Од пасење овци во филмска сцена

Канатларчанецот Марем Исламоски во турската серија Збогум Румелија

– Го играл Хаки Ефенди и уште две улоги

– Очекува нов актерски ангажман

Marem-ceka-pokana-za-nova-akterska-avanturaГи пасел овците Марем Исламоски (43) од селото Канатларци кога му заѕвониле продуцентите и режисерите на турската серија Збогум Румелија да го молат да ја одигра договорената улога на Хаки Ефенди на снимањето во мариовските села во битолско. Го кандисувале десетина минути да најде овчар да го смени в поле, зашто во кадрите што претстоеле немало замена за него со друг актер.

– Ми велеа остави ги овците. Веднаш праќаме кола на ливада. За неколку часа ќе влезеш во кадрите што се на денешниот распоред за снимање. Им одговорив дека не сум спремен, дека тешко ќе најдам некој да го преземе стадото неколку километри од селото. Ги прекорував за тоа што не ми се јавиле порано, а и дијалозите не ми беа саглам читани. Инсистираа и за неполн час, џип ме пронајде. Платив овчар да ги варди овците и заминав право да влезам во филмската лента – вели Турчинот Исламоски.

Тоа било дел од перипетијата што ја доживеал при снимањето на серијата. На крајот од умот не му идело дека ќе стане популарен актер, кој ќе го препознаваат низ улиците на Прилеп, на пазарот, каде продава биено сирење по неколкуте епизодни улоги во серијата, која по шест-седум години од снимањето се емитува на ТВ. Го знаат главно во селото, од кое во серијата учествувале како статисти педесетина души. Само тој бил глумец со реплики и дијалози, но и со природни мустаќи. Во три ликови, трипати умрел во серијата. Затоа добил понуда да игра во Истамбул, ама не отишол. Сепак бил дел од актерската екипа на турската серија Балканска свадба, која, според него, не завршила со снимање. Го менувал гласот на турски на Тони Михајловски во српската крими серија Парада. Го побарале за улога во серија што ќе се снима околу Нова Година во Македонија под режисерката палка на човекот што ја водел серијата Сулејман Величествениот.

Му годи и сега кога се сеќава дека се дружел и муабетел со Рамиз Млекарот, со Џабар Ефенди, со Петрусали, со Никола Терзија… Вели дека се обични луѓе, професионалци, ѕвездите Рамиз, Мустафа, Вахиде, Алекс, Зарифе, Кајмакамот, Димитри, Хатиџе…со кои седел на паузите и пиел чај. Па и ручале, пиеле и јаделе на една маса не само на терен по селата, туку и во Охрид и Битола, каде биле локациите за снимање на дел до епизодите.

– Заедно пред снимање пробувавме. Хатиџе беше душа од човек, многу се сликавме. И Рамиз е арен човек, муабетџија, ама големџија. Многу заработуваше за филмот. Интересно беше да си во близина и комуникација со актерите – вели Марем.

Не крие дека додека се снимала серијата бил овчар в село и неколкупати во неделата актер.

– Сега сум сточар, сопственик на неколку крави од чие млеко произведувам сирење. Пријатно е кога ја следам серијата. Ги гледам дијалозите, за кои на почетокот, пред изборот, не ми беше сеедно. Се потплашував малку. Ја следев серијата и на турски на интернет кога како трговец со тутун, Хаки Ефенди, со Никола Терзија договараме дубари и рушвети да им го земеме тутунот на селаните поевтино. Бев и во ролја на бунтовник против љубовта на муслиманката Зарифе со христијанинот Алекс и го тепав Млекарот. Бев и еден од оние кои не дозволуваа Вахиде да оди во војната – кажува Исламоски, кој додава дека и најстариот син Ерен се појавува во серијата како еден од учениците.

Tutunarot-Haki-Efendi-go-igra-MaremУлогата ја добил откако успешно го изглумил пробниот текст на аудицијата во селото, но и поради течниот и оригинален говор на турски јазик. Добил виза да биде дел од Збогум Румелија и поради отсуството на страв од камерите и огромната придружна екипа на снимањето. Многу други канатларчани пробале, ама се треселе и биле избрани само за статисти. Дури 30 души од селото биле учесници во епизодата на свадбата на Вахиде и Мустафа.

– Професионален беше односот на снимањето. Поради мене не повторуваа кадри. Немав проблем со текстот, дури и нешто импроивизирав. Сметаа дека додавањето е креација и го разубавува дијалогот. Имаше и суфлери, но не ми беа потребни, зашто текстот го читав навечер многупати и го знаев напамет – вели Марем.

Од македонските актери, другарувал со Рулан од Гостивар, во улогата на Димитри, со скопјаните Зарифе, Алекс, Бедие и со Џезми комутантот и Бајтар екимот. Им се оддалечиле контактите со “другарите” од Збогум Румелија.

Канатларчанецот не мечтаел да стане актер, но кога ја гледа серијата, се поднасмевнува, оти веќе го доживел несонуваниот сон. 

Loading