Премиера на “Делириум Тременс”

На фестивалот на монодрамата во Битола

Delirium tremens  premiera i prazivedbaИгор Трпчески, актерот од ансамблот на театарот, со претставата “Делириум Тременс”  во недела, 26 април, во 20 часот, ќе се претстави на 17. издание на интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола. Трпчески е и режисер на претставата која е праизведба и е во копродукција со ЦК “Марко Цепенко”. На сцената на нашиот театар премиерно ќе биде прикажана во четврток, 30 април.

– ,,Делириум Тременс,,  или Алкохолно труење,, е дијагноза која ја добиваат хронични алкохоличари меѓу 48 и 72 часа од последната испиена чашка. Проследена е со тресење, дезориентација, па сé до халуцинации и стравови кои би можеле да го доведат субјектот во афектна состојба и да го направат опасен по себе и по околината. За жал, иако еден од првите текстови на Благоја Ристески – Платнар од осумдесеттите години, траги – комедијата не ја дочека премиерата на сцените, веројатно поради непопуларноста на монодрамата како жанр во тоа време, но никако не би требало да биде заборавена денес – вели Трпчески.

Потенцира дека авторот го загатнува “театарот во театар”, така што јунакот го претставува како сценски работник, кој случајно е тука и соопштува дека нема да има претстава, затоа што актерот кој треба да ја одигра претставата, е во болница поради Делириум Тременс.

– Приказната ја гледаме како низ едно скршено огледало низ призмата на овој сценски работник, затоа што ситуацијата во која тој е затекнат, е едноставна од една страна, но и генијална од друга, затоа што се поставува директен контакт и однос со публиката што ја прави претставата интерактивна, а публиката соучесник, во сé што се случува на сцена. Текстот почнува како класична комедија која во својот развој преминува низ повеќе фази како, апсурд, фарса,  музички или кабаретски театар, драма, а стигнува до епски театар, психо – драма и анти-драма или анти-театар. Претставата е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите меѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално – етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв – додава Трпчески.

Во претставата учествуваат и Димитар Ѓорѓиевски на гитара, бас, вокал, Менде Костоски кој настапува на хармоника и пијано, Бојан Андревски – перкусии и тапани, Борче Миленкоски на сакс. Сцената и костимите се на Бојана Артиновска Трпческа, преводот на англиски е на  Лидија Митоска Ѓорѓиевска, тон мајстор и светло Томе Темелкоски.

Монодрамата “Делириум Тременс” наспроти сета своја навидум  аскетски симплифицирана фабула, во основа е адресирана токму кон ова најкрупно прашање на човечкиот живот! Низ сосема секојдневни слики на единствениот лик кој се двоуми дали е сценски работник или е актер, дали е женет или е ерген, дали сторил злостор или не го сторил, Платнар ја внесува драмата на неизвесноста до степен порадикален од тврдењето на Калдерон: Ла вита е суено! Животот е сон! – имено, до степен на кој станува невозможно со сигурност да се одговори дали воопшто и сонуваме! Што ако животот не е дури ни сон, што ако е само хаотичен кошмар!? Што ако смртта е само чинот на иреверзибилното будење од тој кошмар!? Калдероновата дилема во која со репликата: “Ако животот е сон, не будете ме”, спасот го бараме во продолжувањето на животот преку продолжувањето на сонот, во основа изразува една бенигна позиција на наивна верба и прифаќање на животот. Одејќи до работ на свеста, Платнар внесува моќна и страотна опција дека спасот не е во спиењето, туку во будењето од овој живот. Со секој свој збор и со целата своја морничава исповед пред гледачите, ликот на неговата монодрама всушност преколнува: “Ако е ова животот – разбудете ме. Час поскоро”! – вели професорот Ферид Мухиќ.

Loading