ЧОВЕКОТ ШТО НЕ ЗНАЕШЕ ДА ЉУБИ

pobaraВо погледот í ја видов душата, полна со рани и темнина. И болката. Се обидуваше да остане силна, додека очите í добиваа стаклен сјај. За неа, бев зракот надеж на кој со години чекаше. Во мене виде светлина и желба за живот, за борба. Како да í ја скусев таа трошка надеж за која таа живееше?! Не ја сакав, но оставив да ме сака. Со допир на усните í дадов воздух да дише. Ја преживеа ноќта во моите прегратки. Не еднаш, туку три-четирипати во неделата минатите месеци. Знаев дека е кршлива и нежна и ако заминам, ќе се распарчи. Утрото не ќе го дочека, ако ја оставам во ноќта. Поцврсто ја гушнав додека ми шепотеше колку ме љуби. Ништо не í нудев, освен постела. Внимателно ја љубев и милував. Трепереше под тактот на допирите. Срцето í вриштеше од болка, бидејќи не умеев да ја љубам. Ја облекла тагата, небаре најубав фустан. Сите рани í се проѕираа додека се обидуваше да ми се смешка. Товарот í наѕираше од душата. Сите мисли í звучеа како шушкање на листовите на ветер. Се смешкаше, знаејќи дека иднината со мене е непознат поим. Ги тргнала грижите од лицето и со насмевка се украсила. Среќна е додека ја љубам. Сонцето секогаш најубаво í се смее додека е во мојата постела. Денот тогаш е посветол, појасен, ако може воопшто да постои нешто поблескаво од нејзиното лице додека ја љубам. Среќата е уште поголема, кога и моето лице го сјае невидена светлина. Колку и да се противев, не можев без неа. Не одолеаВ да не ја допрам, да не го осетам мирисот на нејзиното тело, додека усните í ги наквасував со задоволство. Не можев да пресечам, да престанам да вкусувам од шлагот, и да си го терам само кафето. Годеше малку благичко. Но, како да í ја скусам среќата, кога нема посреќна жена од неа кога е љубена?!

Не í ја скратив, тука таа себе. Кога сонцето í велеше збогум на месечината, утрото на ноќта, и таа í рече збогум на мојата постела. Безшумно се прикраде, бакнувајќи ме нежно. Внимаваше да не ме разбуди, но ме штрекна празната постела. Ја гледав додека полека, газејќи на прсти, небаре лебдеше над паркетот, ја напушташе мојата одаја. Со секој нареден чекор, солзите, тешки како олово, одекнуваа по подот, додека сонцето полека ја осветлуваше нејзината силуета. Им рече збогум на ноќите во мојата прегратка додека една солза í се лизна по лицето. Погледна во календарот што висеше на ѕидот и пак í дојде да заплаче. Побрза да ме напушти, пред сонцето повторно да ја начека в постела, како некогаш. Завјаса да ме напушти пред да се премисли и да се обиде сон крај мене уште еднаш да види. Срцето í се кинеше. Но, мораше да го напушти студеното срце во врелата постела. Не беше таа за оние лесни ноќи. Не беше моќна да ја издржи болката кога утрешниот ден ќе í биде празен, очекувајќи го мојот повик уште за една ноќ заедно. Очекуваше да се смилувам и да ја примам во срцето. Мечтаеше за дом, наместо само постела. Знаев дека посреќни од нас нема кога сонцето ќе нé начекаше в прегратка. Дури и ѕвездите намигнуваа кога се прпелкавме низ чаршавите. И месечината стискаше лајк, кога уште една ноќ беше свиена крај мене. Овојпат брзаше да избега од слабоста, додека спомените за сите ноќи í го параа срцето. Брзаше да не потклекне пред желбата уште еднаш да биде моја. Се засити да се залажува со трошки. Се презасити само малку да ја вкусува топлината на моето тело. Се умори да ме чека да се кандисам на љубов. Папса да се лаже на кусите задоволства. И се смачи од постојаното одбивање, додека, желна, очекуваше да биде моја секое утро и секоја ноќ. Не знаеше дека ја посакував повеќе од било што на светот. Секојпат í бев желен, колку и да се правев дека ми е сеедно што во ноќта ми свратила. Не знаев да ја љубам. И не се ни обидував. Се навикнав да се будам со неа во постела. Утрото да ми почнува со кафе крај неа, додека со желба ја гледам како упорно се смешка во моја прегратка. Ако глумеше љубов, беше одлична актерка. Не верувам дека чувствата можат да се одглумат. Љубовта не е ролја од нискобуџетен филм, па срцето да го наштелува да í чука за мене. Или пак, очите да ги натера да í блескаат за мене. Не сум сретнал поискрена. Ниту живост како што никогаш не сум видел. Ми ја пренесуваше заразата на среќа, ама не умеев да ја задржам. Ниту среќата, ниту неа. Ниту еднаш не се обидов. Најлесно ми беше со кафе да ја избркам од постела, не давајќи í ниту најмала шанса да ми се всели в срце. Љубовџии бевме, но не само за една ноќ. Неколкупати во неделата, неколку недели во месецот, неколку месеци во годината. Се топеше како тинејџерка, слушајќи ми го гласот. Очите í светнуваа, ако ми се спомнеше името. Подрипнуваше, подскокнуваше, блескаше и беше најсреќна во моите прегратки. Таму најдуваше нешто смирувачко. Ќе побегнеше одвреме на време. Лута и бесна, пак иташе да ме љуби, иако  ставила заклетва –  никогаш повеќе. Умеев да í признаам дека е во право. Ја знаеше мојата нерешителност. Бев за сé виновен. Но, упорно ја удирав главата в ѕид. Често бегав и од нејзиното тело. Се повлекував да не ја повредам. Таа упорна, со надеж, бараше нешто што не добиваше од мене. Ама í се смачи. Гладна беше од трошките што í ги давав. Чекањето ја убиваше со секое мое одбивање. Но, сега беше силна и полека ставаше крај на ноќите изминати во мои прегратки. Овојпат навистина е збогум. Ме послуша и замина, оти неможеше поинаку. Ако пак ме пуштеше во нејзина близина, ако пак дозволеше да ја кандисам макар и на кафе…

Блесна нов ден со празна постела во која ќе заспивам и ќе се будам. Ќе се будам среде ноќ да не посака љубење. Празна е постелата, како срцето нејзино. Остануваат и мислите празни, неисполнети со нови сеќавања. Ми остана празна постелата, а нејзе душата. Плус поразена и скршена од невозвратената љубов. Никогаш не сум бил поосамен. Не знам што беше потешко, ноќите или утрата. Пробувам  да видам сон за неа. Немаше ноќ, ниту ден да не ја посакам крај себе. Замина, велејќи ми “Прости ми што се обидов да ти покажам што е љубов, прости ми што несакајќи дозволив да ми се вселиш во срцето, што сакав да те љубам, прости ми што овојпат ништо од тоа не сакам!”. 

Б. Ј.

Loading