СПЕКТАКУЛАРНО ИЗДАНИЕ НА ГИМФЕСТ

Уште едно ремек дело од пазувите на Гимназијата

Najdobrite megju najdobrite - pobednicite na Gimfest2Отѕвонуваа мелодичните гласови на гимназиските таленти во ЦК “Марко Цепенков” преплавен од посететили. Извици на воодушевување и громогласни аплаузи, додека позитивна енергија и хуманост се ширеа насекаде. Уште едно ремек дело од пазувите на Гимназијата “Мирче  Ацев”, наречено Гимфест. Повеќе од професионално ја покажаа дарбата за музика на 5-тото издание. Макотрпните подготовки, многу ноќи непроспиени, максималната посветеност на организаторскиот тим, резултираа со спектакуларно издание кое никого не остави рамнодушен.  Сите ужива во една несекојдневна музичка вечер меѓу кои и митрополитот Преспанско – пелагониски администратор австралиско – новозеландски, г-дин Петар, градоначалникот Марјан Ристески и други видни гости и добронамерници кои присуствуваа на квалитетниот културно – уметнички настан.

За Гимфест да звучи и изгледа како вистински професионален фестивал заслужни се 20 ученици. Настапувајќи во четири блока, сите оставија добар впечаток кај публиката и кај жирито.

– Најдобар досега, од сценското аранжирање до настапот на учениците. Воодушевена сум од нивното меѓусебно дружење, не гледаа кој ќе освои место, немаше ривалство – вели творецот на фестивалот, проф. Татјана Иваноска, признавајќи дека и самата имала тешкотии во изборот на победниците оти сите се разликувале за нијанси. Затоа и ангажирала колеги од Скопје, диригенти, кои биле поуспешни на слух. 

Моментите кои ги споделуваа се посебни, безвременски, остануваат како ехо во доживотното сеќавање за меѓусебното дружење без ривалство. Во име на хуманоста се сплотија во големо музичко семејство. Средствата од влезниците се наменети за математички таленти кои веќе трета година по ред, ќе ја претставуваат Гимназијата на Олимпијада, каде се единственото државно училиште со вакви успеси по математика. Претходните години, собраните средства беа донирани за манастирот Богородица на Трескавец, за црквата Света Петка во Точила… Овој пат талентите за талентите.

'Vinovnicite' za GimfestНесебично и пожртвувано се залагаа директорот Кире Николоски и професорите Мартин Наумоски (претседател на комисијата за организација), м-р Татјана Иваноска, Николче Богданоски, Марта Макеска, Кети Ефремоска, Софија Крстеска, Наталија Гарбеска и Николче Толоманоски, да го издигнат фестивалот на повисоко ниво.

– Никогаш не сум бил позадоволен и повоодушевен. Фестивалот го сметам за добра креација со која оставаме трага како културна манифестација, придвижувајќи го нивото на музичка култура во градов. Ова е една музичка афирмација на голем број таленти од Гимназијата – вели директорот Кире Николоски.

Стручното жири составено од професорите м-р. Татјана Ивановска и Наталија Гарбеска, како и од три професорки од Скопје, м-р. Фроска Сапунџиева, Весна Симјаноска и Благица Димчева имаа тешка задача да ги одберат најдобрите меѓу најдобрите.

Стефанија Дукоска, со усовршените вокални способности, го освои првото место. Марко Маркоски го освои второто место. А третото место í припадна на Михаела Пацаноска.   

– Изненадена сум од наградата. Жалам што повторно нема да учествувам бидејќи завршувам како гимназијалец. Идните генерации нека бидат дел од ваквото доживување – вели победничката Дукоска.

– Среќа е да се добие награда. Немав некои очекувања, сакав да се дружам со другите учесници кои ми се пријатели – кажува Маркоски.

– Трета година настапувам на Гимфест, но секојпат е нова приказна, да се ужива. Убава беше дружбата, особено за нас матурантите – додава Пацаноска.

Фестивалот промовирајќи ги вистинските вредности како хуманоста, пријателството, соживотот, неминовно го истакна и потврди квалитетот на Гимназијата и талентите кои произлегуваат од неа.

СВЕТСКИ ХИТОВИ ОД АМАТЕРСКИ ГЛАСОВИ

Бистра Петреска настапи со Heal the World, Меланија Тодороска со Proud Mary, Наташа Ристеска со Take Me To Church, Наталија Трајкоска со I Love Rock ‘n’ Roll, Викторија Смилеска со Under the Bridge; Магдалена Кузманоска со Halo; Филип Шабаноски со My Way, Доротеа Дамјановска со Masterpiece, Ивана Илиоска со Only Love Can Hurt Like This; Стефанија Смилеска со Stop, Симона Илиоска со Frozen; Теодора Јовеска со Titanium, Марио Ангелевски со Thinking Out Loud; Михаела Пацаноска со Wildest Moments, Ивана Кормушоска со Well, Well, Well, Марко Маркоски со Bohemian Rhapsody, Анастазија Христоска со One and Only, Теодора Зероска со I will Survive – Hush Hush remix, Стефанија Дукоска со I Surrender и Михаел Милошески со Тајно моја.

СПЕЦИЈАЛЕН ГОСТИН ЕЛЕНА РИСТЕСКА

Elena Risteska ja krena atmosferata za GimfestЅвездата на македонската музичка естрада, евровизискиот претставник и финалистот на музичката емисија “Твоето лице звучи познато”, Елена Ристеска, со настапот ја вжешти атмосферата. Беше воодушевена и изненадена од идејата за средношколски фестивал и добрата организираност.

– Во моите школски денови имавме приредби, но не се сеќавам дека некое училиште во Скопје направило ваков музички спектакл. Има потенцијал да прерасне во поголем. Моја публика се и средношколците кои го кажуваат последниот збор кој да биде гостин – рече Елена Ристеска.

Таа предложи фестивалот да стане државен со учество не само на средношколци.   

Loading