ПРИЛЕП СТАНА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ НА РЕНОМИРАНИ СВЕТСКИ КОМПАНИИ

Градоначалникот Марјан Ристески

Ќе се подобри ли економската слика во Општинава со инвестициите на странските компаниии, како “Гентерм” за производство на грејачи за волани со нови 2000 работни места, германската “Акомпласт” со 250 вработувања, италијанската компанија за расветни тела “Буци и Буци” со ангажирање на 50 лица и многу други? Воедно започна ли инфраструктурната подготовка на слободната економска зона Алинци?

Stranskite investitori prepoznaa bizinis ambient vo Prilep - Marjan RisteskiТреба подолг период за да успеете да донесете инвеститори. Минатите два мандати беа подготвителен период. Пред 10 години половина град беше без ДУП, со проблеми во водоснабдувањето, без соодветна канализациона мрежа, без асфалтирани улици, места за паркинг. Со Владата, работевме на создавање услови за привлекување инвестиции и отворање на работни места. Донесен е нов ГУП со инвестиционен и развоен карактер, во изработка се повеќе од 60 ДУП, со што се создадоа услови Прилеп да биде една од дестинациите за инвестирање на реномирани светски компании. Во технолошко индустриска зона Алинци, американската компанија Гентерм за производство на греачи за седишта на автомобили и волани ќе гради фабрика. Првата фаза би завршила до ноември. Ќе се вработат 1000 луѓе, а по завршувањето на втората фаза за 2 години, планирани се уште 1000 вработувања. Производите се за Ферари, Бентли, БМВ, Крајслер, Фиат. Би ја споменал и браун филд инвестицијата на германска компанија за пластични делови за поврзување на електроника во автомобили Акомпласт со 250 вработувања. Предвидено е производство во објект под наем кон средината на годинава. Во рафинеријата за производство на етанол во Мариово, американската  компанија Ду Понт ќе има 1000 директни и уште толку индиректни вработувања. Италијанската компанија за расветни тела “Буци и Буци” чија почетна инвестиција е 300 илјади евра со 50 вработувања, ќе произведува ламби за Бенетон, Армани и Версаче. Би го споменал и договорот за стратегиско партнерство на Тутунски Комбинат со реномираната компанија “Филип Морис”, кое е гаранција за кооперантите. Комбинатот ќе биде избришан од листата на загубари. Со доаѓањето на сите овие инвестиции ќе се овозможи заживување на локалната економија. Индиректно во градежништвото ќе влезат преку 30 до 40 милиони евра и индиректни 500 до 1000 нови вработувања.

Паралелно со тоа, до каде е комплетното поставување на инфраструктурната во индустриската Зона Прилеп 1, каде повеќе компании купија парцели за нови погони?

Со новиот ГУП создадовме нови индустриски зони. Еден од приоритетите е изградбата на инфраструктурата со средства од Буџетот на ЛС. Доколку дозволат временските услови, следната недела се очекува да почне асфалтирањето. Беа распродадени 21 локација за фабрики и погони за нови 2000 вработувања. Во изградба се новите објекти на Тритекс, Дониа, Годам и Провиста. Наскоро ќе постават камен темели на Стара фурна и Иман компани. При крај е изработката на новиот ДУП за Индустриската зона Прилеп 2 кај Сточниот пазар со 16 локации за помали капацитети кои ќе овозможат 1000 нови вработувања. Поради добрата соработка и успешно завршениот проект со Светската Банка овозможивме донација од 130 илјади евра за инфраструктура во индустриската зона Прилеп 1.

Ќе вродат ли плод посетите на унгарските стопанственици, индиската делегација и други странски инвеститори за отворање на компании во кои ќе се ангажираат невработени?

Секојдневно нé посетуваат инвеститори од различни делови на светот кои се заинтересирани да вложуваат во градежништвото, земјоделието, образованието, здравството, па сé до инвеститори за купување на загубарот Еурокомпозит. Во контакт сме со министерствата и институциите. Соработуваме со Стопанската комора и големо внимание посветуваме и на домашните инвеститори.

Кога ке почне градбата на маркетот на Тинекс, на местото на пазарот за сирење?

