КАКО КАМИОНОТ СЕ ПРЕТВОРА ВО АВТОБУС      

Фрагмент од сообраќајната историја. Стар камион, со отворена приколка, приспособен со клупи, наместо седишта, служел како превозно средство за меѓуградски патнички транспорт. Овековечен е моментот кога машината, а и патниците се одморале на патот Велес – Прилеп. Клупите наредени во шест – седум реда, се полни со народ кинисан за некаде. Работата сигурно била важна, зашто траскањето со предвоеното Фијатче, без дилеми, “вадело камења од бубрезите”, по стариот прашлив друм меѓу двата града. Колкава била брзината, како се фаќале кривините, колку време се патувало, знаат само “мачениците” – патниците и шоферот. Изгледа, на камиончето не може да се постави цирада, па веројатно превозот во врнежливите периоди бил на “принуден одмор”.

За шест- седум децении, меѓуградскиот превоз направи “светлосен чекор” напред. Модерни автобуси, со комфорни седишта, клима уред и вграден музички систем, го прават релаксација денешното патување. Покрај сите маани, било забавен и авантуристички превозот со камион-автобусот.  

Loading