Домашен комфор

Гарден Лимитлес

“Една идеја не знаеш каде може да замине, само кој ќе оди по неа.”

2Другарите Златко Димески, Жан Спиркоски и Игор Котески, од “пелени” заедно, од неодамна станаа и бизнис партнери во ланч барот Гарден Лимитлес. Занимавајќи се со мрежен маркетинг Лајонес, тргнале од едноставната идеја дека додека се шетаат по други ресторани и кафулиња, со пријателите можат да се соберат на свое место. Во пресрет им излезе и владиниот кредит за самовработување. Го искористиле бенефитот за старт на бизнисот.

– Се двоумевме меѓу пица-бар и фаст фуд, а произлезе ланч бар, ресторан, дополнет со жива музика. Сакаме да им понудиме комфор и удобност на посетителите, кои сакаат приватност и тивко место за релаксација – вели Спиркоски.

Тежнеат да делат од другите, па со локација на само неколку чекори од центарот, нудат помирно место за релаксација. Во поинаква атмосфера, посетителите уживаат во вкусовите на “мајсторски” приготвената храна, збогатена со необични сосови и уникатно аранжирани, добри за око и “јазик”, храна од која и прсти се лижат. Препуштање на атмосферата на занес, разладувајќи се со некој од спектарот на освежителни коктели или пијалоци, покрај филџан кафе. За викендите, неизбежни се забавите со жива свирка по сечиј мерак.

Нови се, само што се нурнаа во бизнис водите, но потенцијалните муштерии полека ги откриваат низ квалитетот и нестандардната понуда и мени. Ѕиркајќи во градината без граници, кој еднаш ги пробал климата и марифетите на кујната, станува заробеник и постојан гостин. Привлекуваат со амбиентот, надополнет со добрата услуга и богатиот избор на фантастични специјалитети, без граници. Токму како што и ресторанот го носи името. Редовни се со промоции на т.н. пакет производи, каде за цена од еден пијалак, добиваат два – ем кафе, ем сок, задоволството да биде целосно. А како двигатели на Лајонес, го вградиле кешбек системот во ресторанот, така што муштериите враќаат дел од потрошените пари.

– Секој трговец дава попуст, на ваков или таков начин. А колку даваш, толку ќе добиеш. Лајонес го донесе најголемиот обрт, оти на прво место е муштеријата и неговото задоволство, за утре пак да се врати. Затоа, целта ни е да создадеме амбиент, во кој секој би се почувствувал како дома – вели Котески.

1Единствен тринаменски објект за уживање во летната шема на отворено, за криење од сонцето и дождот во затворениот простор, но и за раат организирање на семинари и презентации на сепарираниот кат, без никој да вознемирува. Гарден ги отвори вратите и за организирање на различни веселби до 50 гости, од интимни прослави, родендени, годишнини, до матури. За кусо време, убавиот глас надалеку се слушнал, па стекнале  и гости од Кичево, Битола, Скопје.

“Гнездото” шири позитивна енергија. Одржуваат пријателски односи со вработените, со идеја да составуваат семејство и елан за работа. Велат, ако правилно е организирано, не е тешко да се води бизнис. Почнале со тројца вработени и управител. За еден месец се прошириле до осум вработени.

– Цел живот за други ‘рмбавме. Знаеме каков може да биде односот на стопанот, сопственикот со вработените. Тоа не е случај кај нас. Нема разлика меѓу газди и вработени. Сите сме едно. Кога има работа, се работи, кога нема, слободно можат да одморат, и кафе да пиеме. Ако не се тие, ни ние не би функционирале – додава Спиркоски.

Сепак се воздржани и не се во еуфорија по позитивните први ефекти. Затоа, рано е за заклучоци. Без да го видат тешкото, нема да го почувствуваат убавото. Штотуку тргнаа во освојување на што повеќе гости. Чекор, по чекор, па очекуваат и проширување и привлекување на муштериите. Богатиот избор на најразновидни понуди им е адут, или малкумина можат да одолеат на храната и забавата. Паралелни ќе бидат новите инвестиции во објектот и персоналот.

Loading