Преку продажба на градежно неизградено земјиште, компанијата Тинекс го купи просторот на поранешниот пазар за сирење. Наскоро се очекува почеток на градбата на парцелата од 1.617 м2. Предвидена е изградба на нов трговско деловен центар, со визба, приземје и два ката. Ќе биде објект од затворен тип. Ќе има можност за над 100 возила да се паркираат во подземен паркинг. На приземјето и катовите ќе има деловни објекти според проектот. Ќе се промени централното градско подрачје, а изградбата се очекува да започне после доставувањето на основниот проект од фирмата.

Постојано повикувате невработените да се јавуваат на огласи од АВРМ и да ја искористат шансата. Може ли да се најде работа?

Одлично соработуваме со АВРМ. Преку активните мерки, вработување најдоа преку 1000 луѓе. И понатаму Прилеп важи за една од најактивните општини која ги користи овие мерки.

Нашата општина е прва во која со средства од ЕУ се реализира проектот за реконструкција на канализационата мрежа и изградба на пречистителна станица. До каде е втората фаза?

Изградбата на пречистителната станица е еден од најголемите проекти, вреден 30 милиони евра. Заврши првата фаза, каде беше предвидено градба на примарната канализација на главните колектори кои би ја примиле целата канализациона мрежа што ќе се гради во иднина. Реализацијата на првата фаза чини 6,5 милиони евра. Веќе потпишавме договор за втората фаза со изградба на пречистителна станица и дополнителни 45 км. нова канализациона мрежа. Сепарирањето на фекалната и атмосферската вода, ќе ја заштити градската река. Најголем бенефит ќе имаат земјоделците. Целиот проект треба да заврши во 2016 година. Улиците кои се раскопуваат за брзо време ќе бидат асфалтирани. Ги замолувам граѓаните за трпение.

Кога ќе биде готов кружниот тек кај Солидност? Асфалт доби Тризла после многу децении. Останаа ли неасфалтирани улици во градов?     

На влезот на градот, се изгради една современа авенија во должина од 2 км. со пари од локалната самоуправа, ЈП Водовод и канализација и поволниот кредит од Светската банка. Булеварот ќе заврши со доизградба на кружниот тек на крстосницата кај Солидност и реконструкција на потегот до мостот Табаана. Поставени се повеќе од 170 км асфалт во кои беше опфатена и населбата Тризла. Се реконструира и собирниот канал во Варош. Заменети се повеќе километри водоводна мрежа. Остана уште мал дел неасфалтирани улици, но тоа е поради изведбата на проектот за промена на канализацијата и пречистителна станица. Не ги запоставуваме и селата. Ќе се изгради пат до манастирот Св. Петка во Лениште, до Маркова Чешма и др., а започна и првпат во историјата на Прилеп изградба на канализација во Мало Коњари, Големо Коњари и Канатларци. Проектите вредат 2 милиони евра. 

При крај се градежните активности на 76 – те социјални станови во Точила. Најавувате трета социјална зграда?

Становите се наменети за самохрани мајки, социјални семејства, многудетни семејства и лица со посебни потреби, со што повеќе прилепчани ќе го решат станбеното прашање. Распределбата на становите ќе ја врши Министерството за транспорт и врски, по електронски пат. Интенција на Владата е секое семејство да дојде до покрив над главата. Се разгледува можноста во следниот период во новите детални планови да се предвидат уште неколку локации за изградба на комерцијални станови и станови за ранливите категории граѓани.

Ќе се постави спомен-обележје на Крал Марко, како и за битката “На ножот”. Колку изградбата на споменици е оправдана?

Поставивме споменици на Ѓорче Петров, Пере Тошев, Кузман Јосифоски Питу, Пеце Атанасовски, Круме Кепески и Блаже Конески, како и спомен обележјата Карпалак и Прилепски бранители. Споменици ќе има и за Крал Марко, Методија Шаторов Шарло и спомен обелжје за битката кај Ножот. Со тоа оддаваме почит на личности кои се од големо значење за историјата. “Оправданоста” е погрешен збор за поставувањето на спомениците, бидејќи тоа е наша обврска и должност. Поголем дел од  нив го дале животот за оваа Македонија, во која денес живееме. Тие се нови симболи на градот.

Во каква финансиска кондиција се ЈКП Комуналец и ЈП Пазари? Ќе има ли зголемување на цените на комуналните услуги?

