ЗАМИНАА 536 РАБОТНИЦИ СО 7 МИЛИОНИ ЕВРА

Во Тутунскиот комбинат

Со доброволно заминување на последната група од стотина работници како технолошки вишок од Тутунскиот комбинат, компанијата се ослободи од прервработеноста на вкупно 536 вработени. Во Комбинатот сега се ангажирани околу 430 работници и се создадени околности за стабилизација и профитабилно работење.

– Средствата беа обезбедени од Фонд за подобрување на продуктивноста според договорот со стратегискиот партнер Филип Морис. Процесот заврши на задоволство на вработените и на компанијата, зашто заминувањето беше доброволно. Дел од работниците заминаа со 15 илјади евра отпремнина. На работниците им исплативме седум милиони евра во зависност од возраста, височината на платата и работниот стаж, плус персоналниот данок во нето износ од околу 11 отсто. Со тоа ги намаливме трошоците за три милиони евра годишно Комбинатот може полесно да плови кон консолидација – изјави Александар Дерменџиев, генералниот директор на Тутунскиот комбинат.

Според него, ефектот ќе беше поголем ако процесот завршеше до крајот на 2014 година, но и вака резулатите се позитивни.

Инаку, Тутунскиот комбинат и стратегискиот партнер Филип Морис веќе соработуваат во продукцијата на цигари и во секторот обработка на суровиот тутун. Според договорот, двете компании лани ја создадоа заедничката фирма Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп, во која Американците имаат 51 отсто. Новото претпријатие ја води продажбата и маркетингот во Македонија на дел од палетата на Филип Морис и целата палета на цигари на Тутунскиот комбината. Во рамките на договорот е и продукцијата дел од брендовите на Филип Морис во фабриката за цигари на Тутунскиот комбинат. Стратегискиот партнер веќе инсталира две машини во Комбинатот да ги прошири форматите на цигари на Филип Морис. Според  наши извори, не е исклучено на новите машини да се произведува и популарното Марлборо. Дознаваме дека според договорот, Филип Морис има преземено обврска годишно да купува околу две илјади тони одредени квалитети ферментиран тутун од ориенталниот тип Прилеп, што е околу 66 отсто од годишно откупените количества на Комбинатот.

Државата е сопственик на над 80 отсто од акциите на Тутунскиот комбинат. 

Љ.М.

Loading