Премиера в недела на ,,Како се станува цар“
Нова претстава за деца под името “Како се станува цар” ќе изведе дел од ансамблот на театарот в недела во 11 часот. Текстот е на Афродита Кирјаковска, а режијата е на Кирил Петрески.
Режисерот со нетрпение ја чека реакцијата на публиката, затоа што со актерската екипа минале возбудлива креативна авантура.
Текстот е напишан во стих и ги мобилизира сите субјекти на театарскиот чин.
– Приказната е сместена во светот на инсектите на дворецот на Царот Дувниветре, при што се раскажува потребата од човечките вредности, љубов, другарство, дарежливост, искреност – вели режисерот.
Со силен мотив, енергија и возбуда се подготвувала претставата. – Се отвори море од идеи и не заплисна бран од фантазија и слобода. Ако сме работеле со радост, тогаш актерската позитивна енергија ја префрла “рампата” и допира до децата – додава Петрески.
Играат: Најдо Тодески, Виолета Чакарова, Зоран Иваноски, Марија С. Илијоска, Наташа Наумоска, Ангела Наумоска, Димитар Георгиевски и Михајло Миленкоски.