ЕДИНСТВО НА ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА НА ЉУБОВТА И НОСТАЛГИЈАТА

Праизведба на претставата ,,Кирил и Методиј, Who are you?!“

pretstava1Во рамките на програмата на Охридско лето, денеска во 21 часот на сцената на Долни Сарај ќе се одржи праизведбата на театарската претстава “Кирил и Методиј, Who are you?!” по текст на Јордан Плевнеш, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на НУ Војдан Чернодрински во копродукција со Нова европска театарска асоцијација од Љубљана и Сфумато театар од Софија, Бугарија. Адаптацијата на претставата е на Владимир Ѓорѓијоски, сценографијата на Јани Константиновски Пунтос од Полска, костимите се на Елена Иванова од Бугарија, а музиката на Горан Трајкоски, а специјалните ефекти на Милчо Узунов.

На интернационалниот македонско – словенечко – бугарскиот копродукциски проект учествуваат претежно актери од прилепскиот театар, а како гости играат актерки од Грција и Бугарија.

Претставата почнува со мистериозна средба, во која висок претставник на една мултинационална компанија, Вилијам Браун, бара средба со Кирил Беломорски, кој што во списоците на американските тајни служби е забележан како експерт за Кирил и Методиј и нивното влијание во целиот словенски свет. Кирил Беломорски за исклучително висока сума пари треба да подготви 15-минутен документарен филм, којшто ќе одговори на  многу прашања. 

По македонската праизведба, претставата за светлата трага на светите браќа, која е културолошка вредност на словенската цивилизација, а нивниот космополитски код и национален идентитет е препознаен во ликот на Македонија и на македонскиот народ, како суштествување во историјата на цивилизациите и на човештвото воопшто, на 2 септември ќе ја има премиерата на Меѓународниот театарски фестивал НЕТА во Букурешт.

Претставата ќе има превод на романски и на англиски јазик.

Според најавата, проектот е меѓународна драмска молитва за спасение на преживеаните – “Кирил и Методиј” претставена во театарскиот производ, создаден во 100 минути, било каде на Земјата, и се базира на принципот на античката трагедија. Во современата драматургија, главните протагонисти се наоѓаат на спротивни страни на светот: Кирил Беломорски, како професор на Универзитетот Колумбија, и Методиј, како главен инженер во компанија за цевки.        Имињата им биле дадени во чест на средновековните мисионери Кирил и Методиј, кои ја претставија словенската цивилизација врз светската историска сцена, заедно со хебрејската, латинската и грчката цивилизација. Тоа го направиле во периодот меѓу 815 и 885, преведувајќи ја Библијата на старословенски јазик. 1100 години по  смртта, на 31 декември 1980 година, папата Јован Павле Втори ги прогласи за светци-заштитници на Европа, поради безвременската духовна сила на нивните проповеди на цивилизацијата од љубов и носталгија за единството.

Според најавите, оваа индивидуална и семејна драма, жестока по интензитет, се одвива меѓу Сибир и Њујорк, во Охрид – словенскиот Ерусалим, во Софија – современиот центар на центарот на наследството на Кирил и Методиј, во Целје, во разурнатите градови во Украина, во Прага, во Вашингтон, во Сирија, Ирак, Авганистан, во Грција, и конечно се решава на бескрајните плажи на Санта Моника, каде се раѓаат новите Кирил и Методиј.

Претставата, во која се дава одговор на прашањето дали цивилизација од љубов и носталгија за единство е можна во овие сурови времиња, во локална и глобална перспектива, кога секоја човечка надеж постојано се уништува, прилепчани ќе може да ја видат на матичната сцена на 2 октомври. 

Loading