ПРИЈАТЕЛСТВОТО И БИЗНИСОТ ПОД РАКА

Авто Роки

Prepoznatlivi po kvalitetot i pristapnata cena - Robert Makaloski megju vraboteniteДругарите од времето, Роберт Макалоски и Кире Талески, се здружиле во бизнисот, решавајќи да ја пробаат среќата со дуќан за авто делови “Авто Роки”. Нови се во светот на авто деловите, но полека муштериите ги откриваат. Почнале со скромен асортиман, но полека ја зголемуваат понудата од различни добавувачи од земјава и странство. Не може да се помине во “авто уличката” на Чумовчанец, без да се забележи “Роки” опремен од “глава до пети” со секакви видови на авто делови и козметика. Претежно се ориентирани на авто делови за лесни возила од брендовите Ина, Оптимал, Камока, Фленор, Контитеч, Шампион, Лукас за марките автомобили Фолцваген, Опел, Форд, Ауди, Шкода, Сеат и др. Нудат и авто козметика и адитиви, односно авто гуми, моторни масла Феурол, Тотал, Елф, Арал, Селениа, па дури и акумулатори од марките Топла Ексајт, Весна, што инаку се реткост.

– Работата бара познавање. Занает е. Не се учи наеднаш, туку со време, постојано се надоградуваш и усовршуваш. Нужно е постојано да се следат трендовите, да се гледа какви автомобили се возат, па така и да ја насочиме понудата, да им излеземе во пресрет на муштериите – вели Макалоски.

Иако се “новајлии” во трговијата, веќе стекнале постојани муштерии. Ги “освојуваат симпатиите” со постојаното освежување на асортиманот, нудејќи квалитет, порачки во секое време и испорака на производите во најкус можен рок. А се и ефтини. Привлекуваат муштериите пак и пак да свратат и да го “подноват” автомобилот или да го “нашминкаат” со нова авто козметика. И локацијата го направила своето. Пристапна е, со простор за паркинг. На пат се, па често им навратуваат и од Битола, Крушево, од Долнени, од целиот регион.

– Силна е конкуренцијата, но добро е и сме задоволни за почеток. Како во уличката за цвеќиња в чаршија, едно до едно се наредени дуќани за авто делови. Тоа е позитивно. Секој со к’сметот. Колку повеќе, толку подобар квалитет и избор. Муштериите постепено се навикнуваат на нас. Се носиме со товарот на времето. Од ден на ден ја прошируваме понудата. Досега, двапати ист дел да се побара, а да нема, не се случило. Еднаш го бараш, другиот ден го има. По потреба вршиме и достава до муштериите. Дури и ноќно време, оти не знаеш кога некој ќе остане дефект на патот – кажува Талески.

Велат дека другарството го јакне и бизнисот, па меѓусебно се дополнуваат. И тие, и тројцата вработени, се потпирааат на 15 годишното искуство на Златко Јосифоски, кој им е небаре инструктор за проблематиката со автомобили. Направиле спој на идеите на младите со искуството на постарите, услужувајќи ги возачите, наоѓајќи им се кога се во неволја и помагајќи им при изборот на марката и типот на авто деловите и другите артикли. По потреба вршат дополнителни порачки, кои дури и за неколку саати стасуваат до муштеријата.

– Постојано ја следиме разноликоста на возниот парк, трендот на нови и половни автомобили. Времето диктира. Зимскиов период се трошат гуми, синџири и антифриз – вели Макалоски.

Двајцата партнери се максимално посветени, водејќи сметка за потребите на потрошувачите, ставајќи ги квалитетот и цената како водилка за напредок.

Loading