МИСИРКОВ НАРЕЗОК

ivce1Убаво подредена продавница. Богат избор на прехранбени артикли. На еден рафт забележуваме конзерви кои до сега не сме ги виделе. Не се произведени во Македонија, но етикетата е напишана на македонски јазик. На конзервите пишува – МИСИРКОВ НАРЕЗОК. Многупати сме слушале дека производителот е должен на амбалажата да ги напише сите карактеристики на производот. Рокот на траење и се друго што е неопходно. Треба да биде напишано на македонски јазик. Производните фирми плаќаат лектори за оваа намена. МИСИРКОВ НАРЕЗОК (името на производот) е најверојатно дело на лекторот. Српската именка НАРЕЗАК е преведена како – НАРЕЗОК. Може така. Штом имаме глагол РЕЖЕ (нарежува) може да се формира именка НАРЕЗОК. Разликата со српското НАРЕЗАК е само во суфиксот, таму е АК , кај нас е ОК. Но, како ја измислил лекторот придавката МИСИРКОВ? МИСИРКОВ НАРЕЗОК! Од која именка ја произвел таа придавка? Најверојатно од именката МИСИРКА. Но, тоа е именка од женски род, па според тоа придавката треба да гласи МИСИРКИН, МИСИРКИН НАРЕЗОК! Месото би било МИСИРКИНО (не мисирково) како што е ЕРЕБИЧИНО, ГУСКИНО, ПАЈКИНО и така натаму. Ако пак сакале придавката да ја изведат од именката од машки род МИСИР, тогаш треба да гласи МИСИРОВ, а не МИСИРКОВ, како што од гусак би било ГУСАКОВ, од патор – ПАТОРОВ и слично. Значи, колку и да е вкусно месото од конзервата, името е невкусно. Неможе да биде МИСИРКОВ, туку МИСИРКИН НАРЕЗОК.

Еве и друга продавница. Новоотворена. Шеткаме, ја разгледуваме. Ни го привлече вниманието фрижидерот со замрзнати производи. На едниот крај, со убави црни букви на жолта подлога, пишува – БАТАЦИ. Веднаш до него – КАРАБАТАЦИ. Продавачките подредуваат, ги упатуваат муштериите, љубезно се однесуваат. Според работата што ја извршуваат, заклучивме која од нив е шеф на продавницата. И се обративме. Покажавме на натписот БАТАЦИ и ја прашуваме:

Што се тоа батаци ?

Копани, – одговара девојката.

Ами ова – карабатаци ?-– прашуваме.

Наткопани, тоа се наткопани!

Ами тогаш, зошто не пишува КОПАНИ и НАТКОПАНИ, туку БАТАЦИ и КАРАБАТАЦИ? – ја прашуваме девојката

А тоа? Па, така ги викале во Битола. Тоа се битолски производи.

Девојката вади од пакетчињата и ни покажува дека така пишува и на оригиналната амбалажа и вели:

Знаете, неможеме да поправаме. Како што е на оригиналот така пишуваме и ние.

Не знаевме што да и одговориме. А уште повеќе не можеме да најдеме одговор, зошто е тоа така, зошто се прави таква грешка. А не е точно дека така ги викале во Битола. Тие именки се преземени во поново време, како “помодерни”. Таков е случајот и со КРТИНАТА. И на прилепските месарници читаме натписи КРТИНА, наместо УДИНА. Тоа не е дека во Прилеп така се вика. И тоа е резултат на некое немотивирано помодарство.

Растел курсот на американскиот долар. Луѓето што имале банкарски депозити во евра сакале да ги заменат со долари. Наместо во евра сакаат да штедат во долари. За овој проблем зборува една новинарка. Во еден момент вели: “Народот нагрнува во штедилниците”. И другпат сме ја слушале оваа грешка – НАГРНУВА. А зошто? Па имаме наш збор, можеби и повеќе зборови со тоа значење. Можеме да речеме дека народот НАВАЛУВА, а уште подобро и поточно е ако речеме дека НАГРВАЛУВА. Овој збор ретко го слушаме, а тој најмногу одговара да се употреби во ваквите ситуации.

Некое дете сакало многу да чита. Новинарката го прашува: “Многу те интересира или читаш онака ради реда?“. РАДИ РЕДА! Ова е навистина без коментар.

Loading