ВО СЕЛАТА ДА СЕ ПИЕ ВОДА ОД ШИШЕ, А ВО ГРАДОТ ОД СЛАВИНИТЕ

Гоце Ингилизовдиректор на Центарот за јавно здравје

Normalizacija  na vodata za  nekolku dena,  no opasnosti od od bolesti so skok na temperaturite -  Goce IngilizovЕкипите на Центарот за јавно здравје остануваат секојдневно на теренот на поплавените подрачја, затоа што не се исклучени можностите здравствените проблеми да се зголемат во наредниот период. Првенствено ќе се работи на едукација на населението, како и на спроведување на сите превентивни мерки кои би помогнале да се сведат на минимум можностите за ширење на заразни болести.       

Каква е состојбата со здравствената исправност на водата во поплавените села кои се снабдуваат со вода за пиење од локалните водоводи?

Во изминатите 11 дена од страна на Центарот за јавно здравје, се земени околу 200 примероци на вода за пиење од поплавените подрачја, како од индивидуални станбени објекти така и од училиштата во тие села. Извршени се физичко – хемиски и бактериолошки испитувања на земените примероци. Во селата Канатларци, Ерековци, Тројкрсти, Чепигово, Кадино село, Мало Коњари, во првите примероци земени на 2.2.2015 г. имаше наод на бактериолошка контаминација на водата, како и зголемена матнотија под влијание на површинските води. Во останатите населени места, водата беше исправна со мали варијации во квалитетот при вонредни услови, кои беа во граници на законските прописи. Центарот за јавно здравје изминатите денови континуирано и без прекин, 24 часа, беше на терен, при што се земаа и анализираа примероци на вода, како од поплавените подрачја, така и од останатите населени места, без разлика дали водата е од локалните водоводи или од бунари. Со повлекувањето на водата од поплавените подрачја има значително подобрување на квалитетот на водата за пиење, така што резултатите од испитувањата, веќе одговараат на законските прописи, а во водите каде стопанисува ЈП Водовод и канализација, веќе има и резидуален хлор. Од страна на Водовод и канализација почна да се хлорира водата и во населените места Канатларци, Чепигово и Тројкрсти. Како превентивна мерка од наша страна е препорачано резидуалниот хлор во мрежата да се движи во граници од 0,5 до 1 мг./литар вода.Состојбата и понатаму се следи, (се чекаат 3 последователно исправни резултати, онаму каде водата беше неисправна), а мерката за превентивно превривање од 10 минути е и понатаму на сила. Истите мерки се преземаат и во населените места на Општина Кривогаштани и Долнени, како и во Општина Македонски Брод, Крушево и Пласница, каде нема значителни промени на квалитетот на водата за пиење.

Каква е здравствената исправност на водата што ја пијат прилепчани?

Водата од градскиот водовод, без разлика дали е по потекло од Регионалниот водовод Студенчица, или од градските извори, е здравствено исправна и безбедна за пиење. Таа се испитува секојдневно од мрежата, по однапред определен распоред, од дваесетина реони низ целиот град, како и од резервоарите и суровата вода пред хлорирање, односно, на годишно ниво, околу 1100 примероци на вода се испитуваат од градскиот водовод во Прилеп.

Што треба да направат жителите од селата за да пијат здрава вода и да не се изложуваат на опасности од заболувања?

Сега во овие услови, кога постои можност за контаминација на водата со површински води во поплавените подрачја, првенствено препорачуваме за пиење и лична хигиена да се користи пакувана вода, а доколку је нема тогаш препорачуваме водата во населените места да се преврива во времетраење од 10 минути, без разлика дали е по потекло од локалните водоводи, каде стопанисува водостопанско претпријатие или е од локални или индивидуални бунари. Онаму каде постојат локални водоводи, да се користи исклучиво таа вода и да се следат препораките на надлежните институции.

Со оглед на тоа што поголем дел од жителите во селата се снабдуваат од бунари, дали е можно излеаните води од реките да ги загадат подземните води и да станат ризични за пиење и за користење и за санитарни потреби?

Можноста за контаминација на подземните води постои, како на бунарите, така и на локалните водоводи, кои како изворишта имаат дупчени бунари. Затоа, како институција, сме постојано на терен, сега, а и во нормални услови испитуваме околу 1500 примероци на вода од населените места, на годишно ниво и ја следиме состојбата и ги препорачуваме претходно посочените мерки или други во зависност од состојбата на теренот и добиените резултати.

Дали може водата од селските водоводи да се користи за напојување на добитокот.

Онаму каде има докажано бактериолошко загадување на водата, препорачливо е да се преврива (евентуално да се дезинфицира со хлор) кога се дава на стоката, а не е опасно ако има само зголемена матнотија или електропроводливост, или некој друг неисправен хемиски параметер.

Дали сте имале слични искуства за да ве прашаме колку време ќе биде потребно водата од селските водоводи природно да се доведе до исправна состојба?

Ваквите појави со квалитетот и неисправните води се нормална ситуација при вакви неприлики и во нашата работа секојдневно се среќаваме со вакви или слични ситуации. Состојбата за неколку дена веќе е во нормала, така што очекуваме во наредните 7-10 дена, да се нормализира и квалитетот на водите за пиење да се движи во стандардните граници, како и до пред овие неприлики.

Поплавите постепено се смируваат, водите се враќаат во коритата, дали има опасност од болести на жителите поради остатоците од фекалии по дворовите и нивите…?

Населението во тие подрачја може да заболи од голем број заразни болести, пред сé, тука се мисли на цревните заразни болести како што се заразните проливи, цревен тифус, дизентерија, хепатит А и др. Во зависност од должината на инкубациониот период некои од овие заболувања можат да се јават и после еден месец од изложувањето на инфективниот агенс како на пример Хепатит А. Поради тоа што следува период на повисоки температури, очекуваме појава и на болести кои се пренесуваат преку вектори (комарци, крлежи) како на пример, маларија, туларемија, западно нилска треска и др. Со цел зачувување на здравјето, најважно е користење на исправна вода за пиење, редовно одржување на личната хигиена, посебно да се обрне внимание на хигиената на рацете кај децата кои се поосетливи на хемиски материи и микроорганизми на кои можат да бидат изложени, да не се конзумира храна која била во контакт со водата од поплавите, при чистењето и санирањето на штетите задолжително да се носат ракавици. При појава на одредени симптоми, висока температура, пролив, повраќање, слабост, главоболка, вртоглавица, црвенило по кожата, повреди по телото, веднаш да побараат лекарска помош.      

Loading