Пазарче в дуќан

Магдески гениди 

Tradicija za odgleduvanje zelencukКај Магдевци 100 години, од дедо, прадедо, традиција е одгледувањето зеленчук. Произведуваат 36 видови зеленчук или сé што успева на нашето поднебје. Од неодамна, царството од свеж зеленчук и овошје, покрај на пазар, Јосиф Магдески го нуди и во дуќан со идеја да ја продава сопствената земјоделска стока, не давајќи ја на трговците за бадијала.

 – Прадедо ми, дедо ми, татко ми продавале, па и јас до пред да го отворам дуќанот. На тезга сум пораснат од 9 години. Тоа ни е живот. Освен зеленчукот, друго не знаеме. Еве и децата, по 8 и 10 години, сакаат да помагаат. Решив да отворам дуќан, оти произведувам повеќе отколку што можам да продадам. Пласманот е тежок. Трговците бараат за 10, ако оди 30 денари. Производството дојде скапо и не се исплаќа така да се даде. Дуќанот е релативно нов и сум задоволен за почеток. Кој еднаш влегол, се враќа пак. Нé препознаваат и од пазар – вели Јосиф Магдески.

Во крвта им е одгледувањето зеленчук, а овошјето помалку. Важат за најстари производители, не само во градов, туку и пошироко. Магдески одгледува по застарени методи, сакајќи да дојде до квалитетот, оставен од дедо му. Не го прска зеленчукот, а инсектите, како златица и вошка, ги ништи со старски тертип, со 48 часа отстоена коприва во вода. Прихранува со природно арско ѓубре, наводнувајќи со чиста бунарска вода. Издупил пет бунари. Производител е, но нема литература за зеленчук што постои, што не ја прочитал, следејќи и испробувајќи разни начини на одгледување.

– Располагам со декар ипол оранжерија по израелски систем со највисоки стандарди и 17 декари на отворено. Не претендирам да го зголемам приносот, количеството, туку многу култури на мала површина. Земјоделци сме со генерации и го познаваме растението како дише. Ако му даваш колку што бара, нема да се поболи. Како човекот, храни го само со свинско, ќе фати холестерол, а ако јаде разновидна храна ќе биде здрав. Работата е како да одгледуваш дете. Од семче, создаваш растение, го ставаш во земја, чекаш да ‘рти, корен да фати, ливче да никне, да порасни, да го пресадиш. И како што чекаш детето да заврши, да видиш некој резултат, така и растението ќе даде плод. Тоа е резултат што покажува колкава е успешноста на одгледувачот – со жар кажува Магдески.

Дуќанот е осмислен исклучиво за свеж зеленчук и овошје, како пазарче. Да се купи истата стока како на тезга. Наместо да се влечат торби, да се застане, да си испазари и да си носи дома. Понудата се збогатува со зеленчук и овошје што не се од нашето поднебје – ананас, банани, портокали, лимони, лимета, манго, авокадо, ѓумбир… Услугата е комплетна. Се пазари раат на едно место. Ако, два-тројца побараат производ што го нема, веднаш го снабдува.

Добро е прифатен како дуќанџија. Кој ќе проба розов домат од кај Магде и друг домат низ пазар, тој повеќе не си оди и станува редовен муштерија. Посветен е максимално на квалитет, не нудејќи “чурук”, туку стока класирана и калибрирана, според џебот и вкусот. Производите се свежи, оти не натрупува количества. Секојдневно прави набавки, не дозволувајќи вчерашен, некнежен производ да му даде на муштеријата, оти знае дека му поминало времето, иако на око изгледа одлично. Се разликува и по цените, исти се, дури и пониски од тезгите, оти производот е од прва рака.

– Задоволството е кога муштеријата се враќа. Исполнува кога ќе ми рече “алал да ти е, ваков домат немам јадено до сега”. Се случува некој производ да го уништам уште на нива. Ги познавам растенијата. Ако не ме бендисува, не го продавам. И лубеница, сечи ја дома, речи зелена беше, веднаш друга давам – додава Магдески.

За 3-4 дена, прв пред сите други, ќе ги заблажи сограѓаните со пченка шеќерец. Прв излегува со нов производ на пазарот. Некогаш почекува убаво да созрее, па да продава. Зимно време, атракција е со тиквите.

Трпелив е и скромен во очекувањата. Не бара многу, само да вади парче леб, да ја одржува фамилијата. Ако оди работата, ќе го проширува производството. 

Loading