Ние бевме првата општина која го следи примерот на Владата со спроведување на антикризните мерки и намалување на локалните даноци и такси. Имаме функционални претпријатија кои постојат за потребите на граѓаните. Прилеп е најчист и најуреден град. Претпријатијата ги презедовме не само нефункционални, туку и со огромни долгови кои ги оставија претходниците. Стабилноста овие 10 години никогаш не била доведена во прашање, така ќе биде и овојпат. Имаме финансиска програма за стабилизација на јавните претпријатија, бидејќи минатите години имаа големи инвестиции со реализација на сите овие проекти.

Паркирањето на патничките моторни возила е регулирано на јавните паркинзи. Градскиот превоз ќе се прошири ли со нови линии?

– Имаме најевтин паркинг во Македонија. Таа тенденција ќе пробаме да ја зачуваме и понатаму. Првпат во историјата на Прилеп почна да функционира градскиот превоз, иако многумина беа скептици. Планираме да набавиме други автобуси со што би дополниле уште неколку линии. Една линија кон приградските места, една кон населените места од старата општина Тополчани и една линија пробно до Мариово. 

Инвестирате во образованието. Кога ќе се сече лента на спортската сала во СОУ “К.Ј. Питу” и дали годинава ќе почне градбата на новото училиште во населбата Сточен пазар?

Наскоро ќе биде ставена во функција спортската сала во СОУ “Кузман Јосифоски Питу”, а во напредна фаза на изградба е и спортската сала во ОУ “Добре Јованоски”. Вакви сали ќе добијат и ОУ “Кочо Рацин”, “Кире Гаврилоски – Јане” и “Блаже Конески”. Обезбедивме  80 илјади евра од проектот за прекугранична соработка, за промена на дограмата на средното економско училиште. Ќе се замени дограмата во ОУ “Блаже Конески” и преостанатиот дел во Гимназијата. При крај е градбата на двете монтажни училишта во Галичани и Беровци. До крајот на годинава се очекува постапката за избор на изведувач на градежните активности за изградба на училиште во Сточен Пазар со средства од Буџетот на Општината. Вложуваме и за развој на спортот. Имаме стадион со вештачка трева, преку донација од ФИФА и УЕФА и буџетот на Општината. Од Лозана од Швајцарија добивме донација сала балон, која ќе биде наскоро поставена. Донација од Лозана се и 17 илјади столчиња за градскиот стадион “Гоце Делчев”. Обезбедивме и инвестиција за промена на теренот, осветлување и ќе имаме современ европски стадион.

НИШТО НЕМА ДА НE ПОКОЛЕБА

Не можеме, а да не прашаме за коментар на “бомбите” од Заев?

– Бомбите се одамна минато за Прилеп, а и овие долгонајавувани бомби од опозицијата нема воопшто да нé поколебаат во реализирањето на нашата програма и проектите ветени на граѓаните. Опозицијата во услови на немање проекти и програма, во услови на немање што да понуди, се занимава со вакви работи кои што очигледно се единствената работа што знае да ја прави и í е останата во наследство да го кодоши својот народ и својата држава за туѓи интереси. Но, почитувани господа од СДСМ, без труд и пот, без реални проекти и реална понуда, а преку шпиунирање, кодошење и манипулација не се иди на власт. Прилепчани добро прават споредба што беше Прилеп во време на нивното владеење и што претставува Прилеп сега во времето на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ. Ете таа споредба кога граѓаните ја прават ги дава сите овие изборни резултати во минатите девет изборни циклуси.

Во Тризла

ПЛОШТАД ОКОЛУ ЏАМИЈАТА 

Се помага изградбата на  црквата “Св. Петка” и  џамијата во Тризла 2 која ќе ги задоволи верските потреби на Ромите?

– Црквата Света Петка до 8 август треба да биде целосно фрескоживописана, да се направи иконостасот од бел мермер, да се изгради камбанаријата и да има големо осветување. Би започнала и изградбата на плоштадот околу црквата. Ќе продолжи и изградбата на другите помали цркви и џамијата во Тризла. Околу џамијата ќе се гради и плоштад, кој ќе биде еден вид центар во ромската населба “Тризла”. 

Loading