СО АВТОМОБИЛОТ НА БЕБА ЛОНЧАР НА НАТПРЕВАР

ВРЕМЕПЛОВ – СЛАВЕ ГИЧЕСКИ –  ГИНДА

Braka golmani - Slave, Kiro i Rade GiceskiНа прилепскиот фудбал Андон и Љуба Гически му подариле тројца синови и тројцата врвни голмани Киро, Славе и Раде. Во некогашниот второлигаш Победа, Славе Гически – Гинда, од тројцата браќа најдолго настапувал за овој клуб. Одграл 175 натпревари. Спортската кариера Гически ја почнува на 15 години во ракометниот спорт, кај наставникот Мице Лашкоски – Фајфо.

– Во 1955 година, мојот наставник по физичко воспитување ме покани да бидам голман во ракометната екипа на ДТВ “Партизан”. Првпат зачекорив во спортот. По еден натпревар ме викна Благојче Јорданоски – Шерифот, тогашен тренер на ФК Прилеп. Прифатив, но посакував да не останам, оти Победа ми беше преокупација – вели Гически, кој сакал да го продолжи патот на брат му Киро.

Дебитирал 1957 година во квалификации за МФЛ со Љуботен од Тетово. Малите клубови тешко успевале до повисок ранг. Но, по две години клубот успева да се најде во МФЛ. И конечно во Победа.

Нема прилепски фудбалер кој што не сонувал да одигра барем еден натпревар за постариот лигаш. Мечтаел за дресот со број еден на Победа, носен од Петар Костоски – Ракиџија, Благоја Момироски – Келтане, Веско Тофоски…

– Кога Победа ја презеде Моша Марјановиќ, директно од Италија во Прилеп, ме гледал како бранам за Прилеп. Ме ангажира. Имало Господ да го наследам брат ми Киро. Дебитирав против “Спартак” во Суботица – кажува Гически за силната конкуренција од Хаџивасилев и Тофоски.

Сепак успеал да се наметне и да брани на 16 натпревари, но заминал војска три години. Бранел во второлигашот Истра.

– Тренер на Истра, ме молеше да останам, но не го послушав. Во Пула допатува поранешниот тренер на Победа, Бела Илиќ, и ми нареди да се вратам во Прилеп, оти Победа требаше да игра квалификации со Ловќен од Цетиње. Немавме превоз да стигнеме побрзо и Бела ја позајми колата на популарната глумица Беба Лончар – се сеќава Гически.

Но пред 10.000 гледачи се играло 1:1.

– Во реваншот победивме 1:0, со голот на Борче Ангелески – Влашето и се вративме меѓу второлигашите. Игравме како во транс, не се знаеше кој е најдобар. Како да имав сто раце, одбранив и тоа што беше во мрежата. Игравме Димитров, Гарбески, Анески, Бошкоски, Крстески, Атанасоски, Ангелески, Конески, Велкоски и Василев – памети  Гинда.

За успехот примил награда од тогашни 200.000 динари, но разбрал дека соиграчи добиле половина.

– Му вратив на благајникот 100.000 динари, а тој остана подзинат од потегот. Не сакав да се делам – кажува пензионерот.  

Во спортот има радости и таги. Тагува за поразот од Раднички во Сомбор на прагот од Првата лига. Жали за поразот од Чукарички, пак на чекор до повисокиот ранг. Прокоцкан бил прволигашкиот статус. Проштален натпревар одиграл против Динамо од Врање.

– Официјално заминав на турнејата во Унгарија. Бевме гости на Шалготаријан. Одигравме пет натпревари, од кои три добивме и два загубивме, бранев како во најдобрите денови од кариерата – вели Гинда.

Потоа Победа го ангажирала за работа со голманите Грошев и Драган Димитровски.

ШЕСТМИНА БРАЌА – ТРОЈЦА ГОЛМАНИ

Било бројно семејството на Андон и Љуба Гически. Изродиле седум деца од кои 6 синови и една ќерка. Од шестемина, тројца, Киро, Славе и Раде биле извонредни и афирмирани голмани. Најстариот, Киро Гически (1927-1980), голманската кариера ја почнал во Гоце Делчев – Победа, во конкуренција на тројца извонредни чувари на голот, како Петар Костоски, Благоја Келтаноски и Перула Костоски. Неколку екипи од тогашната Прва лига на Југославија се интересирале за прилепските голмани. Најупорна била екипата на пилотите од Земун, ФК Наша Крила, која се определиле за најдобриот меѓу нив, за Киро Гически. Тој останал во Земун три години и кога ФК Работнички од Скопје се пласирал во Првата лига, Гически се вратил кај прволигашот Работнички и останал до крајот на својата фудбалска кариера.

Драги Башески

Loading