За сите граѓани на државава денеска е неработен ден бидејќи се празнува првиот ден од Рамазан Бајрам. За овој муслимански празник, претседателот Ѓорге Иванов неодамна, на покана од градоначалникот од Долнени, Боше Милошески, присуствуваше во селото Лажани на ифтар, на вечера по зајдисонцето за време на постите.
Честитајќи им го светиот месец Рамазан на жителите од муслиманска вероисповед од селата Црнилиште, Житоште, Десово, Дебреште и Лажани, Иванов на заедничка маса, им посака блискост во семејството и да помагаат секому кому му е потребна помош.
– Живејте во слога. Треба да си помагаме, да бидеме сплотени и единствени – порача Иванов.
За градоначалникот Боше Милошески, соживотот е битен, зашто ако меѓусебе не се почитуваме, тогаш не ги почитуваме и другите. Општина Долнени е мултинационална и единствена во која четири јазици се во официјална употреба: македонскиот, албанскиот, турскиот и бошњачкиот.