со лиснато, туку со полулиснато тесто. Горе-долу состојките се исти. Но, одиме со пониски цени – вели младиот сопственик Илчо Ѓорѓиоски.

Во бизнисот е вклучена цела фамилија. Сите имаат по некоја задача. Родителите како искусни мајстори, ја продолжиле рутината, месејќи бели печива и тегнејќи тесто за бурек. Работат со кеф. Тоа им е занает. Впрочем, искуството носи мајсторилак. Приготвувањето сендвичи и пици е препуштено на вештите раце на помладите. Бизнисот го тера синот Илчо. Му помага на татко му од помал, а сега како “фамилијарен човек” смета дека младите се повеќе нафрлени на брза храна. И тоа им го нуди. Ги совладал тајните на искусните пица-мајстори. Внесува и свои техники и иновации, следејќи ги желбите на муштериите. Главен бил и за уредувањето на “градската градина”, со ѕидови украсени со фотографии од стар Прилеп.

– Не е едноставно да се тера бизнис. Мачно е. Наеднаш многу обврски, особено за младите, оти секому му се шета. Но, и работата ми е навика, оти сум ангажиран од мал. Помага и сопругата. Семејството ме храбри, мотив ми е да издржам и да го туркаме бизнисот напред – кажува “бизнис наследникот” Ѓорѓиоски.

Иако се релативно нови, задоволни се како се прифатени. Со уникатниот вкус ги примамуваат муштериите. Тие се враќаат на доручек, ручек и вечера, да поткаснат, да ги смират цревата од кркорење со квалитетен и вкусен залак, а исхраната да не биде само задоволување на потребите, туку и уживање. Во палетата на понуда се бурек, кифли – солени, благи, пирошки, а од фаст фудот, ладни и печени сендвичи, тост, хот-дог, пица. Производите се сочни, богати со зајре, а цените се пристапни за квалитетот. Направиле комбинација две во едно, за потурнато со кафенце или освежителен пијалак. Дури и поефтини се од конкурентите. Залаче за различни генерации за малку пари. Миризбата на белите печива привлекува. Мискојната ги мами и постарите во утринските часови. Атрактивноста на новиот дуќан е и со паркингот. Појадок набавуваат и тутунарите пред петлите да запеат. Младите се најзадоволни, оти конечно се најдува пресно приготвена храна 24 саати. Досега немаше фаст фуд да јадеш навечер.

– На почеток е супер. Доаѓаат луѓе. Метеж е по журкањата во “малите” саати. Редовни се другарите. И поддршка, да направиш муабет и побрзо да помини времето. Прометот расте. Кој еднаш пробал, не го заборава вкусот и пак се враќа – додава Ѓорѓиоски.

Дистрибуираат бели печива во неколку колонијални дуќани. Размислуваат и за бесплатна достава на сендвичите и пиците. Првин да се навикната муштериите, привлекувајќи ги со добриот вкус и уредениот ентериер налик на градска градина, а потоа и испорака на семејната маса во домашен амбиент.

Loading