ГРАДИНА НА ПОКОЈНИЦИТЕ, А НЕ ПИСТА ЗА ФОРМУЛА

Liljana Purdeska SiljanoskaГолема прашина се крена околу активирањето на одлуката на ЈП Комуналец да наплаќа за влез на Новите градски гробишта со автомобил по 59 денари. Со свесно извадени елементи од контекст, се доби впечаток дека за да се влезе во гробиштата секој граѓанин ќе требало да плаќа по 59 денари. Иако одлуката мируваше четири години, активирањето од неколку дена е дочекано на “нож” со невкусни и малициозни интерпретации дека и за воздух се плаќа, дека арач се земал на секој чекор, дека се бара билет за  влез во гробиштата и слични тенденциозни алузии на добрата намера да се направи ред во движењето со автомобили по патеките, кои се главно за пешаците, а не за моторни возила.

Згора на тоа, “озлогласената” одлука небаре не ги препознава граѓаните кои е нужно да влезат во објектот со автомобил, како изнемоштени стари лица, луѓе со  телесен инвалидитет, болни, лицата со интелектуална попреченост и дел од погребните поворки, се разбира, со пропусница која може да се добие од Новите градски гробишта. Впрочем, влезот во гробиштата и не е и мачен, со оглед на тоа што објектот располога со обиколница и десетина врати и огромен простор за паркирање, така што не е тешко ниту напорно да се отпешачи некоја минута и да се оддаде почит, да се запали свеќа на местото каде се наоѓаат посмртните останки на блиските, роднините и пријателите.      

Под притисок на јавноста, Комуналец попушти и ја повлече одлуката од 2011 год. со која се одобри наплата од 50 денари без ДДВ, за влез со возило во Новите градски гробишта.

Комуналец информира дека наплатата е воведена не да собираат пари, туку да се постават норми на морално однесување во објект од ваков карактер, да се заштитат граѓаните кои пешки се движат и да не се доведе во опасност нивното здравје и живот. Се претендирало гробиштата да се доживуваа како парк полн со зеленило и спокој. Одлуката имала и тенденција на зачувување на инфраструктурата и обезбедување на нормални околности за работа на одржување и чистење на работниците.

– Наплатата за возило беше предлог од  вработените на гробиштата, кои се судираа со проблеми. Одлуката е ставена вон сила, иако вработените сметаат дека повлекувањето не е во интерес и за потребата на граѓаните. Одлучивме да се респектира јавноста, не знаеме колкубројна, и проблемот пак да се стави на почетокот. Сега е нужно да се крене рампата за сите, па да се направи хаос или автопат од гробиштата и да се стават во опасност и граѓаните и работниците?! Дали е потребно да се забрани влез и да се прават непријатности на капијата и рампата? – прашува Лилјана Силјаноска Пурдеска, портпарол на Комуналец.

Таа објаснува дека во ниту еден град не се влегува со автомобил во гробиштата.

– Чудно е како за дел од граѓаните одлуката беше умна, зашто сметаат дека ем не ќе бидат загрозени да бидат подудрени од некој автомобил, ем ќе тихуваат на последното почитувалиште на своите во атмосфера на мир и тишина. Впрочем, како е можно одлуката да не биде товар за дел од граѓаните, кои ги респектираат поставените светски правила и ги паркираат возилата пред влезот. Како е можно некои да ги паркираат возилата до гробовите, да брмчат со запалени мотори, дури и да употребуваат сирени, со што ги дразнат незалечените рани и продлабочуваат нечија болка за семејната загуба – вели Силјаноска Пурдеска.

Таа сега претпоставува дека би се довеле во нееднаква положба граѓаните кои доаѓаат со такси, автобус или комбе, а кои ќе бидат оставени пред вратата.

– Сега би било можно и со комбе или автобус да се минува и да се застанува покрај секоја гробница. Зад превезот на јавноста се кријат ситни  интереси на поединци, кои мислевме дека ако воведеме наплата ќе се откажат од влегувањето. Затоа се нарече и времена мерка. За жал, иако се стремевме да се заштитат граѓаните и објектот преку инсталација на  дисциплинирано однесување, соодветно на функцијата на објектот, јавноста некогаш е посилна. Што е тука е, не се вреднуваат мислењата од стручните лица, па се случува водоводџијата да биде експерт за статика, а градежник за образование – завршува Силјаноска Пурдеска, додавајќи го прашањето зошто граѓаните не возат низ Старите градски гробишта.             

Loading