КОЈ “ШВРЛЈА” ТАМУ?

ivce1Дебатна емисија. Политички аналитичари, новинари. Јазикот, како и секогаш. Полн, преполн со грешки. Многупати и за многу од тие грешки сме пишувале. Овојпат, еден од присутните се “погрижи” да го зголеми фондот на погрешните зборови. Човекот е новинар по професија. Долгогодишен. Едно време беше дописник од странство. Зборува доста темпераментно. Ги оставаме многуте грешки. Ќе се задржиме на една. Да кажеме дека темата беше нешто со некакво прислушкување. Наводно, замешани биле странски државјани. Го менувале местото за прислушкување. Новинарот се чуди и вели: “Како е можно такви луѓе да се шврлјаат низ градот”? Повеќепати го повтори зборот – ШВРЛЈААТ. Каде ли го најде? Се разбира, во нашиот јазик го нема тој збор. Пребаруваме во српско – македонскиот речник. Да! Го има таму глаголот – шврлјати. Во објаснението пишува дека тоа значи – СКИТАЊЕ, ТАЛКАЊЕ. Од тоа се подразбира често и бесцелно талкање. Освен тоа значење глаголот ШВРЛЈАТИ, значи и ЧКРТАЊЕ, ЧКРТАНИЦИ, НЕУБАВО ПИШУВАЊЕ. Да се вратиме на првото значење – СКИТАЊЕ, ТАЛКАЊЕ. Точни се и двата збора, но тие можат да значат и скитање или талкање и во некој поширок простор. А тие луѓе, за кои зборува, новинарот, ШВРЛЈАЛЕ низ градот, де на едно, де на друго место. Најдобар израз за ваквото дејство на македонски би бил – ВОЈВАЊЕ. Тие луѓе се ВОЈВАЛЕ во градот без некој да им обрне внимание. Изгледале дека така се моткаат, се шеткаат ваму-таму. Уште еднаш повторуваме дека најсоодветно е ако се рече дека СЕ ВОЈВАЛЕ, СЕ ВОЈВАЛЕ де ваму де таму. ШВРЛЈАЛЕ го нема во нашиот јазик. Тој збор дури и со неговиот строеж невозможно е да биде прифатен кај нас.          

Читаме во дневен весник колумна од редовен и познат колумнист. Сретнавме една ваква реченица: “Ајде малку да филозофираме или како што би рекле ние Македонците, да млатиме празна слама”. Извинете господин колумнист, но Македонците не би рекле – МЛАТИМЕ ПРАЗНА СЛАМА. Пред се, поради тоа што глаголот МЛАТИТИ не е наш. МЛАТИ, на македонски значи УДИРА, ЧУКА, МАВА. Затоа, некои го преведуваат српскиот израз (без потреба) и велат: “Чука празна слама”, а воопшто нема потреба од тоа. Кај нас не се создал, не се развил таков израз. Во сегашново време комбајните го вршат тоа дејство. Некогаш се вршело со коњи или со волови и така се добивала слама. Се чукала само ‘ржта, но не за да се добие слама туку за јажици кои се потребни за врзување на снопјето. Да не завлегуваме во тие детали. Кај нас, кога се врши некоја непродуктивна работа или кога се зборува нешто незначајно, се вели – “Мати вода во аван”. Тој е најсоодветниот израз за српското – “Млатити празну сламу”. Можеби може да се рече и некако поинаку, но “Млатиме празна слама” не може никако.

Една докторка во една телевизиска емисија објаснува како треба да се однесуваме, како да постапуваме со болните од грип или од други болести. Покрај повеќето совети, докторката советува дека треба да се проветруваат просториите во кои БОРАВАТ болните. Оваа грешка сме ја слушале мошне често. Сме слушале дека туристите требало да плаќаат БОРАВИШНА такса. Тоа е всушност ПРЕСТОЈУВАЛИШНА такса. Такса за ПРЕСТОЈОТ, а не за БОРАВОКОТ. Затоа и докторката требаше да рече дека просториите во кои ПРЕСТОЈУВААТ (а не борават) болните треба да се проветруваат. Глаголот БОРАВИ го има во нашиот јазик но со сосема поинакво значење. БОРАВИ значи МЕША, БУРИЧКА, обично за храна. Затоа постои и голема лажица за БОРАВЕЊЕ и се вика БОРАВАЛКА. Во по некои места во Македонија и качамакот го викаат ТУРИ-БОРАВИ. Царевното тесто е меко и постојано се БОРАВИ (се меша) додека се вари.

Ајде, да не “ШВРЛЈАМЕ” повеќе.

Loading