КУЈНИ ПО МЕРАК ЗА СЕЧИЈ ЏЕБ

Еко трејд ентериери

Tocniot rok na izrabotka e najbiten - Branko MarkoskiБранко Маркоски се школувал дури во Сараево за  заботехничар, дипломирал на економија, и на крај, одговор на егзистенцијалното прашање пронашол во своето хоби, уредување на станбен и деловен простор. На предлог од другарите, со нивните алати изработил 2-3 масички. Веднаш ги продал, инаку ќе се откажел. Тргнал од масички, па изработувал и кујни, за што денес е најпознат. Со првите неколку дизајни и изработки на кујни се пробил во бизнис водите. Веќе 16 години егзистира со фирмата Еко трејд ентериери. Покрај комплетно уредување на станбен и деловен простор по мерка и желба на муштеријата, нуди и дизајнирање на кујни, спални, детски, предсобја, комоди, плакари, со достава и монтажа. Понудата ја збогатува и со предлог за електрична инсталација, иако не е во неговиот домен. Единствен е во градов што изработувал школски табли.

– Нужна е флексибилност. Не одам само за кујна. На муштеријата му е потребна и помош, укажување што му одговара, што не. Често  оставаат да ги снабдам и со бела техника – од фрижидер до микробранова по мој избор. Буквално комплетно уредување. Најмногу се “трошат” кујни и спални. Често младите двојки ги задоволуваат домашните потреби со парите од “баци рака”, а другото како луксуз или понеприоритетна работа. Одам за мали преправки и за поситни изработки како рафтови, масички, комоди, оти “тапанот чука и за мала и за голема невеста” – вели сопственикот Бранко Маркоски.

Дизајнерските и иновативните способности смета дека му се вродени, оти од нигде-никаде, уште од дете се интересирал. Занаетот барал стручност, знаење, педантност, иновативност. Низ годините се усовршил, посетувал и стручни семинари и саеми за ентериери во Белград, Пловдив, Атина и Скопје. Покрај квалитет, одлика му е запазување на точен рок на изработка. Стандардна кујна сработувал максимум за 15 дена. Секој што се обратил, дошол по препорака од претходен муштерија, не бил изневерен или одбиен поради презафатеност. Изработува за сечиј џеб и вкус и се гордее на пријателството со сите клиенти.

– Работава првин ми е хоби, а потоа и животна егзистенција. Ме исполнува задоволството на муштериите, а ќефот ми е уште поголем оти со сите сум станал пријател. За рокот на изработка нема мрдање. Го запазувам, најбитен е покрај квалитетот. Многу мајстори “паѓаат” што го погазуваат сопствениот збор. Така губат поени кај муштериите. Често прашуваат за гаранција и секогаш велам дури сум жив. Редовно стојам зад сработеното и ако се јави проблем, го средувам. Ако не беа задоволни, немаше да опстојам овие години – додава Маркоски.

Изработките се од најсовремени материјали од повеќе класи на медијапан како високо сјајен, фурнирани, шприцан, облагородена плоча од иверки, АБС систем. Бојата е избор. Од каталог може да се најде  колор и сјајност од 20-100 отсто, а може и безсјајни. Добриот глас се слушнал надалеку. Дури во соседните градови, каде ги изработувал и катастрите како под изведувач. Уредува станбени и деловни простори и во Крушево, Демир Хисар, Битола, а по потреба и за пограничните градови во Грција.

– Изработувам од најефтини до врвни материјали. Воопшто не е лесен занаетот. Бара психо-физичка способност. Најтешко е да го убедиш муштеријата, но после со квалитетно сработено ќе ја оправдаш довербата. Се трудам да не заостанувам зад трендовите, оти ќе ме прегази времето. И редовно ги прашувам дали се задоволни – кажува Маркоски.

Иако се уште мали, по неговите стапки изгледа ќе тргнат и двајцата синови, кои во него гледале идол и сакале да чепкаат во работилницата. Не ја исклучува можноста да го прошири бизнисот. 

Loading