Даниел пее на музиката од ДЈ Рубин

– Авангардни варијации на солист и музички аниматор

1. Pesna niz DJ muzika - Pavloski i TrajkoskiСе “сретнаа” DJ Robbie Roy (28) и пејачот Даниел Павлоски (25), новото електронско дуо и со промо видео на јутуб направија бум во музиката, што дури го привлекоа вниманието и на грчка продукциска куќа. Предизвикани од желбата да создадат необично, урбано видео, Даниел пее спој од 4 песни – “Wake me up” и “Hey brother” од Авичи, “Titanium” од Дејвид Гета и “Under control” од Келвин Харис, изменети, испреплетени, а не само вадени и сечени, во придружба на мелодијата сервирана од DJ Рубин Трајкоски.

– Проектот се создаде случајно. Да не биде она “диџеј пушта музика”, туку DJ да има поддршка со соло пеење. Како “маршап”, слушаш една музика, а излегува сосема друг текст. Ги следам движењата на луѓето и со тоа знам која музика им одговара. Голема помош ми е Даниел. Тој стапува на сцена, почнува да зборува, да пее, прави контакт со публиката, во смисла “рацете горе”, додава музичко масло на загреаната атмосфера – вели DJ-от Рубин.

2. Sakam srekni luge - DJ Rubin TrajkoskiРубин Трајкоски шест години “пали” на бродовите низ светот. “Кариерата” ја почнал пред десетина години како средношколец. Воодушевувајќи се и учејќи од ДЈ Гоце и Диме Фетбој во дискотеката, сам пробал да пушта музика во тогашните кафулиња. Завршил средно и “тркнал” по палубите на крузери да биде келнер. На свое, и на задоволство на колегите, добил изим да пушта музика за разонода. Менаџерите го препознале осетот за музика. Му довериле организација на забави на брод. Потоа и со сите “салтанати и тертипи” станал резидент DJ на брод, пуштајќи хаус, електронска музика, маршап, агресиви… Душата ја храни кога од столиците ја крева публиката, кога аудиториумот го предизвикува да скока, да рипа, да танцува во ритамот на музиката.

– Ја сакам енергетската музика, на која публиката не може да мирува, туку скока. Уживам луѓето да ги правам среќни, кога им ги отргнувам лошите мисли на секојдневието, кога успевам да ги донесам од рамнодушност до фаза на еуфорија… Пуштам нешто што сите го знаат, но на крај да испадне сосема неочекувана комбинација, да не биде демоде, здодевност и секојдневие. Едноставна песна, која сите ја очекуваат и ја знаат, но во друга верзија, правејќи врска меѓу најубавите делови од 3-4 песни. Принципот ми е да ја следам “климата”, да ги следам движењата, дали половина играат и да ги натерам останатите да се придружат на “свирката”, односно на мојот избор и музички варијации. Ако не оди, тоа е ориентација да сменам друг стил, да барам друг марифет да ги откорнам од удобните фотелји. Не е лесно, нужно е следење на музичките текови и воспоставување интеракција со гостите. Работата бара многу труд и слух, чувство која песна одговара да се влијае на жлездите турбо да лачат хормони. Нужна е и брзина на рацете, добар тајминг… – додава DJ-от.

Редовен е на настапи низ земјава, а “резиденцијата” му е во Македонски Брод. И прилепчани “џускале” на неговиот избор. Учествувал на Пиво фест и на општинскиот Мунлајт фестивал 2013 на камената сцена.

3. Peenjeto e najubavoto nesto sto mi se slucilo - Daniel   PavloskiВокалните способности на Даниел се слушнаа првпат на Мелфест, на 13-14 годишна возраст. Како средношколец контактирал со Дуле Темелкоски. Со неговиот другар на гитара ја почнаа седумгодишната приказна на бендот “Трета Димензија” со 7 авторски песни. Настапувал и на фестивали, Макфест, избор на песна за Евровизија, каде стигнале до петтото место. Познати се по честите свирки со странски рок песни, македонски и југословенски евергрин, па и поп по локалните кафулиња и во околните градови. Во последните 3-4 години секој тера свој пат, брка своја кариера, а нивната популарна песна “Болест зараза” уште се врти по радио каналите. Даниел не седел со скрстени раце. Спремил неколку песни со Рубин Димкоски, кои одвај чекаат да излезат во етер. 

– Ме исполнува пеењето. Тоа е најубавото нешто што ми се случило. Колку и да трае настапот, не се заморувам, се понесувам со музиката. Не сум се замислувал како соло пејач, оти тоа ми звучи како да сум професор во музичко училиште. Со проектов со DJ Рубин ја засакувам електронската, комерцијална музика, бидејќи има повеќе пеење, израз на талент и можност за истражување. Полесно е со неа, отколку во бенд, каде треба хармонизирање. Со DJ во придружба имаш слобода, кога сакаш почнуваш и можеш повеќе да се истакнеш како пејач – додава Voice DP, Даниел.

Електронското дуо се впушта во амбициозен, авангарден поход. Очекуваат преговори со неколку продукциски агенции за настапи по кафулиња. Најавуваат и ново видео, со авторска песна. 

Loading