ОД ЛЕКАРСКИТЕ ФОРМУЛАРИ

ivce1Многу формулари. Како и секаде. Ние, пациентите, најчесто се среќаваме со разно-разни упати за специјалистички прегледи и, се разбира, со разни извештаи од тие прегледи. Во моментов, пред себе имаме токму таков извештај. Формуларите се испишани на посебен начин, како посебни шеми. Се знае кој текст каде треба да биде напишан. Ние не можеме сега да го претставиме формуларот на таков начин. Ќе ги напишеме текстовите со ред, а погрешните зборови ќе ги обележиме со крупни букви. Потоа, ќе укажеме на некои од неправилностите, односно на јазичните грешки.

– Извештај на СПЕЦИЈАЛИСТ – СУБСПЕЦИЈАЛИСТ.

– Назив на ЗДРАВСТВЕНА установа.

– Број на ЛЕКАРСКИ дневник.

– Презиме, име на РОДИТЕЛ.

– Број на ЗДРАВСТВЕНА легитимација.

– Потпис и факсимил на ЛЕКАР специјалист.

Најпрво, ќе кажеме дека сите зборови (именки) со крупни букви, треба да бидат членувани. Сите тие се определени. Ќе прокоментираме за неколку. Ќе почнеме со насловниот текст – Извештај на СПЕЦИЈАЛИСТ – СУБСПЕЦИЈАЛИСТ. За именката СУБСПЕЦИЈАЛИСТ сме пишувале и порано. Сега само ќе укажеме на грешката која се повторува. Имено, префиксот “СУБ” во ваквиот случај треба да гласи “СУП”, поради едначењето по звучност. Треба да биде напишано СУПСПЕЦИЈАЛИСТ, а не СУБСПЕЦИЈАЛИСТ. Тоа е правописна грешка. Инаку, двете именки треба да бидат членувани – Извештај на СПЕЦИЈАЛИСТОТ – СУПСПЕЦИЈАЛИСТОТ. Тие се определени. Се знае за кој специјалист или супспецијалист се работи. Не е тој некојси специјалист од некојаси област. Тој е точно оној кај кого е упатен пациентот и кој го образложува наводот и дава препорака за лекувањето. Според тоа: Извештај на СПЕЦИЈАЛИСТОТ, а не извештај на СПЕЦИЈАЛИСТ.

На друго место во формуларот (во извештајот на СПЕЦИЈАЛИСТОТ) се бара да биде напишано името на пациентот и името на родителот. Велиме, на РОДИТЕЛОТ. А таму пишува – Име на РОДИТЕЛ. Од тоа би се заклучило дека може да се запише името на кој и да е родител. А тука се бара името на родителот од односниот пациент. Именката задолжително треба да биде членувана.

На крајот од извештајот стои: Потпис и факсимил на лекар специјалист. Па може ли кој било лекар специјалист да го потпише овој документ?! Се разбира дека не. Потписот треба да биде на ЛЕКАРОТ специјалист што го изработил односниот извештај. Значи, ЛЕКАРОТ СПЕЦИЈАЛИСТ, кај кого што сме биле, тој треба да биде потпишан. Именката треба да биде членувана, а не – Потпис на ЛЕКАР специјалист.

Нема потреба да ги образложуваме и другите грешки бидејќи тие се исти како и овие за кои пишувавме. Не можеме да тврдиме дека сите извештаи се со вакви грешки. Извештајот што е пред нас е ваков.

Ваквите (или слични) грешки не се среќаваат само во документите од медицинските установи. Ги има насекаде. Во администрацијата, во разни соопштенија, во рекламите, и каде не! Еве пред нас има весник со реклама која гласи – ПАЛИР ЗАНАТ. Човекот регистрирал фирма. Платил за тоа. А никого не го интересира, никој не му укажал дека на македонски именката гласи ЗАНАЕТ, а не ЗАНАТ. Случајно ја видовме оваа реклама. А не е само таа. Она што го гледаме на фирмите од нашава чаршија е навистина загрижувачка појава. А уште позагрижувачко е тоа што не постои никаква, ама баш никаква институционална грижа. Секој регистрира и истакнува фирми како што сака и како што знае. А не постои служба (!) која ТРЕБА да знае. Која треба да укаже. Најпосле, и да дозволи дали може и дали смее да се истакнуваат фирми со туѓо писмо и на туѓ јазик. А во оние што се напишани на македонски, врие од грешки.

Да се вратиме на почетокот од написов. За грешките во медицинските документи. Малку поодамна, во разговор со извесен лекар, вели: “Од таквите грешки пациентот не умира”. Точно е! Но од многуте јазични грешки, од напуштањето на својот јазик, изумираат цели народи!

Благоја Ивчески

Loading