ТРИУМФИ НА МАТЕМАТИЧКИТЕ ПОХОДИ

Гимназијата е расадник на талентирани математичари

– Стефан Николоски во Тајланд на Светска олимпијада

Gimnazijata se gorde na godinasnite uspesi na svoite   ucenici - matematicariГимнастика на умот, уметност, предизвик да се докажуваш, секоја задача е приказна за себе…

Така ја доживуваат математиката гимназијалците Стефан, Марко, Инес и Славчо кои незапирливо освојуваат математички полиња. Закитени со високи достигнувања на државниот натпревар, ги претставуваа Гимназијата и градот за најдобри меѓу најдобрите на Македонската Олимпијада. Несомнено Гимназијата потврдува дека е расадник на талентирани математичари, особено последниве три години. Апсолутниот победник на Државниот натпревар, матурантот Стефан Николоски, блесна и на Македонската Олимпијада. Како третопласиран, беше одбран меѓу шесте најдобри да ја претставува државава во Атина на Балканската и во Тајланд на Светската математичка Олимпијада, во потрага по уште повисоки резултати.

Бројни успешни математичари

Najdobrite matematicari od Gimnazijata so direktorot Kire NikoloskiГимназијата, трета година редум предничи, но годинешните успеси се рамни на подвиг. Не минува математички мегдан, а Гимназијата да е без свој претставник. Низ годините секогаш имала барем по еден, двајца, но годинава на Државната Олимпијада се гордееше со четворица надарени математичари. Кој прва, кој трета година, кој матурант, сите во еден “кош биеја бој со бројки” со ривалите од земјава. Цели 270 минути се “потеа”, одгатнувајќи со формули и други знаења задачи надвор од наставната програма, рамни на универзитетско ниво.

– Задачите беа тешки. Но, со искуство ги чувствувам полесни. Решававме 4 саати и 30 минути. Времето летна. Се чувствуваш како во некој друг свет на бројките и операциите, ти “шетаат” низ главата илјадници варијанти и решенија. Задоволен сум од постигнатото. Чест ми е што повторно ќе си ја пробам среќата и на светско ниво и ќе ги бранам гимназиските, прилепските и македонските бои –  вели Стефан.

Се натпреваруваа на Олимпијада, откако претходно покажаа одлични резултати на државниот натпревар во Скопје. Од прва година, под менторство на професорката Афродита Стефаноска,  второ место освои Инес Лесновска, а трето Славчо Премчески. Од трета година, Марко Маркоски, ученикот на професорката Евгенија Нешкоска, се избори за второто место. А матурантот Стефан Николоски, предводен од професорката Антонија Гическа Петкоска, се закити со прво место со максимални 100 поени.

Николоски е познат и по високи достигнувања на полето на информатиката. По натпревари, редовно го дружи и Марко, кој највисок резултат постигнал, освојувајќи второ место на државен и два пласмани во Репрезентација. Наскоро, двајцата ќе се докажуваат како информатичари и на државната Олимпијада. 

– Вежбањето не се тера кампањски, нужна е континуирана работа и широки видици за напредување во знаењата. Решавањето задачи е развој на мозочните виуги. Тоа носи чувство на исполнетост и на мирна совест – вели Маркоски, кој со математиката е друшка од основно и дури шестпати стигнал до Олимпијада.

Инес и Славчо се прва година, но вторпат учествуваат на Олимпијада. Инес ќе води математичка трка до 15 години, во јуниорската конкуренција.

– Задачите беа исти за сите возрасти. Прилично тешки, за повисоко рамниште на знаење. Но, уживам во математичката енигма и одговорот. Математиката ме опушта, оти не е само наука, туку и уметност. Потребно е многу работа, талент и континуитет. Во иднина очекувам подобри резултати – ги пренесе Славчо впечатоците од Олимпијадата.

Тригодишна традиција

Stefan Nikoloski vo drzavnata ekipa na lanskata Svetska   matematicka olimpijada vo KejptaunГимназијата три години се качува на пиедесталот на државните натпревари по математика, гордеејќи се со свои претставници и на меѓународни натпревари. “Трката” по светски успеси ја почна Антонио Миоски во 2013 година, кој, освојувајќи ги сите можни награди се натпреваруваше и на Светската олимпијада во Колумбија. По стапките тргна Стефан Николоски. Не е непознат во математиката. Лани отиде дури во Кејптаун во Јужно Африканската Република да ги мери силите со светски математичари. За два поени беше блиску до бронза. Годинава, како третопласиран на државната Олимпијада, обезбеди “билет” да се впушти во поход по медали на Светската математичка олимпијада во Тајланд.

– Се пронајдов во математиката. Секоја задача е приказна за себе, како загатка која предизвикува да се докажуваш, да го измериш своето знаење. Годинава, гарантирано не се враќам од Олимпијада без меѓународен триумф – вели Николоски.

Сите ги држат палците за среќа на Стефан, да му се отвори мозокот блиску до генијалец и да ги фрли во сенка ривалите од целиот свет. Не беа помалку успешни и останатите тројца гимназијалци, жртвувајќи го слободното време во името на страста кон математиката. Гимназијата може со задоволство да се гордее на достигнувањата на своите ученици.

Loading