НОВ СЛИВ НА ПАРИЧНИТЕ ИЗВОРИ

Втор пат годинава прекроена градската каса

Prilivi za stabilnost - Drage ZvezdakoskiПричина за измените и дополнувањето на основниот буџет е ставањето во функција на пренесените вишоци од приходи од блок дотации од 34 милиони денари за основните и средните училишта, градинките, старскиот дом и градската библиотека, односно редефинирање на буџетските приоритети и на приходната и на расходната страна. Со измените, усвоени од советниците на 38 седница, основниот буџет се зголеми за 71,5 милиони денари. Од планираните 370, сега буџетот е 441,5 милиони денари. Зголемувањето на приходите од данок на имот е 30,8 милиони  денари, неоданочните за 1,8 милиони денари, капиталните за 25 милиони денари, и за 13,7 милиони денари капиталните трансфери од други нивоа на власта.

– Повеќе пари се обезбедија за одржување и изградба на локални патишта и улици. Тоа се дополнителни 17,6 милиони денари, потоа за експропријација уште 2,5 милиони, за изградба на канализација уште 4 милиони денари, за изградба на водовод 2,5 милиони денари, дополнителни средства за потрошена електрична енергија за улично осветлување и за обезбедување затоплување во објектите во кои работи и функционира локалната самоуправа, во категоријата стоки и услуги кај општинската админстрација за нормално да функционира до крајот на годината – струја, вода, телфони, поправки, односно тековно одржување – објаснува Драге Звездакоски, раководител на Секторот за финансирање и буџет при ЛС.

На буџетот од блок дотации додадени се 34 милиони денари неискористени средства од ланските блок дотации. Дури 22 милиони денари се за поправка и одржување на постојните згради и објекти во основното образование. Со 3,7 милиони денари ќе се коригираат платите, согласно на усогласувањето од 4 отсто во октомври. Од основниот буџет, покрај 3 милиони денари за подобрување на условите за работа, со ребалансот се обезбедени 3 милиони денари за средните училишта, од кои 1, 3 милиони денари за СОУ “Ѓорче Петров” за изградба на влез од улицата “Трајко Тарцан” и за изградба на скали во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу” уште 1,7 милиони денари. Најголем дел од неискористените блок дотации за средното образование се трошоци за превоз на ученици од населените места до градот и за превоз во градските линии. Таму одат 9,9 милиони денари.

– Вкупно се ребалансира буџетот за 105,8 милиони денари, од кој најголем дел, со 71,5 милиони денари се изменува основниот буџет, 34 милиони денари за буџетот од блок дотациите и 283 илјади денари зголемување на буџетот од донации, додека делот од буџет за самофинансирачки активности не се менува. Просек околу десет отсто. Во февруари годинава, интервенирано е во буџетот со одлука за проширување за 10 милиони денари кај донациите, со што ја прифативме донацијата од здружението за изградба на капела на старите градски гробишта. И таа стана составен дел на буџетот за 2015. Ова е класично буџетирање, класичен ребаланс со интервенции и на приходната и на расходната страна за раст на ефикасноста и на функционирањето. Неискористените 34 милиони денари од лани, со зголемување на приходите во основниот буџет, обезбедуваат нормално функционирање на јавните претпријатија и реализирање на годишните оперативни планови, усвоени од советот во сегментите за кои се обезбедуваат дополнителни средства, односно финансиска сигурност – вели Звездакоски.

Опозицијата побара за извештаите за тековното работење на ЛС да има ревизорски извештаи. Го искажа незадоволството од неприсуството на градоначалникот на седницата. Реагира на одлуката за 22 милиони денари дотации за јавни претпријатија, кои, според нив, лошо се менаџираат. 

Loading