ОД БАБИНИТЕ РЕКВИЗИТИ

ivce1Времето минува. Многу предмети излегуваат од употреба и им се заборава дури и името. Ќе набележиме неколку такви предмети. Неодамна, пребарувавме нешто во визбата. Во една фиока од стара маса пронајдовме две вретена и еден прешлен. Којзнае од кога не сме ги виделе. Го зедовме прешленот и едно вретено. Сакавме да се пошегуваме со младите, со внуците. Ги прашуваме дали ги препознаваат овие предмети и дали знаат како се викаат? Се разбира, првиот одговор беше дека не ги познаваат. Откако им објаснивме за што служат, за вретеното се сетија. Тој збор се употребува и сега. И во машините, во предилниците, во текстилните фабрики се среќава зборот ВРЕТЕНО. Затоа, за него се присетија, го препознаа. За ПРЕШЛЕНОТ немаа поим. Односно, откако им кажавме дека се вика ПРЕШЛЕН, тие велат дека им е познат зборот, но мислат на прешлените од ‘рбетниот столб. А каков е овој прешлен? Тоа е едно мазно, тркалезно, плоснато камче. Во средината е продупчено. Во тоа отворче се вовлекува долниот дел на вретеното. На таков начин, долниот дел станува потежок, а тоа придонесува за оптегнување, за усукување на нишката, на преденото што се формира при предењето со вретеното. Ете тоа малечко предметче што одамна не сме го виделе, се вика ПРЕШЛЕН. Некогаш го имаше во секоја куќа, а сега веќе го нема и во меморијата. Затоа, помисливме дека е добро, ако се потсетиме за овие два предмета.

Во една друга пригода слушавме разговор на една стара баба, која објаснуваше како сучела кора. Во еден момент вели: ”јамачето секогаш ми беше полно со сало”. Тоа предизвика интерес. Што ли е тоа ЈАМАЧЕ?! И овој предмет некогаш беше во редовна употреба. Исто како вретеното и прешленот, и овој збор го има во Речникот. Тое е всушност една бакарна чаша, можеби малку помала од половина литар. Има раче за држење. Во средината е потесно, а како се оди кон дното и кон врвот се проширува. Во него бабите си го топеа салото (или маста). Кога сучеа кора, зелник, колпишмиде или што и да е, црпеа од растопеното сало во јамачето и ги попрскуваа корите. Салото кое ќе останеше неупотребено си се здрвуваше и си остануваше во јамачето. Ако е отпразнето, се дополнуваше. Затоа бабата велеше дека јамачето секогаш и било полно со сало. Да напоменеме дека зборот ЈАМАЧЕ има турско потекло, но беше во редовна употреба. Го имаше во секоја куќа. Ете, изчезна и предметот и името. Ова раскажување на бабата го слушавме поодамна. Но, како да се чини дека зборот ЈАМАЧЕ го слушнавме во некоја од приказните кои сега редовно се емитуваат на нашиве телевизии.

Кога веќе ги споменавме приказните, ќе се задржиме на една неправилност што ја забележавме. Не се сеќаваме на сета содржина. Си спомнуваме само тоа дека некоја мома трбало да налее вода во една стомна од определена чешма. Го гледаме настанот. Момата оди кај чешмата да налее вода. Повеќепати се вели дека треба да наполни една СТОМНА, а таа во раката носи БАРДЕ. Учесниците (актери) во приказната, главно млади, можеби и некој постар, но очигледно не прават разлика меѓу СТОМНА и БАРДЕ. А има разлика. И двата предмета се од земја и служат за леење и за пиење вода. Но, се разликуваат. Стомната е поголема. Формата и е погргулеста, прилега на грне. Има две рачки. Вода се пие од устинката. Бардето има поиздолжена форма. Обично е помало од стомната. Има две рачки, но на едната рачка има дуле (некаде го викаат дулец). Водата се пие преку дулето. Стомните немаат дуле. Можеби тоа е и најголемата разлика меѓу овие два предмета. Бардето може да биде и само со една рачка, сепак има дуле, на таа, на единствената рачка. Поголемото барде се вика БАРДАК, но е помало од стомната. Затоа и во песната не се вели – “дали ти тежат бардињта , туку – “дали ти тежат стомните”?.

И тие предмети сега веќе не се во редовна употреба, но авторите (режисери, сценаристи, актери) кога веќе ги употребуваат треба да ја знаат и разликата меѓу нив.

Loading