КОЈ КОМУ ЌЕ ПОБАРА ПРОШКА ЗА ПРОЧКА

Простувањето ја олеснува душата

Секое живо суштество греши, некој помалку, некој повеќе. Големината на човекот не е во тоа што помалку да греши, туку во покајувањето и во неповторувањето на грешките. Ние сме со духот на Прочка, со дух на проштевањето, оти кому сé не сме му простиле и кој сé нам нé ни простил и покрај сé. Простувањето е по примерот на Бог, а токму празникот Прочка или Велики Поклади означува ден на меѓусебно безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето. Ден кога и небото í простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Прочка е духовна метла со која ја чистиме душата од гревови. Се слави искрената и пожртвувана љубов, оставајќи го злото зад себе и живеејќи во мир со себе си и со ближните и подготвени, со чиста мисла да влеземе во Велигденскиот пост.

Според адетот, помладот бара прошка од постариот, синот пристапува кај таткото, братот кај братот си, ќерката кај мајка си, снаата кај свекрвата, сестрата кај сестра си, сопругата кај сопругот и секој секому му вели “Прости ми”, за  постариот да возврати “Простено да ти е од мене и од Бога”. И така секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и обратно.

Екипата на Зенит се вмеша меѓу граѓаните, “ѕиркајќи” во нивните души, наведувајќи ги да помислат на “смелост” да побараат прошка и кому ќе имаат срце да им простат со прашањето “Кој на кого ќе му прости в недела?”. Некој немал за што да бара прошка, друг како постар очекува само да простува, но мнозинството се сложи дека помладиот е тој што бара прошка од постариот и дека треба на сите простено да им е.  

GrozdaГрозда: На  “газдата” ќе му простам. Ќе се опра тогаш рабојчето.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

SlobodankaСлободанка: И на политичарите ќе им простиме ако направиле грешки. Оти сите грешиме и сите еден со друг мораме да си простиме. На најмилите ќе им простиме. На сите.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Biljana PetreskaБилјана Петреска: Господ треба да ни прости на сите, оти сите сме луѓе и сите грешиме.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Melani PanoskaМелани Паноска: Ќе му простам на родителите, на сестрите. Па и на дечкото. И ќе побарам прошка, оти се бара од постарите да ни простат што сме им згрешиле.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

JadrankaЈадранка: ќе му простам на тој што ми згрешил. Простувам. Ама тоа не значи дека сакам да се повторат грешките. Мислам дека слабо правам грешки, па нема да побарам прошка.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Stefan BumbaroskiСтефан Бумбароски: На сите, иако никој ми нема згрешено нешто посебно. Се надевам и мене сите ќе ми простат, да биде возвратено.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

NikolinaНиколина: На бившиот, оти ме изневери и ме лажеше. Па сега би му простила оти е минато.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Nikolina Sidoroska DebreslioskaНиколина Сидороска Дебрешлиоска: На сите што ќе бараат прошка. А ќе побарам од сите постари и од помалите, ако сум им згрешила, оти сите грешаваме.

 

 

 

 

 

 

 

 

Tatijana RisteskaТатјана Ристеска: На домашните. Мажот ми ќе ми прости. Ако има некоја грешка, мора да ја поправиме, да се простиме тој ден. Затоа е и празникот.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Mile MiceskiМиле Мицески: На децата ќе им простиме. Ај постариве заминаа веќе. Децата културни ми се, ми даваат прошка.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Kristijan BoskoskiКристијан Бошкоски: На никого нема да му простам. Ама ќе побарам прошка од мајка ми и татко ми, како помал.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Sara DaskaloskaСара Даскалоска: На најблиските и на другарките. И јас од нив ќе побарам прошка. Дека ми згрешил не, дека сум згрешила, може.   

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Milena NedelkoskaМилена Неделкоска: На цела фамилија. А од другарката Сара ќе побарам прошка за сé досега што í сум згрешила.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Viktorija AdzioskaВикторија Аџиоска: На момчето. Ќе побарам прошка од сите.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Mitre DragutinoskiМитре Драгутиноски: На сите постари од мене, роднини, пријатели. А ќе побарам прошка од помалите, од внуците. А и од девојката, таа треба да ми прости, оти е помала.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Monika SokoleskaМоника Соколеска: На сопругот. Нема да побарам од никого прошка, оти никому немам згрешено па да ми прости.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Gordana StojceskaГордана Стојческа: На постарите ќе им простиме. Родители немаме за жал, сите се починати. Прво на гробишта кај починатите, па после и кај живите. Баба сум и ќе чекам децата да побараат прошка.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Boris TrajkovБорис Трајков: Никој ми нема згрешено, нема на кого да му простам. Ако сметам дека сум згрешил, секако ќе побарам прошка.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Bobi DimitrioskiБоби Димитриоски: Само на мајка ми. И од неа ќе побарам прошка.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Zoran Ivanoski so kerkata NataliЗоран Иваноски: На сите, оти кој сака доброволно може да ми побара прошка. Од секому ќе барам прошка. Таков е редот.           

 

 

 

 

 

 

 

 

Mare IlioskaМаре Илиоска: На никој не му простувам, освен на постарите. Од ќерките ќе побарам прошка ако сум им згрешила.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Gordana KoteskaГордана Котеска: Од постарите, на мајка ми и на сопругот. А внуците, снаата, синот мене ќе ми простат, млади се.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Donka StepanuleskaДонка Степанулеска: На ќерката и на сите што ќе дојдат за Прочка. Немам од кого да барам прошка, освен ако појдиме кај браќата, кај сестрата. Од секого се бара, не само од помалите, туку и од постарите.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Hristina StevanoskaХристина Стеваноска: На мајка ми и татко ми, на свекор ми и свекрва ми, па и на колешките од Витаминка. И од нив ќе побарам прошка, така едни со други ќе си простиме.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Goce SiljanoskiГоце Силјаноски: На сите им проштевам, иако претежно никој не прашува за простување, освен фамилијата. Само од мајка ми ќе побарам прошка, од никој друг не барам, само простувам.

 

   

 

 

Fance NasoskaФанче Насоска: На родителите сигурно и на тие што ми згрешиле, ако ми побараат прошка. Од мајка ми и татко ми, од тетките ќе побарам прошка.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Robert ZikoskiРоберт Жикоски: Ќе побарам прошка од мајка ми и сестра ми. Никој не ми згрешил, така да, не очекувам некој да ми побара да му простам.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Vasilka MladenoskaВасилка Младеноска: Немам некоја грешка за простување, оти не сум таков тип што намерно греши. Инаку, секој што смета дека сум му направила грешка, нека ми прости.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Julijana IvanoskaЈулијана Иваноска: На постарите ќе им проштевам. На девери, золви, оти мајка, татко немам. Не барам прошка, кој има нека се простува.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Suzana StankoskaСузана Станкоска: На мајка ми, на сестра ми, на зет ми, на свекор ми и свекрва ми. Ќе побарам прошка од сопругот, оти помала сум.  

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Vera BinoskaВера Биноска: Не знам некому да сум му згрешила или да ми има посебно згрешено. Инаку би простила во секој случај. 

Нема поблагородно чувство за душата од проштевањето, оти тоа го поттикнува добродателството. Тоа е блажена состојба на душевна радост. Прости му целосно и сé, оти тоа е вистинско дело на љубов, кога ги бришеш сите навреди, лаги и клевети и душата, и твојата и другата, ја растоваруваш од голема тежина.

Loading