ПОЛНОЛЕТСТВО НА БИЗНИСОТ

Рома – бутик за чевли

So upornost se unapreduva biznisot -   Viktor i Riste LapceskiЉубовта за трговија со чевли Ристе Лапчески ја наследил од сопругата која работела во некогашната продавница Обуќа. Потпирајќи се на стекнатото искуство како набљудувач, пред 18 години се впуштил во бизнис водите, отворајќи го бутикот за чевли Рома. Почнале со италијански чевли, но оти биле скапи и тешки за набавка, се преориентирале на домашни производители. Соработуваат со најпознатите македонски компании и се единствени застапници во градов за кумановската фабрика Биана трејд. Муштериите ги препознаваат како дуќан во кој може да се најдат квалитетни и модерни модели од кожа. Веќе 9 години, бизнисот го менаџира младиот наследник Виктор.

– И претходно помагав, “поседував” во дуќанот, му раскревав кутии за чевли на татко ми. Отсекогаш ме влечеше бизнисов, оти и мајка ми и татко ми се занимаваа со ваква дејност. И мене ме “префатија” и ги наследив. Мајка ми беше продавачка, но дојдоа подобри денови и станавме стопани на свое – вели младиот Лапчески.

11024813 10204676423285219 1706755943 oОриентирани се повеќе на женски модели, но располагаат и со избор на машки чевли. Наскоро ќе воведат и детски обувки. Речиси 90 отсто од производите се кожни. Имаат редовни муштерии со години, претежно на возраст над 30 години, кои сакаат квалитет и класични модели. Љубезноста им е на прво место. Се случува и од ручек да станат, оти не е важен залакот, битно е луѓето да бидат услужени и задоволни.

– Припадничките на понежниот пол се поголеми потрошувачи, оти сакаат почесто да менуваат чевли за разлика од мажите. Секоја сезона купуваат нови модели. Креациите на Биана се водечки. Застапени се од 80-90 отсто во асортиманот, заради квалитетот кое трае 4 години. Секој производ има декларација. Некои потрошувачи не бркаат мода. Сакаат функционални и удобни обувки – вели Виктор.

Признаваат дека локацијата им е како “7 на лото”. На улица, со раскошен и богат излог кој е магнет и “рај” за око. Привлекле купувачи од Крушево, Кичевско, Битола, Охрид, Демир Хисар. И странци често знаат да земат по 2-3 чифта чевли. 

11028180 10204676423765231 91761290 oУпорни се во бизнисот. Се трудат да опстанат на пазарот, постојано вложувајќи во фирмата. Куселе од домот, дуќанот да собере поголема понуда. Не помислуваат да изложат кинеска стока. Задоволството на муштеријата од квалитетот и трајноста на чевелот, ги бодри да се борат.

– Има – нема муштерии и готов бев да го затворам дуќанот. Си реков, “Што ќе прави синот?”. Ме поткрепи мислата дека овде сме навлезени и најдобро умееме со трговијата со чевли. Со кинеските обувки се “врви” најдобро, оти се  бара поефтино, а и се прави најголем обрт. Не се битни само парите, туку важна е борбата за муштерии со добри производи. Не бараме обрт, купи-продај. Квалитетот не смее да се деградира. Тој ја диктира цената. Макотрпно, со упорност се издржува. Тешки се времињата, но штом влегла работата во крвта, ќе се трудиш, ќе се мачиш и нема откажување. Нужен е оптимизам. Барем кирија не плаќаме, па се опстанува – додава Ристе, познат како Ице.

Пред година ипол го прошириле дуќанот. Таткото и синот заедно ги уредуваат рафтовите и излозите. Се надополнуваат со идеите и предлозите за набавка на нови модели на чевли за бутикот Рома.

Loading