Бесна шеќерна колекција на Наталија Трајкоска

Необично хоби

– Секое “шушкавче” има своја душа и приказна

Slatka kolekcija - Natalija TrajkoskaНекој има страст за собирање на поштенски марки, некој пасија за значки, друг има колекција на стари монети, четврти којзнае што, а младата, 23 годишната Наталија Трајкоска е собирач на пакетчиња со шеќер од неколку грама. Иако не е мераклија на кафе, колекционерката ја наталожила слатката збирка веќе со околу 400 различни пакувања во многу форми на шеќерчиња за кафе, собирани, па и поткраднувани од кафетериите низ градов и земјава. И пријателите í подарувале по некое пакетче од патувањата низ светот за да í ја збогатат необичната збирка. Хобите, ако така може да се рече, го тргнала да се се направи нешто ново, необично или, прилепски кажано, “од бес”.

– Иронично е, оти не сум кафеџија. Испиените кафиња се бројат на прсти. Но, како голем љубител на чајот, успевам да ја одржам пасијата во живот. Колекцијата почнав да ја оформувам пред година и половина, а “љубовта” по шушкавите книжиња е разгорена од детството. Првото шеќерче што сум го добила беше правоаголно, бело со сино куче со касета во устата од поранешната кафетерија Соник. Жалам што ми исчезна. Не се сеќавам што се случи – кажува Трајкоска која е дипломиран правник. 

Страста за слатките зрнца во мали пакувања ги прибира во секоја укажана шанса и од сите места каде што можат да се најдат.   

– Обично земам по две – три, за секој случај. Ме мотивира некој колекционерски дух, кој постојано гори и не запира. Поради тоа, понекогаш се најдувам и во непријатни ситуации. Во Дубровник пиев кафе “со сила” за да зачувам еден примерок од шеќерчињата во кафетеријата. Во Будва, иако не купив пијалок со кој следува шеќерче, учтиво замолив дали може да добијам едно. Не сакам да се окарактеризирам како човек кој боледува од клептоманија, или пак е арамија, меѓутоа признавам дека еднаш “украдов” шеќерче од шанк без прашање. Земам повеќе поради стравот “единствениот примерок” да се скине или да се оштети. Не е зијан од резерва. И тие служат за размена со неколку луѓе кои што имаат исто хоби – кажува  Трајкоска.

Според неа, нема прифатлива дефиниција ниту пак теорија или “тешка” филозофија, за инспирацијата за собирање на шеќерчиња, освен обична љубов.

– Кога еднаш ќе зашушка шеќерот в раце, тоа те заробува, се станува зависен и нема враќање назад. Луѓето си го поврзуваат шушкањето со парите, а секој примерок има своја приказна. Некое среќна, некое тажна, некое “матна”, друго “валкана”, трето смешна… Некои често ме враќаат на местата каде што сум била, потсетуваат на луѓето кои се поврзани со нив. Тие се како слики со душа. Има магија. Кога ќе ги допреш со прстите, некоја “чудна” сила како на филм те поврзува со нешто, со некого, со случка или настан – ги пренесува Трајкоска своите толкувања за шеќерните “експонати”.

368 razlicni 'sukavcinja'Ги чува на полица во својата соба. Иако изгледа како едноставна колекција, всушност е прилично специфична.

– Како сите продукти што се расипливи, и овие имаат времетраење со знак прашалник. Со белиот шеќер, нема нешто карактеристично да се сочува. Единствено, треба да се во сува просторија без влага. Одржувањето на кафениот шеќер е малку поспецифично, бидејќи со времето се згрутчува и здрвува. Кога имав десетина, ги чував во празен украсен пепелник. Кога се намножија и пепелникот стана тесен, ги “складирав” во обично најлонско ќесе. Кога и тоа стана премало, ги чував во “специјална” кутија за подароци. Сега и во нејзе не ги собира, па ги поделив уште во една, нова кутија од чевли. Добро е кутиите да се затворени со капак и содржината да се заштити од прашина. Но, потребно е шеќерчињата “да дишат”. Затоа не е лошо кутијата да има неколку дупчиња. Размислувам за иновативен начин на чување, иако засега ова функционира перфектно – објаснува колекционерката Трајкоска.

Меркалијата за минијатурни шеќерчиња се обидува преку социјалните мрежи да пронајде некоја “сродна душа”.

– Ја објавив колекцијата на фејсбук. Епилогот беше дека не сум била осамена, туку сум имала повеќе “колеги”. Можеби звучи смешно и глупаво, меѓутоа од оваа “занимација” произлегоа неколку цврсти пријателства. Се разменувам веќе со четири колекционери. Од коментарите произлегува дека имало можеби уште петмина кои порано почнале со собирање, меѓутоа престанале од различни причини – вели Наталија.

Ги собира за свое задоволство, а подоцна, ги “префатила” сите блиски. Со пасијата го заразила и момчето. И тоа í носи шеќерчиња од каде ќе стигни.

– Во “собирањето” го вклучив и семејството, посебно татко ми, чија професија е возач. Од патувањата, од време на време, ми оставаше по некое шеќерче на масата. Друштвото од различни градови, “за среќа на колекцијата”, придонесуваше за збогатување на “албумот”. Колегите се “максимално” вклучени и често, со шеќерчето, се сеќаваат на мене кога некаде пијат кафе. И луѓе кои не ми се блиски, но се познаваме, си правиме муабет околу тоа и да договориме кафе да ми ги донесат нивните зачувани шеќерчиња – вели Трајкоска.

Интересно í е кога некој непознат ќе í каже дека е запознаен со ваквото колекционерство.

– И во сон да ме праша некој, можам да му кажам од каде е секое шеќерче, кој ми го донел, ако не сум си го зела сама, или било што поврзано со него. Со колекцијата се вежба и се освежува меморијата. Секое има своја точка на картата на светот. Некогаш, кога ќе имам повеќе време, можеби ќе ги поврзам сите точки. Речиси 99 отсто се домашни, потоа од Битола, Скопје, Велес, Охрид, Кочани…, цела Македонија. Од соседите, Албанија, Грција, Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина… Потоа Романија, Турција, Германија, Франција, Холандија, Белгија, Шпанија и уште неколку други. Располагам и со шеќерчиња од САД, од цел свет. Некои се од познати светски брендови на кафе или чај, а некои се од локални произведувачи – кажува младата колекционерка.

Секој слободен момент умот í е свртен во колекцијата и трага по нови примероци за својата збирка. Паралелно ги зацврстува старите пријателства и бара начин за чување. Желба í е барем да има по едно шеќерче од сите држави во светот. 

Loading