НИШТО НЕ Е СЕНЗАЦИЈА

Жито Прилеп

Женскиот ракомет одамна е втурнат во бездна и ништо не претставува сензација. Во неделата, Жито Прилеп дома загуби со 22-50 од Металург. Сличен пораз во 1994 година имаше Тутунски, кој од Кометал загуби со 50-0. Вакви порази не се само порази на Прилеп, туку и на Македонија. Квалитетот е концентриран во главниот град, со еден – два моќни клуба, а за внатрешноста не се води сметка. Затоа нема кој да игра за репрезентацијата и таа почна да губи од најслабите.

За Жито Прилеп е добро што воопшто постои. За голата егзистенција има причини во своите редови. Во суперлигашкото првенство има заостанати мечеви со Пелистер и Вардар. На ред е Вардар СЦБТ, а викендов претстои Купот. И врз база на ова натпреварување се гледа бедната слика за овој спорт. Од цела држава пријавени се само 11 екипи! Жито Прилеп е во третата група, каде прв противник го има Кичево, а ако го совлада ќе се сретне со Пелистер. Победникот влегува во полуфиналето од Купот на Македонија.

Loading