НОВ ЛЕБ, А ПО СТАРСКИ ТЕРТИП

Лукамик       

Prepoznatilivi po kvlaitetot - Robert i Gabriela Bilbiloski TaseskiПекарницата Лукамик само што ги пушти никулците. Сопствениците Габриела и Роберт Тасески, познати во трговијата со прехранбени продукти, решиле да ја пробаат среќата и во производството. Тргнале со мислата да обезбедат леб за фамилијарните маркети како нивни сигурни потрошувачи. Идејата им дошла, со оглед дека имале и “готов” објект за фурна, а потребата за леб е основна. По долго истражување на интернет за пазарот и од разговори со пријатели и соработници, Габриела се охрабрила и добила грант, со чија помош ги направила првичните сметки на производи, на трошоци и опрема. Бидејќи немале познавања од пекарството, вработиле фурнаџии, обезбедувајќи егзистенција уште на 5 други фамилии.

– Од искуството со дуќаните, откривме дека нема сериозност со фурните за навремена достава на пресен леб, а од друга страна имавме гаранција за сигурен пласман. Секој почеток е тежок. Кога си нов, првин треба потрошувачот да го “кандисаш”. Дури да се проба е тешкото, а сега муштериите чекаат ред за топол леб. Битно е потрошувачот да биде задоволен со основната потреба за леб – вели Грабриела Билбилоска Тасеска, која е управител на пекарницата.

Бел леб во форма на векни и тркалезен, се пече на дрва во ѕиданата фурна на пекарницата Лукамик. Лебот е без адитиви, и се подготвува на традиционален, “старски” начин со “отстоен” квасец. Процесот е механизиран, при што исклучен е допир на човечка рака. Со тоа се добива квалитет, се почитуваат хигиенските норми и се прецизира тежината. И цената не е различна од останатите фурни, но тежината е точно 550 грама. Вадат леб двапати дневно, по 130 парчиња од фурна. Го разнесуваат по колонијалните дуќани на сабајле и напладне.

– Растрчуваме за разни ситници, постојано сме во пекарницата, иако директно не ги мешаме прстите во тестото. Им помагам на вработените за сé што имаат потреба. Без проблем ја вршам и дистрибуцијата. За чесна работа нема поделба на машка и женска. Би сакала да научам повеќе околу тестото. Брзо учам штом е нешто поврзано со бизнис – вели Габриела.

mehanizirna pekaraМерак им е да бидат препознатливи со поголем пласман како резултат на нивната макотрпна работа и добриот квалитет на лебот. Одлика во приодот во бизнисот им е сериозност и посветеност. Почнале со една смена, а “новостекната навика” кај муштериите по петнаесетина дена побарала побрзо темпо. Тргнале и со едно возило, потоа уште едно, а сега имаат потреба и од две нови возила, лебот да го дистрибуираат топол и точно на време. Задоволни се од пласманот. За кратко време се прошириле и надвор од градов, по околните села.

– Похигиенски, поолесната е работата со машините. Поточна е и количината на производите и подобар е квалитетот. Се штеди на расходи. На пример помалку се “расфрла” брашно, а лебот има точна тежина. Се стремиме да нé препознаваат по квалитет. Се надевам дека бизнисов ќе им го оставиме на децата,  иако сега Лука и Михаела имаат по 5 години – додава сопругот Роберт.

Планираат да го зголемат производството со нови видови на леб –  со сончоглед, сусам, црн леб. Ќе инсталираат индустриски печки што ќе бара воведување на уште една смена и поголем објект. 

Од први март воведуваат и програма за бели печива. 

Loading